Работничка драма во Веибо - Крива Паланка | Северна Македонија | DW | 06.02.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Работничка драма во Веибо - Крива Паланка

До доцна во ноќта, работниците не ги пуштале управителката заедно со уште неколку турски државјани да излезат од дворот на компанијата, потврдија за Дојче веле работници кои биле на протестот.

„Вчера околу 20 часот тие дојдоа во фабриката со две возила, директорката заедно со тројца четворица, турски државјани. Мислеа дека ние нема да дознаеме дека се тука, но се организиравме и им ја блокиравме капијата и не ги пуштавме да излезат“, вели за Дојче веле еден од работниците кој вчера до доцна во ноќта бил на протестите пред фабриката Веибо во Крива Паланка.

Тој е меѓу 200 луѓе кои немаат земено плата за својата работа како и придонеси за три месеци. Протестите на работниците кои сега се отпуштени, траат веќе пет дена, а тие најавуваат дека ќе траат се додека не си ги добијат платите и другите трошоци кои им ги должат газдите на Веибо.

„Тие пробаа да излезат, па не ги пуштивме. Внатре беа неколку часа. Имаше и полиција. Дававме изјави, баравме јавен обвинител да излезе и инспектор за да види што се случува во фабриката“, вели еден од поранешните работници на Веибо.

Повеќе на темата:

-„Веибо“ – ништо од ветувања за инвестициски бум

-Големата инвестиција на Веибо ќе го „проголта“ домашниот текстил

Без плата три месеци

Тој вели дека иако до неодамна во фабриката останаа да работат уште околу 150 работници, од 1 февруари на сите работници им завршува договорот и нема да им биде продолжен, со што практично фабриката ќе ја прекине својата работа.

Кристина Ампева, од здружението „Гласен Текстилец“ која исто така е дел од протестите како поддршка на работниците вели дека во моментот има околу 200 луѓе кои немаат земено плата и придонеси за три месеци.

„Значи синоќа немаше заложничка драма, единствено што тие бараат одговори лично од управителката Кристина Јакимова зошто се останати на улица и зошто не им се исплатени нивните заработени плати. Синоќа тие ја забележале управителката дека во 8 и 30 навечер доаѓа во фирмата, како и дека со камион се товараат работи и имаат право да ја задржат бидејќи се сомневаат на криминални активности, додека да излезе полиција и јавен обвинител.

Денеска е петти ден каде тие се пак на улица. Од 1 февруари сите се без работа. Синоќа управителката сакала да потпише спогодба во која откако ќе се продаде фирмата, а имало преговори, за два месеци, ќе им се исплати платата. Но не се согласија на тоа работниците“, вели Ампева за Дојче веле.

Веибо: Преземаме сѐ што можеме за да ги исплатиме платите

Кристина Јакимова управителка на „Веибо“ потврди дека до доцна во ноќта била во фабриката во Крива Паланка и не можела да излезе надвор, бидејќи работниците со протести не дозволувале таа и уште неколкумина да ја напуштат компанијата.

„По повод проблемот кој настана со фабриката во Крива Паланка,  компанијата ВЕИБО ГРУП презема се што може да ги исплати заостанатите плати и сите останати обврски кон работниците. Во ниту еден момент не ги оспоривме нивните права и со сите свои сили работиме на изнаоѓање на решение, до кое се надеваме дека ќе  дојдеме во наредните 60 до 90 дена“, велат од Веибо.

Дојче веле уште во декември пишуваше дека стотици вработени од оваа фабрика се отпуштени, како и дека компанијата доцни со исплата на плати и придонеси. Веибо груп беше една од најнајавуваните странски инвестиции на екс премиерот Никола Груевски. Директорот на оваа турска инвестиција, Селџук Алперен, најавуваше дека земјава ќе ја направат балкански текстилен центар, ќе вработат илјадници луѓе во десет фабрики и ќе инвестираат дури 400 милиони долари.

 

DW.COM

Реклама