Сомнеж за цијанид кај жртвите од пожарот во Пулс
25 декември 2025
Родителите на загинатите во дискотеката „Пулс“ во Кочани се сомневаат дека обдукциските наоди се нецелосни и бараат дополнителни токсиколошки анализи. Според нив, постои сомнеж дека во телата на жртвите имало цијанид, но тоа не било испитано.
Александар Наунов, татко на загинато девојче и претседател на здружението „16 Март 2025 Кочани“, пред денешното судско рочиште за трагедијата во Кочани, изјави дека форензичките анализи на МВР не ја потврдиле можноста за цијанид, иако тоа било наведено како ризик.
Родителите сметаат дека обдукциските наоди се нецелосни
Обвинителството тврди дека смртта настапила од труење со јаглерод моноксид. Но, според Наунов, обдукциските извештаи покажуваат дека се земени примероци за токсиколошка анализа, а резултатите за други гасови не се доставени до семејствата.
„Водородниот цијанид не се детектира рутински и бара специфично испитување. Брзо се метаболизира, па ако не се бара веднаш, се губи можноста“, предупреди Наунов.
Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) деновиве објави дека ниту една од 50-те жртви немала фатални нивоа на јаглерод моноксид. Хемиските анализи покажуваат дека во клубот гореле материјали како полиуретански сунѓер, кој испушта водороден цијанид. Обвинителите знаеле за ова, но не го испитале присуството на цијанид во телата.
Родителите бараат независно вештачење и целосно утврдување на вистината, во интерес на правдата и достоинството на починатите.
Судски процес за трагедијата во „Пулс“
Во судницата во Идризово денеска (25.12) продолжува судскиот процес за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, во кој на 16 март годинава загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.
Одбраната на Александар Нацев тврдеше дека тој не бил ниту одговорно лице ниту реален сопственик на правното лице „Рубикон“. Нацев, пак, во судницата рече дека е „цел на неосновани и политизирани клевети на кои може да позавиди и Џорџ Орвел“.
За пожарот во „Пулс“ се обвинети 35 физички и три правни лица, меѓу кои сопственикот на клубот, негови блиски, поранешни инспектори во повеќе институции, како и поранешни министри. На почетокот на судењето на 19 ноември сите обвинети се изјаснија дека не чувствуваат вина за трагедијата.