Регионални промотори на стравот | Македонија | DW | 13.05.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Регионални промотори на стравот

Медиумската хистерија во Србија, подбуцнувачката реторика на политичарите и разузнавачките сплетки личат на поглед во кристална топка на сегашните власти во Белград. Колумна на Љупчо Поповски.

„Па тоа го нема никаде во светот. Тоа е нечуено. Како е можно новиот претседател на македонското Собрание на својата работна маса да постави знаме на друга држава. Албанското. Кажете ми дали има таков пример во светот“ – извикуваше српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ, за време на едно телевизиско интервју, толкувајќи ги настаните во Македонија како да се некаков проблем во белградската општина Стари Град. Дачиќ не се ни обидуваше да го скрие гневот кон новата власт што полека се конституира во Македонија, особено по интервјуто на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, за Курир ТВ, во кое тој, иако зборуваше дека „Србите се наши браќа“, без заобиколување кажа што мисли за властите во Белград.  

Кризата во Македонија, интервјуто на Заев и реакциите по него покажаа што се случува во регионот, како јавно и инстинктивно се појавуваат сојузништва, политички наклоности, па дури и како се смислуваат разузнавачки сплетки.  Она што го налути Дачиќ и сите владини медиуми во Србија беше оваа реченица од целото интервју: „Во Србија, исто така, постои националистичко раководство на господинот Вучиќ, кој се декларираше себеси како лидер во регионот, но во првата прилика кога дојде до тоа да биде загрозена неговата политичка кариера се покажаа сите негови националистички позиции“. Во интервју на српска телевизија овие зборови изгледаат неумесни, како оцени на политички почетник, иако тие ја одразуваат доминатната оценка во македонската јавност за она што се случува во Србија.

На тоа Дачиќ, кој секогаш во владата е задолжен да го каже она што Вучиќ треба да го премолчи, одговори со реторика како да е нападнат некаков старешина на камп: „Не знам со што Алаксандар Вучиќ и владата на Србија го заслужија овој брутален и скандалозен напад од страна на Зоран Заев, претендент на местото македонски премиер. Зошто Заев не ги нападне Рама и Тачи“. Па Дачиќ уште ќе жали за минатото: „Камо среќа да не се обединувавме никогаш, туку во 1918 година да ја создадевме државата Србија како сила победничка... Ние на Југославија ѝ дадовме сѐ... а сега на крајот мораме да слушаме предавања и некој да ни удира шлаканици отстрана како се однесува Србија“. Изгледа бизарно? Но таква е балканската политика – од бизарна кон смешна.

Mazedonien Ljupco Popovski Journalist (Privat)

Љупчо Поповски

„Информер“ заведува ред во Македонија

Со сите изјави на српските политичари („Македонија го призна Косово, гласаше против Србија во Унеско и сега кандидатот за премиер го навредува раководството на Србија“ - Дачиќ), со сите пропагандистички, па дури и одвратни текстови во медиумите што се под контрола на владата во Белград, станува сѐ појасно колку српската политика не го познава македонското општество. Тоа непознавање, подобро речено одбивањето да се види вистинската слика, има длабоки корени, уште во времето на СФРЈ. Иако во рамките на Србија постои покраината Војводина како конгломерат на етнички заедници (наследство од Австро-Унгарија), националистичката јавност не успева да спознае што е она што ја прави Македонија посебна. И што прави таа за да негува меѓуетничка толеранција. Она што во Војводина е нормално во Македонија се претставува како ненормално. Во Војводина има 26 етнички заедници, што го прави национално најизмешаниот регион во Европа и таму, според Статутот на покраината во службена употреба во органите и организациите се шест јазици: српскиот, унгарскиот, словачкиот, хрватскиот, романскиот и русинскиот. И тоа никому не му пречи. Но затоа треба да се дијаболизираат настаните кај соседите.

За македонското новинарство се испишани цели томови околу неговото потклекнување и потчинување на политика, особено последниве десет години, но тоа, сепак, со повремени исклучоци, се труди да не ги помине линиите кои ќе значат навреда на политичарите или, пак, голем дел од општествата кај соседите. Предводник на кампањата против политичките ривали на Никола Груевски е таблоидот „Информер“, кој е под директна контрола на српските власти. Откако „Информер“ не успеа со бруталната кампања во Црна Гора пред ланските парламентарни избори (тамошното издание во меѓувреме згасна, а формалниот уредник мораше да плати казна поради насловот „Шиптарска свињарија“), сега од Белград се обидува да „заведе ред“ во Македонија со брутална камапња, која е запрепастувачка. На отстрел се политичките противници на Никола Груевски. Насловите од првата страница на „Информер“ се дегутантни: „Заев и Западот сосила ја прават земјата Шиптарија“, „Шиптари: На Заев му дадовме кеш за ’голема Албанија‘“, „Македонија стана Шиптарија“. Но хајката на „Информер“ не е само против мнозинството што треба да направи влада во Македонија, туку и против оние медиуми во Србија кои не сакаа да ја следат кампањата и кои пишуваа за лицемерието на Груевски, кој во обидот да ја спаси власта би ја жртвувал дури и целата држава.

Ваквата кампања не е само во српски медиуми. И во Хрватска се употреби сличниот рецепт, иако во поумерени дози. Неделникот „Глобус“, кој овде важи како медиум за пример, минатата недела објави еден поголем текст, кој е полн со невистини и злокобни предвидувања, се само поради тоа што треба да дојде до промена на власта во Македонија. Веќе насловот – „Земја во исчезнување: Слом на Македонија, една држава две влади“, сугерира работи што не се, ниту земјата исчезнува, ниту има две влади. „Глобус“ пишува дека премиер на Македонија е Никола Груевски, а тој тоа не е веќе 15 месеци. За политички магазин што настојува да биде модел во регионот тоа е несфатлива грешка и можеби злонамерна.

Понатаму, како сѐ да е преземено и инструирано од овдешните медиуми под контрола на ВМРО-ДПМНЕ. „Се зборува дека Груевски го прашал американскиот амбасадор Џес Бејли зошто инсистира на спороведување на политика која Македонија ја води до работ на граѓанска војна, а тој одговорил дека работи според старите инструкции од времето на Обама затоа што не добил нови... Кога Груевски побарал од Али Ахмети, лидерот на ДУИ, да се откаже од Тиранската декларација, тој му одговорил дека би го направил тоа кога би му дозволиле Американците...“ Во редицата погрешни информации е и посебниот простор посветен на американскиот автор Кристофер Делисо (тоа беше оној што му го постави прашањето на Хојт Ји дали на своја рака дошол во Скопје, а не како што беше погрешно пренесено, новинар на Сител). „Глобус“ погрешно пишува дека Делисо од Скопје го води сајтот Bakaninsight (што е респектабилна регионална новинарска мрежа), а вистината е дека тој е основач на Balkananalysis. И така редица други тврдења - дека Заев е миленик на Брисел и Вашингтон, дека Иванов, сепак, нема да го даде мандатот, дека новата влада ќе заседавала во некои други згради, бидејќи Собранието и Владата ќе биле окупирани од привразниците на ВМРО-ДПМНЕ...

Илјадници пушки кои никој не ги виде

Овие цитати на она што весниците од соседството го пишуваат за ситуацијата во Македонија може да изгледаат претерано, но на свој начин го отсликуваат морето од лажни факти, погрешни анализи и црни сценарија, кои потоа се пренесуваат од овдешните провмровски медиуми и се толкуваат еднонасочно – дека Заев и новото парламентарно мнозинство се извор на нестабилност и може да го запалат регионот. Затоа треба да се смислат и приказни кои се најлепливи – како онаа на таблоидот „Блиц“ дека Военобезбедносната агенција (ВБА) во јужна Србија кај Прешево запленила „неколку илјада пушки, митралези, минофрлачи и рачни бомби“. „Блиц“ пишува дека тоа оружје требало да се прошверцува и било наменето за Албанците кои се подготвувале за судир во Македонија. Него, како што вели „тајниот извор“ од ВБА за „Блиц“, го пренесувале еден странски државјанин и двајца српски граѓани од албанска националност. „Блиц“ уште додава дека Александар Вучиќ сметал оти таква информација не требало да се објави во јавноста, затоа што „шпекулациите за заплената на толку големо оружје би послужиле некому да долее масло на огнот во ионака кревките политички прилики во Македонија“. Но, ете, „Блиц“ не ги послушал советите на Вучиќ. Целата приказна за неколку дена исчезна од српската јавност кога никој од ВБА не ја потврди, па дури од високо поставени политичари беше оценета како „непроверена информација“, но таа му послужи на Александар Вучиќ со својата вообичаена драматуршка интонација да изјави: „Граѓаните можат да бидат спокојни, ја кренавме борбената готовност“. 

Сета оваа медиумска хистерија и подбуцнувачка реторика на политичарите личи на поглед во кристална топка на сегашните власти во Белград. Главна мантра на Александар Вучиќ на претседателските избори беше дека нема да дозволи „македонско сценарио“. Сега тој во новата ситуација во Македонија пророчки го гледа неговиот можен политички крај. Затоа кога властите во Белград со своето медиумско, разузнавачко и политичко мешање се обидуваат да го запрат развојот на настаните во Македонија и кризата на институциите овде да ја претстават како етнички конфликт на раб на оружен судир, сакаат да влијаат врз сопствената судбина и неизвесното патување во иднината. Со паѓањето на Никола Груевски ќе се откине една алка од авторитарната трансверзала Будимпешта – Белград – Скопје. Вучиќ е целосно свесен дека по доаѓањето на власт на Зоран Заев ќе дојде на ред и неговото владеење. Тогаш вечерата со Ангела Меркел во Берлин пред изборите ќе биде само нејасен спомен. Се разбира, порано или подоцна и Вучиќ и тие околу него, ќе го загубат мнозинството, како и сите други и пред нив и по нив. Затоа со една ваква кампања на стравот тие се подготвуваат секој обид на некое идно мнозинство во Србија да формира влада да го оценат како „предавнички чин“. Како што напиша познатиот новинар Теофил Панчиќ: „Власта на Вучиќ како на дланка ги открива своите стравови, лошата совест и демоните кои ја прогонуваат. Тоа е единственото ’македонско сценарио‘, сето друго е бесмислено нафрлање“.
А Македонија и понатаму не ја разбираат, иако добро ја познаваат.

DW.COM

Реклама