Референдумот успешен но со мала излезност и победа на „НЕ“ во Белград | Информации и анализи за Балкан | DW | 17.01.2022
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Балкан

Референдумот успешен но со мала излезност и победа на „НЕ“ во Белград

Референдумот за промена на Уставот на Србија во делот на правосудството е успешен. Според првичните резултати „ЗА“ гласале 61,84%, а против 37,19% од гласачите. Мала излезност но и победа на „НЕ“ во Белград.

Србите гласаа на референдум за уставни измени

Србите гласаа на референдум за уставни измени

Фактот дека првичните неофицијални резултати од референдумотна партиска прес конференција прв ги соопшти претседателот Александар Вучиќ, а не Државната изборна комисија е веројатно најдобра илустрација за политичката ситуација во Србија. Во секој случај, без оглед на тоа што граѓаните гласаа за уставни промени, мнозинството од учесниците во политичкиот живот сметаат дека малата излезност на референдумот всушност е пораз за власта, бидејќи не им ја објаснила на граѓаните важноста на овој референдум.

Продолжение на лошите трендови

Малата излезност е порака за сите политички актери дека многу тешко ќе може да ги мотивираат граѓаните да излезат на избори – вака за ДВ ја коментира ниската излезност, Наим Лео Бешири, директор на Институтот за европски работи.

„Владејачкото мнозинство во изминативе десет години го убеди мнозинството од граѓаните дека промените се непотребни, дека тие совршено владеат, како и дека оние кои во минатото беа на власт биле лоши. Така што продолжува трендот на лоша излезност којшто го имавме и на изборите лани. Тоа во секој случај е пораз за демократијата и показател дека партиципативната демократија во Србија не функционира,“ вели Бешири.

Правосудство по старо

Власта референдумот на некој начин го презентираше како важен чекор кон поголема независност на судството, но нашиот соговорник се сомнева дека тоа ќе се случи во пракса.

„Тоа исклучиво ќе зависи од самата фела дали ќе се избори за поголем степен на самостојност и независност. Оваа фела ништо не ја спречуваше да се избори за тоа во изминативе десет години. Се плашам дека самото правосудство не се гледа како гранка од власта туку настапува како да работи во служба на извршната власт. Тоа тешко ќе се промени и се плашам дека новите уставни промени ќе бидат плодна почва за идните послушници на Српската напредна партија, СНС и Социјалистичката партија на Србија, СПС,“ оценува директорот на Институтот за европски работи.

Брзо усвојување, лошо спроведување на законите

Европската интеграција беше уште еден важен аргумент во корист на гласањето за уставни промени, кој го користеше власта, нагласувајќи дека уставните промени во оваа област се всушност услов за понатамошен напредок на Србија кон членство во ЕУ. Нашиот соговорник нагласува дека „за Србија веќе неколку години не важи правилото дека е доволно само да се усвојуваат законите и правилата.“

Српскиот претседател, Алексаднар Вучиќ

Српскиот претседател, Алексаднар Вучиќ

Повеќе: Еколошки протести во Србија– немири во „Вучиќ-ленд“

„Во пракса се покажа дека законите се усвојуваат брзо и лесно, но дека проблемите се појавуваат во однос на нивната примена, односно дека тие не се применуваат и тоа најчесто од политички причини. За ЕУ е поважна имплементацијата на законите, дали премиерот или претседателот ќе продолжат да ги коментираат судските одлуки, дали ќе вршат притисок врз судиите, дали обвинителите ќе покренат одредени истраги или нема. Ваквата пракса продолжува и за сега нема никакви индиции дека владејачкото мнозинство ќе престане со ова,“ смета Наим Лео Бешири.

Неинформирани граѓани

Целиот процес беше проследен од релативна незаинтересираност на пошироката јавност, но и на мнозинството политички партии. Владеачките партии повикуваа да се гласа “за” уставните промени, но и тоа беа главно спорадични апели. Опозициските партии прво го игнорираа референдумот, па подоцна некои од нив повикуваа сепак да се излезе и да се заокружи “не” гледајќи прилика да се зададе удар на Вучиќ. Дел од опозицијата се залагаше и за бојкот на референдумот.

Но, откако беше укинат цензусот од 50% плус 1 глас за успех на народното гласање беше прилично јасно дека во актуелните околности барем што се однесува до власта, лесно се доаѓа до посакуваниот резултат и опозицијата тешко ќе може да организира посериозен отпор.

Факт е и дека обете страни не вложија посебна енергија во одбраната на своите ставови и дека околу тоа не се водеше премногу бурна дебата. Тоа се виде и по збунетите изјави на граѓаните на гласачките места кои главно велеа дека “очекуваат да биде подобро” или “дека си ја извршиле граѓанската должност” - со што се покажа оти мнозинството не се доволно информирани и не им е јасно зошто е овој референдум важен и какви се неговите последици.

Мал чекор напред?

Аргументите да се гласа против беа пред сѐ дека референдумот е организиран од нелегитимно собрание и дека со овие уставни промени нема да се добие независно судство бидејќи и натаму остануваат главните проблеми во таа сфера.

Властите, но пред сѐ невладиниот сектор, тврдеа дека предвидените промени во правосудството се во согласност со препораките на ЕУ и дека тоа можеби не е идеална промена, но е чекор напред до членство на Србија во Унијата.

Референдумот и покрај сѐ остана во сенка на според многумина поважните избори на 3 април на сите нивоа кои поединечни опозициски лидери ги оквалификуваа како далеку поважен референдум за владеењето на Александар Вучиќ.