1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Deutschland Wahlplakate - Landtagswahl 2022 NRW
СПД ги има сите причини за загриженост (фото: шпиценкандидатот на СПД за изборите во Северна Рајна-Вестфалија, Томас Кучати и канцеларот Олаф Шолц)Фотографија: Revierfoto/dpa/picture alliance

„Семафор-коалицијата“' веќе не работи?

Кристоф Штрак
16 мај 2022

Изборите во германската покраина Северна Рајна-Вестфалија беа првиот вистински тест на расположението по смената на власта на сојузно ниво. СПД ги има сите причини за загриженост, смета Кристоф Штрак.

https://p.dw.com/p/4BM0k

Партијата на канцеларот падна на најниска точка. СПД помина полошо на изборите во Северна Рајна-Вестфалија од кога било досега во историјата на оваа германска покраина. По горчливиот пораз, социјалдемократите за првпат од 1947 година досега, на 18-те покраински избори во Северна Рајна-Вестфалија завршија со под 30 проценти освоени гласови. И тоа на најважните избори во Германија годинава. Традиционално, покраинските избори во Северна Рајна-Вестфалија важат за „мали сојузни избори“. Победници се демохристијаните на актуелниот покраински премиер Хендрик Вист, но и Зелените, со нивниот главен кандидат Мона Нојбаур. Зелените, со добри 18 проценти, постигнаа повеќе отколку на изборите во 2012 и 2017 година заедно.

Сега и покраинската влада во Северна Рајна-Вестфалија мора поинаку да се формира. Либералите (ФДП), кои беа еден од досегашните коалициони партнери, доживеаја тешки губитоци. Нивниот партиски лидер Кристијан Линднер зборуваше за „катастрофален резултат“ и тажна вечер.

Што сега?

Нема доволно гласови за црвено-зелена коалиција (СПД и Зелени). А, коалиција на социјалдемократите, зелените и либералите, по примерот на сојузната влада, покрај потресените либерали, би донесла и еден, благо речено, не баш популарен социјалдемократски премиер.

Сепак, факт е дека таква „семафор“ коалиција, формирана против најсилната пратеничка група (ЦДУ), би била можна. И во минатото имало случаи кога социјалдемократите, како втора сила во парламентот зад ЦДУ, ја преземале власта.

DW Sendung to the Point 11.6.2021 l Christoph Strack
Кристоф ШтракФотографија: DW

Но, победници на изборите се демохристијаните и Зелените. Ако се суди според исходот од изборите, тоа е прва коалиција која се нуди. И тоа не би било ништо невообичаено, ниту сензационално во германскиот партиски пејзаж. Во покраината Хесен овие две партии владеат цели осум години. Притоа, премиер е Фолкер Буфие од ЦДУ, кој важи за многу конзервативен. А, во покраината Баден Виртемберг веќе шест години на чело на зелено-црна коалиција е изразито конзервативниот зелен политичар Винфрид Кречман. Сега е многу можно и во Северна Рајна-Вестфалија, како и во покраината Шлезвиг Холштајн, каде избори имаше пред една недела, ЦДУ и Зелените да ја преземат власта. Тогаш таква политичка констелација би постоела во четири германски покраини, во кои живеат 38 од 83-те милиони жители на Германија.

Знак за тревога

Тоа секако ќе биде сигнал за тревога и кај сојузното раководство на социјалдемократите. Не станува збор само за медиумските неуспеси на канцеларот Шолц, туку и за министрите на кои им е тешко да ги совладаат задачите. Исто така, сега социјалдемократите треба да разговараат за една тешка, но неопходна тема - нивниот претходен и сегашен однос кон Русија.

Дали Северна Рајна-Вестфалија е подготвена за „црно-зелена“ влада? Оваа покраина е една од ретките покраини која поминала низ многу периоди на стагнација и нови економски почетоци, низ трансформации. Најпознат пример е напуштањето на експлоатацијата на камен јаглен, а нешто поактуелен е длабокиот раздор (токму меѓу ЦДУ и Зелените) околу затворањето на рудниците за лигнит.

Но, на градско и општинско ниво зелената и црната опција одамна е на власт. Градоначалниците во Бон и Менхенгладбах се од Зелените, а во Келн без Зелените немаше да биде избрана актуелната градоначалничка. Во други градови, како Диселдорф или Вупертал, има црно-зелени коалиции во градските совети. Со оглед на тоа што „автомобилската“ покраина Баден Виртемберг од 2016. живее добро со зелено-црна коалиција, која внимава на сите аспекти во таа покраина, таква одлука сега се чека и во Северна Рајна-Вестфалија. Доколку тоа се случи, тогаш црно-зелената комбинација би била моќна алтернатива за „семафор“ коалицијата.

Патем, овие избори го покажуваат брзиот напредок на Зелените кон статусот на „народна партија“. За победата секако придонесоа познатите политичари како Роберт Хабек, Аналена Бербок, па дури и Џем Ездемир. Но, Зелените на сојузно, покраинско и општинско ниво развија цел спектар теми и сè уште се натпросечно популарни кај помладите гласачи. Политичките системи главно имаат една или две големи, народни партии. Но три? Како и да е, времињата на зелената партија на екологисти и „добри луѓе“ изгледа се минато.

Лошиот резултат на Либералите, Алтернатива за Германија и Левица покажуваат дека е тешко кога се потпираш само на една целна група или се движиш во клишеа.

 

Прескокни го блокот Поврзани теми
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Нема никаква логика да се поврзе работата на Комисијата со измените на Законот за здруженија и фондации, вели Ѓоргиев

Законот за здруженија – „пречка“ за историската комисија?

Прескокни го блокот Повеќе теми
Врати се на почетната страница