1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Големата инвестиција на Веибо ќе го „проголта“ домашниот текстил

Костадин Делимитов10 јули 2014

Пет илјади работни места, 400 милиони долари инвестиција - Македонија треба да ја добие најголемата текстилна индустриска зона во поширокиот регион. Македонските текстилци се жалат на нерамноправност.

https://p.dw.com/p/1CZFb
Фотографија: picture alliance / Newscom

Кинескиот текстилен гигант Веибо на крајот на годинава ќе ја стартува изградбата на проектот што ќе значи враќање на примарната текстилна индустрија во Македонија. Во индустриската зона во Ранковце на површина од 400 илјади метри квадратни ќе се изградат повеќе капацитети за интегрирано производство, од суровина до финален производ. Условите за бизнис и поддршката што Владата ја овозможува за странските инвеститори преку разни бенефиции и даночни олеснувања се клучните фактори што влијаеле Веибо да се одлучи за Македонија.

Задоволството од одлуката на Веибо, пред се‘ кај надлежните во Владата, предизвикува незадоволство кај домашните текстилни компании. Политиката за привлекување на странски инвеститори, според нив, е добра стратегија, но инсистираат и тие да добиваат одредени субвенции за да можат да бидат конкурентни. Претседателот на кластерот за текстил Маријана Перковска реагира дека текстилните компании во слободните зони добиваат бенефиции кои не важат за домашните фирми. Владата дозволува и домашни компании да градат во зоните, но мора да се изгради нова фабрика, односно не може постојната стара да се пресели во зоната. Дополнително се потребни минимум 100 нови работни места. Според Перковска, ниту една од домашните компании нема моќ ова да го рализира паралелно со постојните капацитети:

Textilfabrik Gudzov Nit in Veles
Текстилната индустрија е значајна индустриска гранка во МакедонијаФотографија: DW/A. Dimitrievska

„Наместо повластици за странските инвеститори, зошто не се бенефицираат текстилните работници? Државата, на пример, може да се откаже од дел од придонесите, но не во интерес на инвеститорите или ’газдите’, туку во полза на текстилниот работник. Со тоа ќе се подигне веројатно и интересот за оваа професија. Најголем негативен ефект за домашниот текстил е токму ова слабеење преку пореметување на двата фактора кои се клучни - работната сила и технологијата. Имено, станува збор за флуктуација на работна сила. Со оглед на фактот дека сме недоволно опремени со технологија, клучот на нашата текстилна индустрија, за жал, е токму евтината работна сила. Странските инвестиции нема да го променат овој факт, ниту ќе ја подобрат нашата домашна економија, освен како статистички податок за зголемен БДП.

Тврдењата дека странските инвестиции ќе ја придвижат домашната економија не се основани и не важат за нашата текстилна индустрија, бидејќи во Македонија нема производство на суровини или алатки за работа, туку само евтина работна сила, па дури атрактивна и за кинески инвеститори. Како кластер постојано повторуваме дека не сме против странски инвестиции, посебно во примарното производство, но исто така тврдиме дека поддршката која ја добиваат странските инвеститори изразена во пари ќе добие подобри ефекти доколку се поддржи домашниот текстил. Секако, ова треба да биде систем од мерки кој на крајот ќе резултира со зголемена продуктивност, зголемен девизен прилив и подобар стандард за домашниот текстилен работник“, коментира Перковска.

Mazedonien Land und Leute
Над 500 главно помали текстилни фирми вработуваат околу 40 илјади луѓеФотографија: Petr Stojanovski

Надлежните засега не прецизираат кои и какви бенефиции ќе добие Веибо во Македонија, освен дека целиот процес се одвива во рамките на државната стратегија за поддршка на странските инвестиори. Според првиот човек на технолошко индустриските развојни зони Виктор Мизо, влезот на Веибо во Македонија е со повеќекратен бенефит за домашната економија, но и за веќе присутните текстилни капацитети, кои ќе добијат можност од условно кажано домашна компанија да купуваат суровина за своите производи:

Mazedonien Land und Leute
Фотографија: Petr Stojanovski

„Ова ќе биде најголема интегрирана текстилна зона, каде што тие ќе произведуваат не само готови производи, туку и платна и ткаенини кои ќе можат да ги купуваат и домашните компании. Целиот процес ќе биде интегриран во целост. Ќе имаат ткајачница, бојаџилница, се‘ што е потребно за целосно производство. Имаат направно обемна анализа, ќе произведуваат производи од средна и средно висока класа за европскиот пазар. Многу е важно што ја избраа Македонија која ќе биде нивна трета локација во Европа, по Истанбул и Минхен. Дополнителен бенефит е што ќе се отворат пет илјади работни места, што ќе биде многу значајно за жителите од регионот на Куманово, Ранковце, Кратово и Крива Паланка“, коментира Мизо.

Освен реализацијата на инвестицијата, предизвик ќе биде и работната сила, односно да се обезбеди квалификуван кадар кој во моментов, според Перковска, и‘ недостасува на Македонија:

„Проблемот со работната сила е реален. Во моментов имаме зони во Скопје, Штип и наскоро во Тетово. Но секаде има проблем со обезбедувањето на работна сила. Станува збор за миграција, а не за обезбедување нови вработувања. Се чини неверојатно да се обезбедат 5 илјади нови текстилни работници кога постојано се бара шивач повеќе од страна на домашните компании“, коментира Перковска.

Mazedonien Land und Leute Textilfabrik in Stip
Фотографија: Petr Stojanovski

Текстилната индустрија е значајна индустриска гранка во Македонија. Над 500 главно помали фирми вработуваат околу 40 илјади луѓе и креираат една четвртина од вкупниот извоз. Проблемот со намалениот обем на нарачки како последица на кризата во Европа се надминува, но остануваат предизвиците околу потребата од создавање сопствени брендови, квалификувана работна сила, осовременување на производствените капацитети. Околу овие прашања текстилците постојано ја актуелизираат потребата од поголема државна поддршка и поголем пристап до поволни извори на финансии.