1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СДСМ ги враќа мандатите и се враќа на политиката на „отпор“

Катерина Блажевска1 мај 2014

Со едногласната одлука да ги врати 34-те пратенички мандати, опозицискиот СДСМ се определи да биде вонпарламентарна опозиција со нови форми на дејствување, кои ќе бидат договерени на следниот Конгрес.

https://p.dw.com/p/1BrwD
Фотографија: Petr Stojanovski

По цела ноќ дискусии зад затворени врати, ЦО на СДСМ во 4 часот утринава едногласно реши да ги врати 34-те пратенички мандати добиени на парламентарните избори, кои оваа опозициска партија соопшти дека не ги признава. На седницата, покрај другите членови, присуствувале претседатели на општинските организации на партијата, шефови на изборни штабови, пратениците од претходниот состав на парламентот, новоизбраните пратеници, како и претседателскиот кандидат, Стево Пендаровски, кој не е партиски член. По образложувањето на предлогот за враќање на мандатите од страна на лидерот на партијата, Зоран Заев, социјалдемократите отвориле дискусија во која ги проценувале придобивките и последиците од таква одлука. Според извори од ЦО, седницата поминала во атмосфера на жестоки дискусии, па и повисоки тонови. Дискусијата течела во две главни насоки. Прво, ако се делегитимира парламентот, зошто не се делегитимираат и други институции на власта каде СДСМ има свои претставници. Во тој контекст било предложено „да се прошири пакетот“ и од функците да се откажат и градоначалниците и советниците од СДСМ. Според дел од дискутантите, било неразбирливо што во време кога СДСМ не ги признава изборите и резултатите, во Државната изборна комисија се уште седат претседателот Никола Рилкоски и членот Виолета Дума, кои се именувани во тоа тело на предлог на СДСМ.

Mazedonien Wahlen Zoran Zaev April 2014
Зоран ЗаевФотографија: picture-alliance/dpa

Страв од купување на пратениците

На седницата било отворено и прашањето дали може да се гарантира дека зад одлуката за неприфаќање на мандатите со свој потпис ќе застанат сите 120 лица од пратеничките листи на СДСМ и дали некој од нив нема да прифати да го ефектуира пратеничкиот мандат. Особено, што дел од новоизбраните пратеници на СДСМ веќе добиле „непристојни понуди“ да ги задржат мандатите и да влезат во парламентот како независни или како пратеници на некои од партиите на владејачката коалиција. Дел од присутните упатиле и критика за дисконтинуитет во дејствувањето на партијата и го запрашале раководството зошто по настаните од 24 декември 2012 година ја критикувале „политиката на радикализација“, а откако мандатот во партијата го добиле за „политика на конструктивност“, сега повторно се враќаат на „корените на отпорот“.

Благоја Стојановски поранешен и новоизбран пратеник од Гази Баба, прв го отворил прашањето за одговорност на раководството, а потоа следеле и други. Членови на ЦО посочиле дека најголемата грешка е што не се истрајало во намерата да не се оди на избори без прочистен избирачки список и наивно се влегло во прифаќање на измени на Изборниот законик, кои суштински не донеле ништо во подобрувањето на принципите за фер и демократски избори.

По цела ноќ дискусии, во раните утрински часови, на гласање бил ставен само еден предлог – враќање на пратеничките мандати, кој едногласно бил прифатен, со образложение дека со нивно прифаќање само би и дале легитимитет на власта освоена преку системска кражба на гласови и на власт која ја оддалечува земјата од европска и просперитетна иднина.

На седницата било договорено веднаш да започнат подоготовки за одржување на Конгресот на 11 мај, на кој би биле договорени идните начини на дејствување на СДСМ како најголема вонпарламентарна партија. Според Статутот на партијата, во рок од 90 дена по изборен циклус раководството треба да даде отчет за изборниот резулатат и да му се гласа доверба.

Proteste in Skopje Mazedonien
Од СДСМ најавуваат дека ќе се вратат со нов концепт на политиката на „отпор“Фотографија: MIA

Загриженост од одлуката

Од ВМРО-ДПМНЕ денеска сѐ уште не се огласиле со оценка за одлуката на СДСМ. Последната сугестија, уште пред одржувањето седницата на ЦО на СДСМ, ја даде премиерот Никола Груевски.

„Одлуката на СДСМ да ги врати пратеничките мандати е одлука која е штетна за партијата, но и за цела Република Македонија. СДСМ се уште има време да ја преиспита својата одлука додека Парламентот не почне со работа“, рече Груевски.

Во ДУИ воздржано го коментираат потегот на социјалдемократите.

„Партиите имаат автономно право да си носат одлуки. Но, тоа истовремено подразбира и да ја сносат одговорноста за евентуалните реперкусии што таа одлука би можела да ги има за стабилноста и напредокот на државата и на граѓаните“, изјави за ДВ, портпаролот на ДУИ, Бујар Османи.

Павле Трајанов, лидер на Демократскиот Сојуз, партија која е дел од победничката коалиција на ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните избори, вели дека не постои уставна можност за „вакво враќање на мандатите“.

„Секој новоизбран пратеник на СДСМ мора лично да присуствува на конститутивната седница на Собранието и откако ќе му биде верификуван мандатот, тој со своја изјава треба да соопшти дека се откажува од него. Во однос на политичките последици, мислам дека најголемата штета од ваквата одлука ќе ја има СДСМ. Граѓаните ќе бидат лишени од избраниците за кои гласале да им ги застапуваат интересите во парламентот, а ова не е добро генерално за демократскиот амбиент во земјата. Не е добро Собранието да остане без опозиција, но одговорноста е нивна“, вели Трајанов.

Pavle Trajanov
Павле ТрајановФотографија: DW

Силата на опозицијата

Но, дилеми и загриженост стојат и зад едногласната одлуката на СДСМ за враќањето на мандатите. Според извори во ЦО, уште на седницата била евидентна искрена загриженост, поради фактот дека партија влегува во нова, многу драматична фаза, во која ќе бидат ставени на сериозен испит нејзината компактност, истрајност и политиката на дејствување.

Според дел од аналитичарите кои и претходно и даваа поддршка на ваквата идеја, ова е единствен логичен чекор, со кој ќе се покаже отпор против серијата изборни циклуси во кои се фалсификува волјата на гласачите. Според други, овој чекор води директно кон „политичка егзекуција“ на опозициската партија, откако таа претходно ќе влезе во длабока самоизолација. Според нив, уште по „црниот понеделник“ се покажало дека опозицијата нема ни капацитет ни осмислен концепт за отпор.

Од СДСМ категорично најавуваат дека ги увиделе тогашните грешки и дека овојпат ќе биде поинаку.

„Дури сега ќе се види вистинската сила на опозицијата. Ќе не нема во парламентот, но ќе не има секаде и многу повеќе од кога било досега “, најавуваат од партијата.