1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Computer Hack
Фотографија: Vernon Manlapaz

Руски хакери ја пробиле германската владина мрежа

ЕМФ / дв
1 март 2018

Сајбер-шпиони од руската група „АПТ28“ извршиле успешни напади врз германските министерства за надворешни работи и за одбрана. Министерството за внатрешни работи информираше дека работите се ставени под контрола.

https://p.dw.com/p/2tUyr

Проблемот е детектиран уште во декември, информира агенцијата ДПА. Во системите е уфрлен штетен софтвер, а напаѓачите украле и податоци. Во моментот кога германските власти го забележале нападот, тој бил во тек подолго време, можеби дури и цела година. Според претпоставките, зад групата „АПТ28“ се кријат голем број компјутерски стручњаци, но и вработени во руски владини институции. И хакерскиот напад врз германскиот Бундестаг во 2015 година, според сознанија на истрагата, оди на сметката на оваа група.

Повеќе:Жртви на сопствената наивност

Министерството за внатрешни работи го потврди нападот

Германското МВР го потврди нападот и соопшти дека „предмет на истрага е ИТ-безбедносен инцидент кој ги погаѓа информативната техника и мрежата на сојузните институции“. Истрагата ја води Сојузната служба за безбедност во информативната техника (БСИ). Одговорните во погодените институции се информирани и преземени се „соодветни мерки за расчистување и за заштита“, изјави портпарол на Министерството за внатрешни работи.

„Во рамките на Сојузната управа нападот е изолиран и ставен под контрола“, тврди портпаролот. Според него, БСИ има преземено мерки за заштита и за институциите кои не се погодени од хакерскиот напад. Според актуелните сознанија, нема погодени институции надвор од мрежата на Сојузната управа. „Зиддојче цајтунг“ пишува дека во секој случај имало напад во германското МНР.

Со хакерскиот напад е извршен упад во мрежата на Сојузната управа - Информативен сојуз Берлин-Бон (ИФББ) - се вели од безбедносни извори. Властите од декември прават напори да откријат колку длабоко хакерите навлегле во владината мрежа. Доколку е погодена целата мрежа со податоци на сојузно ниво, тоа би било еднакво на „катастрофа“, вели безбедносен експерт. Покрај БСИ и Сојузната служба за заштита на уставот, која е надлежна за одбрана од шпионажа, во расчистувањето на инцидентот е вклучена и тајната служба БНД.

Информативниот сојуз Берлин-Бон е платформа за комуникации на Сојузната управа која е добро заштитена од сајбер-напади. Корисници се Кабинетот на канцеларот, министерствата, Сојузната служба за финансиска контрола, како и безбедносни институции во Берлин, Бон и други места, но и Бундестагот и Бундесратот.

Symbolbild Cyber Sicherheit
Фотографија: Getty Images/L. Neal

По 20 напади неделно

Создавањето на ИФББ, која е одвоена од јавните мрежи, требаше да овозможи поголема безбедност. Цврсти докази дека „АПТ28“ е хакерска група управувана од страна на руската држава е тешко да се обезбедат, како впрочем во сите вакви случаи. Но, постојат индиции дека е така. На тоа укажуваат пред сѐ избраните цели за напад и серверите кои се употребуваат за напаѓање. Поранешните напади на „АПТ28“, на пример, беа насочени против НАТО, како и владини институции и новинари во источна Европа и на Кавказот. Сите тие се атрактивни цели за руските тајни служби.

Повеќе:САД ја обвинуваат Русија за хакерски напади

Германската влада, според сопствени наводи, дневно регистрира по околу 20 високо специјализирани хакерски напади на своите компјутери. Еден напад неделно има поврзаност со тајни служби, се вели од Владата. Освен тоа, постојано има знаци за обиди на руски шпиони да придобијат на своја страна соработници на пратениците во Бундестагот.

Читајте нѐ и преку апликацијата на ДВ за андроид

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Од СДСМ посочуваат на „можноста за проширување на мнозинство, со приклучување на АА, покрај постојните политички партнери“

Отворена врата за АА, диференцирање од ВМРО-ДПМНЕ и Левица

Прескокни го блокот Повеќе теми
Врати се на почетната страница