„Ромалитико“ бара враќање на одземените возила
5 февруари 2026
Заострените казнени мерки за сообраќајни прекршоци ги изнесоа на површина длабоко вкоренетите системски слабости и отворија прашања што со години останувале без одговор: Како е можно илјадници граѓани со децении да учествуваат во сообраќајот без валидна возачка дозвола?
По серијата протести, блокади, запалени огнови и реакции на граѓаните, МВР и премиерот Христијан Мицкоски останаа на ставот дека казнената политика ќе се спроведува без исклучок. Во исто време, граѓаните од ромските и другите социјално ранливи заедници бараат итно враќање на одземените возила, за кои тврдат дека претставуваат нивно единствено средство за работа и опстанок.
Ромалитико: Казнената политика ги казнува најранливите
Невладината организација „Ромалитико“ внимателно ја следи состојбата. Извршниот директор Елвис Шакири за ДВ изјави дека главен проблем се неодамнешните законски измени кои овозможуваат конфискација на возилодоколку лицето е фатено како управува без дозвола.
Според него, казнивоста е очекувана и оправдана, но долгиот период во кој МВР дозволувал лица да возат без возачка дозвола е фрапантен: „Возењето без дозвола секако дека треба да е казниво и не треба да се дозволува. Не знам што правело досега МВР. Шокиран сум што слушаме дека луѓе возеле по 30 години без дозвола“, вели тој.
Но, потенцира дека овој проблем не е застапен само кај ромската заедница: „Постојано МВР информира дека се фатени лица коишто возат без дозвола. Така што имаме две категории – или луѓето се многу сиромашни, или се многу богати па родителите им дозволуваат на своите малолетни деца да возат без дозволи“.
Шакири смета дека законските измени биле донесени речиси како ‘преку ноќ’, без соодветна јавна комуникација, што создава правна несигурност дури и за секојдневни ситуации во сообраќајот.
„Возилото е имот, а одземањето имот само поради возење без дозвола не смее да биде казнена мерка. Тоа е неуставно и ќе заврши пред Уставниот суд“, истакнува Шакири.
Образовни пречки: Зошто многу Роми не можат да полагаат возачки испит
Реалниот проблем е системски и поврзан со образовните бариери. Голем број од лицата кои возат без дозвола немаат завршено основно образование – предуслов за полагање возачки испит.
Според податоците на Агенцијата за вработување, околу 90% од долгорочно невработените се лица со незавршено задолжително образование.
Шакири објаснува: „Станува збор за луѓе на возраст од 40 до 50 години кои не успеале да го комплетираат образованието. Државата не нуди никакви мерки за нивно дообразување, а без тоа тие не можат да полагаат за возачка дозвола.“
Тој додава дека дел од луѓето можеби немаат финансиски средства, но голем дел имаат – проблемот е што законски се блокирани да полагаат за возачка дозвола.
Субвенции како решение: Општините можат, зошто не и државата?
Неколку општини веќе објавија повици за субвенционирање на возачки дозволи за млади до 29 години. Шакири прашува зошто истата практика да не се примени и кај ранливите групи.
„Државата може да обезбеди 40–50 дозволи годишно за оваа категорија граѓани. Тоа би спречило казни и би помогнало луѓето да излезат од сиромаштија“.
Деновиве беа блокирани неколку патни правци каде граѓаните палеа гуми, отпад и дрва, барајќи преиспитување на мерката за одземање возила. Жители од неколку ромски населби тврдат дека се дискриминирани бидејќи немаат образовни услови за да полагаат возачки испит, а казнената политика ги погодува најмногу нив.
Премиерот Мицкоски изјави дека од полицијата побарал „жесток одговор“ за секој што го прекршил законот и го загрозил јавниот ред.
Шакири: „Репресија врз најранливите не е реформа“
Според Ромалитико, загрижувачки е што државата се обидува да демонстрира „воспоставување ред“ токму врз најранливите заедници, додека големите корупциски случаи остануваат во сенка.
Дополнително, Шакири е загрижен што ниеден ромски политичар досега не излегол со став или предлог‑решение.
„Не треба да се промовира наратив дека Ромите ‘сакаат да возат без дозвола’. Тоа не е вистина. Проблемот е системски и поврзан со образованието. Државата мора да креира мерки, а не репресија.“
Строгите мерки привремено ќе ја намалат злоупотребата, но нема да го решат коренот на проблемот. Без политики кои обезбедуваат пристап до образование, работа и субвенции за возачки дозволи, државата ризикува да создава уште поголеми социјални разлики.