Репортажа: Нехуманите услови во македонските затвори
6 септември 2019„Умирам од глад. Како да штрајкувам со глад. Умирам од глад“, вели еден затвореник во репортажата на првиот канал на германската државна телевизија. „Тој секоја вечер оди гладен и жеден во кревет“, вели репортерот на АРД укажувајќи притоа дека затвореникот за ручек добива една мала паштета и салата.
„Павилјонот А во затворот Идризово во близина на Скопје е озлогласен. Тука се сместени тешки криминалци. Убијци, дилери на дрога, силувачи - во многу лоши услови. Мажите живеат во големи простории, кои си ги одвоиле со кревети и ќебиња во мали ќелии. Десет до 20 мажи делат една просторија“.
„Гипсот се распаѓа од ѕидовите кои се речиси соголени. Во тоалетите смрди, а подот открива влага. Затворениците се разбеснуваат кога раскажуваат за условите: 'Тука не можете ни на шолја да седнете. Изметот цело време паѓа од горе долу“, вели затвореникот Џеладин, осуден за кражба и измама, во репортажата. Долго живеел во Германија, а и таму завршил во затвор.
Германскиот јавен сервис потсетува дека состојбата во македонските затвори била остро критикувана и во извештајот на Советот на Европа од 2016 година. Тоа особено се однесува на најголемиот затвор- Идризово, каде ситуацијата беше оценета како нехумана, а затворот лошо организиран и пренатрупан. Тоа го признава и директорот на Управата за извршување санкции, Јовица Стојковиќ, но тврди дека во меѓувреме состојбата се сменила.
Состојбата се релаксираше, забележува германската телевизија, во 2018 со амнестијата со која беа ослободени 800 затвореници, а 3.000 добија намалени казни.
Притоа, затворот доби две нови згради, а планирани се и дополнителни до 2023 година. Во новоотворените, модерни зданија, сместени се затворениците со помали казни. Во нив се слободни уште 200 места. Но има еден проблем. Осудените на високи затворски казни не смеат да престојуваат во отвореното одделение.
Во моментов се работи на промена на законот, вели за „Тагесшау“ Јовица Стојковиќ. „Постои таа слика во јавноста дека затворите се пренатрупани, а условите лоши- но во пракса не е така,“ вели Стојковиќ.
Васка Бајрамовска Мустафа, која е задолжена за следење на состојбата во затворите во канцеларијата на Народниот правобранител, не се согласува со ваквата оценка. Таа вели дека не разбира зошто се градат нови згради додека старите се распаѓаат.
„Не е едноставно да се доведат во ред стари и руинирани објекти. Но кога не можат да се исполнат меѓународните стандарди, не смее да се дозволи таму каде што се сместуваат затворениците да нема ни минимум стандарди под секакво човечко достоинство. А во дел од затворот Идризово тоа е секако случај“, вели Мустафа.
„Џеладин привршува со издржување на казната во Идризово. На заминување раскажува што најмногу го погодило во затворот. Тука не смееш да се разболиш, вели тој: Никого тоа не го интересира. Дали ќе добиеш напад на слепо црево или ќе ослепиш или едноставно ти треба апче. Такво нешто нема тука“, се наведува во репортажата на германскиот јавен сервис.
Насловот и делови од текстот беа сменети на 07.09.2019