Разбуди се, Европо! | Информации и анализи за Балкан | DW | 04.12.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Балкан

Разбуди се, Европо!

Сепаратистите ја водат БиХ во катастрофа. Меѓународната заедница тоа мора да го запре. Во Босна и Херцеговина, ЕУ ги брани и своите вредности, смета поранешниот Висок претставник во БиХ, Кристијан Шварц-Шилинг.

Минатата година во ова време беше одбележана 25-годишнината од Дејтонскиот мировен договор со кој заврши страшната војна во Босна и Херцеговина. Денес ситуацијата е обратна: БиХ се соочува со нова војна доколку продолжи неодговорната „appeasement“-политика (политика на попуштање, воздржување и смирување на ситуацијата по секоја цена, н.з.).

Во тоа време, меѓународната заедница, пред сѐ САД, ја прекина војната во која самопрогласената Република Српска (РС) изврши геноцид во Сребреница. На крајот на јули, високиот претставник во заминување, Австриецот Валентин Инцко, донесе измени во кривичниот закон, со кои се санкционира негирањето на геноцидот во Сребреница и глорификацијата на воените злосторници.

Ваквиот закон веднаш наиде на отфрлање и противзаконски акции во Република Српска, под раководство на Милорад Додик, српскиот член на Претседателството на БиХ. Босанските Срби се повлекоа од државните институции на БиХ и побараа повлекување на т.н Инцков закон. Со тоа ја блокираат и уценуваат државата БиХ. Во суштина тоа е државен удар.

Спирала на отцепување

Лидерите на босанските Срби јавно го навредуваа и игнорираа новиот висок претставник во БиХ, Германецот Кристијан Шмит - откако тој ја презеде функцијата. Во исто време, тие ја добиваат поддршката од Русија и Кина, кои и онака сакаат укинување на функцијата на Високиот претставник (ОХР), највисоката инстанца на Дејтонскиот договор за цивилно спроведување на мирот.

Спиралата на отцепување на Република Српска, односно притисокот и уцената што Додик ги врши врз државата БиХ, е поопасна од кога и да е досега.

Парламентот на РС незаконски отфрли две одлуки на Уставниот суд на БиХ за државниот имот. Додик веќе неколку недели се заканува дека ќе ја оддели РС од здружените вооружени сили, судството и даночните институции на БиХ за на тој начин да ја направи де факто независна. Одлука за тоа ќе биде донесена во Парламентот на Република Српска на 10 декември. Притоа, Додик не го интересира фактот дека тоа е прекршување на Дејтонскиот мировен договор и Уставот на БиХ.

Планот за Голема Србија никогаш не беше напуштен

На сите им е јасно дека црвената линија е помината и зборот војна почна да кружи и зема замав. Меѓународната заедница треба веднаш да воведе остри санкции против Додик, но тоа не го прави. Со својата етнонационалистичка идеологија Додик може непречено да ја уништува државата БиХ.

Регионот на Западен Балкан, со сѐ подрскиот Додик, кому поддршка од позадиона му дава српскиот претседател Александар Вучиќ, во последните десет години стана пинг-понг топка во играта на големите сили. Во неодамнешното интервју за Гардијан (29 ноември 2021 година), Додик јасно стави до знаење дека ја ужива поддршката од Русија и Кина.

Така е отворено кажано дека планот за создавање Голема Србија, кој резултираше со 2,5 милиони бегалци и убивање на 100.000 луѓе во 1990-тите, сè уште е жив и здрав и поприсутен од кога било досега. Повторно станува јасно дека националистичките влади на Хрватска и Србија никогаш целосно не се откажале од поделбата на Босна и Херцеговина. Овие цели во моментов повторно активно се форсираат.

Други колумни од авторот:

25 години Дејтонски договор: Правда за Босна и Херцеговина

„Нон-пејпери“ предизвикуваат немир на Западен Балкан

Милорад Додик - претседател кој не ја признава сопствената земја

Несогласување околу санкциите

Со ужас се гледа себеси како се враќам во 1990-тите, кога меѓународната заедница, не правејќи ништо, долго време гледаше како наближува страшна војна. Што прави меѓународната заедница денес?

Знаеме дека БиХ од 2006 година се оддалечува од демократскиот пат и дека меѓународната заедница има голема одговорност за тоа. Санкциите, како оние што ги воведоа САД кон Додик, немаат многу ефект доколку ЕУ, која исто така ги има сите механизми за воведување санкции, не го преземе истиот чекор. За ова е потребно одобрение од најмалку 15 од 27-те земји на ЕУ. Мора да се размислува за поостар курс во иднина, предложи германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас на последната конференција на министрите за надворешни работи на ЕУ на 15 ноември во Брисел, заклучувајќи: Санкциите треба да ги погодат оние кои ги доведуваат во прашање државните структури и користат омраза за да ги подбуцнуваат луѓето едни против други. (ТАЦ 17.11.2021)

Погрешно сфаќање на „аppeasement“-политиката

Но, околу санкциите на ЕУ против Додик не можеше да се постигне договор. Германија беше за, Унгарија против. Ваквата „аppeasement“-политика, која со години се води кон БиХ, не ѝ носи ништо добро на оваа земја. Напротив!

Најдобар пример за тоа се разговорите за реформа на Изборниот закон, кои во моментов ги водат специјалниот пратеник на САД за реформа на изборниот закон во Босна и Херцеговина, Метју Палмер и Анџелина Ајхорст од Европската служба за надворешни работи, кои во БиХ се одржуваат по третпат за кратко време.

И двајцата на многу нетранспарентен начин и со притисок се обидуваат да ја спроведат реформата на Изборниот закон во БиХ. Зошто се обидуваат да го направат тоа сега, кога земјата е во најтешката криза од крајот на војната, е сосема неразбирливо и не влева доверба. Наместо да се воведат санкции против оние кои ја блокираат работата на институциите и ѝ се закануваат на државата, се бара начин да им се угоди на екстремистите.

Во позадина - план за поделба?

Како и многу граѓани на БиХ, но и истакнатите обвинители Јакоб Финци и Азра Зорниќ, кои од 2009 и 2014 година го чекаат извршувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, и јас верувам дека изборите во 2022 година, како и сите претходни избори, може да се одржат според постоечкиот Изборен закон. Потоа, без притисок, транспарентно и со учество на сите делови од општеството, мора да се промени дискриминаторскиот Устав на БиХ, што создава предуслови за реформа на Изборниот закон. Не обратно.

Сега е многу поважно да се отстрани опасноста од различните обиди за поделба на БиХ.

Најважната задача во моментов е стабилизирање на државата, но не со откажување од демократските вредности. Реформа на Изборниот закон со  уште подлабоки етнички поделби, дополнително ќе ја загрози стабилноста на земјата.

Се чини дека целта на меѓународната заедница не се некакви суштински промени, кои би можеле да послужат како основа за натамошен развој на БиХ, туку дека во позадина стои поинаква агенда, односно план за поделба на државата. Затоа, не е ни чудо што Палмер и Ајхорст сега добиваат бројни критики за соработката со босанските Хрвати од националистичката партија ХДЗ. Затоа што ХДЗ ги застапува предлозите за Изборен закон според етнички критериуми и на тој начин само придонесува за поголема дискриминација со цел натамошна поделба и, на крајот, окончување на постоењето на Босна и Херцеговина.

Обид за анулирање на „Инцковиот закон“ во Парламентот на БиХ

Тоа го потврдува гласањето во Парламентот на БиХ на 29 ноември 2021 година. Пратениците на РС дојдоа на седницата на Парламентот на БиХ за првпат од јули 2021 година и се обидоа заедно со хртватските ХДЗ-пратеници да го поништат Инцковиот закон, со кој се казнува негирањето на геноцидот. Фактот што босанските Срби и босанските Хрвати го негираат геноцидот врз Бошњаците и што и 26 години по крајот на војната продолжуваат да се слават осудени воени злосторници, е предупредување дека не е направен чекор напред во спроведувањето на вредностите и принципите на ЕУ сите овие години. Вџашувачки е што Хрватска, како членка на ЕУ, тоа го поддржува.

Сега само меѓународната заедница може да стави крај на оваа катастрофа и да ги спречи оние кои го напаѓаат уставниот поредок на државата БиХ. Денес во БиХ се бранат европските вредности и човекови права во име на целата Европска унија. Ако не успееме во тоа, демократската иднина на ЕУ ќе биде неизвесна.

Не смееме да ги затвораме очите пред уцените, ниту да дозволиме двојни стандарди кога се во прашање човековите права - мора да заземеме јасен став во согласност со нашите вредности. Затоа ја повикувам меѓународната заедница - ЕУ, Велика Британија и САД - а особено Германија, да дејствува и итно да ја запре катастрофата кон која оди Босна и Херцеговина!

Проф. д-р. Кристијан Шварц-Шилинг (91) во 2006/2007 година беше Висок претставник и Специјален ополномоштеник на ЕУ во Босна и Херцеговина. Од 1982 до 1992 година, овој член на ЦДУ беше германски министер за пошти и телекомуникации во кабинетот на Хелмут Кол. Во 1992 година тој поднесе оставка во знак на протест поради односот на германската влада кон војната во БиХ.