1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Расте песимизмот за членство во ЕУ

ДТЗ
20 јули 2021

Македонските граѓани стануваат пореални во поглед на очекуваното членство во ЕУ, иако се' уште се нереални оптимисти, вели Малинка Ристевска Јорданова од ЕПИ.

https://p.dw.com/p/3wkX3
Mazedonien EU Flaggen
Фотографија: AP

Расте песимизмот кај македонските граѓани, а делумно и очекувањата од членството во ЕУ, откако земјата ни 16 години од добивањето на кандидатскиот статус не успеа да отвори преговори за членство во Унијата. 

21 отсто од испитаниците во Северна Македонија веруваат дека земјата ќе стане членка на ЕУ до 2025 година, 31 отсто до 2030 година, а исто толку воопшто не веруваат дека некогаш ќе биде примена во ЕУ. Групата на испитаници од Западен Балкан кои не веруваат дека нивната земја некогаш ќе стане членка на ЕУ станува сè поголема секоја година. Годинава, таа бројка изнесува 22 отсто. Ова го покажуваат резултатите од последното истражување „Балкан барометар 2021“ на Регионалниот совет за соработка, кооснован од ЕУ. 

На прашањето, дали мислите дека членството во ЕУ ќе биде добра работа, лоша работа или ниту добра, ниту лоша работа за вашата економија, 53 отсто од испитаниците од С. Македонија одговориле дека ќе биде добра работа, 33 отсто дека ќе биде ниту добра, ниту лоша работа, а 11 отсто дека ќе биде лоша работа. 

-повеќе на темата: По Лисабон, македонските надежи свртени кон Љубљана

„Според Балканскиот барометат на Регионалниот совет за соработка во 2021 година 53% од македонските граѓани мислат дека членството би било добро за нивната економија, наспроти 57% во 2020 година, но пониски 51% во 2019 година. Оттаму, ставовите на граѓаните во однос на ова прашање варираат, но тие не зависат директно од бугарското вето“, вели за ДВ Малинка Ристевска Јорданова од Институтот за европска политика - ЕПИ. 

Нереални оптимисти

На ниво на цел Западен Балкан, 62 отсто од испитаниците поддржуваат членство во ЕУ, а 8 отсто се против. Неутрален став имаат 27 отсто. Од испитаниците од С. Македонија, 21 отсто веруваат дека земјата ќе стане членка на ЕУ до 2025 година, 31 отсто до 2030 година, а исто толку воопшто не веруваат дека некогаш ќе биде примена во ЕУ. Граѓаните на Косово се најголеми оптимисти и 30 отсто од испитаниците веруваат дека ќе станат дел од ЕУ до 2025 година. 

„Факт е дека граѓаните стануваат пореални во поглед на очекуваното членство во ЕУ, иако се' уште се нереални оптимисти“, вели Јорданова. 

-повеќе на темата: Анкета во Бугарија: Поддршка за влез на Северна Македонија во ЕУ, но условена

Таа укажува дека ако во 2020 година 28% од македонските граѓани очекувале членство до 2025 година, а  35% -  до 2030 година, оваа година нивниот процент се намалил на 21% односно 31%. Од друга страна, се зголемува песимизмот, така што процентот на оние што не веруваат дека земјата воопшто ќе стане членка на ЕУ се зголемил оваа година на 31% од 20% минатата година. 

„Ваквиот пораст на песимизмот е логичен, со оглед на блокадата на почетокот на преговорите од страна на Бугарија, а веројатно и повисоката свесност за неподготвеноста на ЕУ за проширување“, анализира Јорданова. 

С. Македонија доби безусловна препорака од Европската комисија да ги почне пристапните преговори со ЕУ во април 2018 година. Пристапните преговори се одложија поради барањето на Франција да се усвои нова методологија за проширување на ЕУ. По , усвојувањето на новата методологија во февруари 2020 година, македонските евроинтеграции беа блокирани од Бугарија.