Секс и корупциски скандали го тресат режимот на Орбан | Свет | DW | 12.10.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Секс и корупциски скандали го тресат режимот на Орбан

Локалните избори во Унгарија в недела би можеле да се претворат во своевиден референдум за владеењето на Орбан. Скандалот во кој се најде градоначалникот на Ѓер би можел да влијае на резултатот.

Ниту едни локални избори во историјата на посткомунистичка Унгарија немале толку големо симболичко значење како претстојните во недела на 13 октомври. Причината: Виктор Орбан од 2010 година на национално ниво има двотретинско мнозинство и неговата партија Фидес на локално ниво доминира речиси во целата држава. Сепак, досега поделената опозиција во бројни места настапува заедно. И во Будимпешта исто така. Таму заеднички кандидат на опозицијата е левичарскиот локален политичар Ѓерѓели Карачоњ, а според испитувањето на јавното мислење тој ужива иста поддршка како и актуелниот градоначалник од Фидес, Иштван Тарлош.
Доколку опозицијата победи со концептот на заеднички кандидати постои надеж дека надмоќта на Орбан во еден момент ќе се прекине.Доколку опозицијата загуби, тоа веројатно ќе биде крај на сегашната опозициска партиска слика. За Орбан, губењето на власта во Будимпешта и други поголеми градови би било голем симболички удар.

Валкана предизборна кампања

Оттука, не е чудо што Орбан и неговата Фидес водеа изразено нефер и валкана кампања во која унгарската политичка култура достигна ново дно. Опозициските кандидати беа малтретирани од страна на полицијата, нивните предизборни собири прекинувани од активисти на Фидес, додека владејачките политичари изнесуваат лаги за наводни планови во Унгарија масовно да се доселат мигранти. Дополнително: Орбан и неговата партија индиректно се заканија дека на градовите и општините во кои ќе победи опозицијата ќе им бидат одземени финансиските средства.
Но, сега се појави секс и корупциска афера за еден од најуспешните градоначалници од редовите на Фидес. Се работи за Жолт Боркаи, некогашниот олимписки победник во гимнастика кој е градоначалник на Ѓер. Пред неколку дена еден блогер објави секс видео снимки од Боркаи и информации за негови наводни корупциски махинации во градот. Порно филмовите кои потекнуваат од мај 2018 година, го прикажуваат Боркаи во оргии со проститутки на јахта на хрватското крајбрежје. Боркаи му се извини на своето семејство, но одбива да поднесе оставка. Оргиите на страна, снимките покажуваат и детали за енормното богатство на Боркаи. Според непотврдените обвинувања се работи за милиони евра кои од јавни сметки биле префрлани на офшор компании. Економскиот магазин ХВГ во последниот број објави бројни информации за мрежа на офшор компании од Луксембург и други земји блиски до Боркаи. Краците на аферата стигнуваат и до блиски соработници на премиерот Орбан.
„Аферата за Боркаи ја открива природата на системот на Орбан“, гласи заклучокот на магазинот ХГВ. Скандалот сега би можел да стане некој вид референдум за владејачката партија. Орбан засега молчи за скандалот, а зошто молчи објасни тој самиот на неодамнешниот Конгрес на Фидес:
„Во политиката е неопходна 11. (божја) заповед. Таа гласи: Не зборувај ништо лошо за својот партиски другар“.

DW.COM

Реклама