Секогаш има утре – и што тогаш? | Македонија | DW | 25.09.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Секогаш има утре – и што тогаш?

Помислуваат ли сервилните послушници на тоа што ги чека утре, кога власта ќе се промени, кога водачот ќе мора да отстапи? Секаде, па и во Македонија, сметките кога-тогаш ќе мора да се платат. Колумна на Зоран Јордановски

Една жена и три институции – Катица Јанева, МТВ, СЈО и македонскиот парламент - деновиве до крај соголено ја покажаа политичката реалност на државата и реалната ментална состојба на актерите во македонската политичко-судско-медиумска спрега. Интервјуто со Специјалниот јавен обвинител Катица Јанева требаше да ја претстави „новата“ МТВ, која програмски ќе се раководи од принципот Аudiatur et altera pars (кој, колку во правото, подеднакво е битен и во медиумите), односно да може да се слушне и другата страна. Тоа беше идејата со назначување привремен уредник на информативната програма во предизборниот период на предлог од дотогаш во известувањето запоставената опозиција. Беспредметноста на тој „успех“ на опозицијата во договорањето на услови за фер избори се потврди уште на првиот чекор – уредничкиот колегиум ан блок и јавно се дистанцира од потегот на привремениот уредник и од интервјуто. Така се потврдува и она на што укажав во текстот по договорот за избори – дека еден човек, макар и на важна шефовска позиција, не ќе може да излезе на крај со отпорот на цел инсталиран систем во јавниот сервис. А ова е само почеток. Тензиите допрва ќе растат со приближувањето на терминот на изборите. 

Jordanovski Zoran Kommentarbild App

Зоран Јордановски


Кртовиимедиумскилицемери

Појавувањето на снимката од немонтираниот видео-материјал од една страна е само продолжение на играта со подли средства, каква што впрочем беше и појавувањето на аудио-снимката од наводниот разговор на екс- и де факто-премиерот со гатачка. Веќе не се бираат средства во уништувачката политичка пресметка на два политички табора, кои не се прикажуваат како конкуренти, опоненти еден на друг, туку како душмани. Тоа дека во МТВ не можат да го откријат наводниот „крт“  кој им ја дал снимката на провладините медиумски курири, како што ги означува опозицијата, и не е изненадување: веројатно исто толку многу се потрудиле да го откријат како и на времето кога беше украден голем дел од продукцијата на јавниот сервис, за потоа да го видиме на програмата на првата, сега веќе непостоечка приватна телевизија, која беше основана токму во тоа време.
Апропо интервјуто, крајно лицемерна е критиката од фронтмен на провладина телевизија дека интервјуто било наместено, со договорени прашања. Та не беше ли истиот тој кој информативните емисии што самиот ги уредува ги означи како „куртон-вести“?! Простата аналогија дозволува во иста категорија да се стават и интервјуата направени од неговата и слични телевизии. Тогаш со кој ум критикува? Веројатно со истиот со кој членовите на уредничкиот колегиум на јавниот сервис се дистанцираа од нивниот привремен шеф: не е тука битен предметот на судирот, тој е само повод да се демонстрира верноста, приврзаноста и одбраната на инсталираниот систем на власт предводен со апсолутистички манири, со сите белези на криминален и корумпиран, како што произлегува од таканаречените „бомби“

.  
Случајноститевоправосудството

Истото тоа го демонстрираа правосудните органи и пратениците во парламентот. Редовните судови и обвинителства практикуваат речиси неприкриена саботажа на работата на СЈО штитејќи го системот, а не правните норми и законитоста. Замислете ја случајноста во изборот на судиите што треба да ги водат евентуалните процеси по првите две поднесени обвиненија од страна на СЈО, во кое едното се однесува директно на моќникот што го инсталира системот според неговото име означуван како „груевизам“. Замислете ја случајноста дека името на едната (обете се жени) се спомнува во „тефтерчето на Горде“ (списокот на подобни судии на Гордана Јанкулоска, поранешен министер за внатрешни работи), а на другата во снимките од илегалното прислушување. Замислете си ја случајноста дека таа (втората) како судија кој го добил предметот според метод на случаен избор, му го врати првото обвинение на СЈО „на доработка“ со аргументација која претходно не била проблем ако се во прашање обвинителни предлози од редовното обвинителство. Ако можете, замислете си; јас не можам да си замислам толку случајности во низа.  

Ималиграницинадостоинството?

И критиките, всушност нападите - помалку против извештајот за работата на СЈО, а повеќе против неговиот челник Катица Јанева – од страна на пратениците во парламентот (кои се – ако се? - избрани претставници на граѓаните и треба да ги штитат нивните интереси) можат да се гледаат како преносен начин на искажување на верноста кон системот и лидерот и нивна одбрана. Таквото декларирање има посебно значење во време на загрозеност – никој не сака јавно да биде првиот глушец кој го напушта бродот што тоне.
Но, мора да се има предвид и дека сите тие - пратеници, судии и обвинители, медиумски курири -

се дел од системот, негови поддржувачи и столбови. Од тој агол погледнато, поинакви реакции и не би можело да се очекуваат. Освен, се разбира, сето тоа да биде искажано на поинакво ниво на лична и посебно на политичка култура, но тоа во моментов во Македонија е мислена именка, нешто што допрва треба да се гради, во кое за сегашниве актери нема место. 
Човек не може да не се запраша: има ли некаде граница на човечкото достоинство? Во некои случаи дури и: имаат ли тие луѓе воопшто достоинство? Со својата безрезервна подршка на инсталираниот систем, со припадноста кон него, се елиминираат себе си за некое утрешно време. Сметките кога-тогаш ќе мора да се платат, срамот за улогата што ја одиграле во младата самостојна Македонија ќе го носат и нивни наредни поколенија. Помислуваат ли понекогаш за тоа?
А утре секако ќе дојде, дури и ако не биде на 11. декември.

 

 

DW.COM

Реклама