Путин на дијалог кај Макрон | Свет | DW | 29.05.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Путин на дијалог кај Макрон

Тоа не е официјална државна посета, па сепак средбата меѓу претседателите на Русија и на Франција би можела да ја определи насоката на идните односи меѓу двете земји, кои во моментов се оптоварени со несогласувања.

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска во Версајската палата го дочекува својот руски колега Владимир Путин на значаен состанок. За Путин ова ќе биде прва директна средба со еден француски лидер во последните пет години. Покрај оптоварените односи меѓу двете земји, Макрон така ќе има можност да се сретне со Путин, а притоа да не го дочекува официјално во Елисејската палата, што би ги вклучувало „сите видови протоколарни нешта“, појаснува во изјава за ДВ Мануел Лафон Рапнуил, шеф на париската канцеларија на Европскиот совет за дипломатски односи (ЕЦФР). Поддршката на Москва за сирискиот претседател Асад и улогата на Франција во усвојувањето санкции против Русија поради судирот во Украина предизвикаа тензии во односите меѓу двете земји.  

Путиновиот пристап кон дипломатијата

Двајцата претседатели планираат да разговараат за билатералните односи, како и за борбата против тероризмот и решенијата за судирите во Сирија и во Украина, соопштено е во Кремљ. Аналитичарите не очекуваат никаков голем исчекор поради тоа што ова е прв состанок на двајцата државници. Лафон Рапнуил претпоставува дека двајцата претседатели ќе ги повторат веќе добро познатите ставови околу Сирија и Украина. Но, без оглед на тоа, на двајцата им е потребен овој состанок, истакнува Рапнуил: „Макрон себеси се гледа како нов претседател, кој е во состојба да ги претставува Франција и Европа на меѓународна сцена“.

Претходно месецов Макрон се сретна со канцеларката Меркел во Берлин, беше на самитот на НАТО, како и на состанокот на земјите од Г7 во Таормина. Со состанокот со Путин, Макрон сака да го истакне „својот нов статус на еден од лидерите на обединета Европа“, вели Татјана Становаја, аналитичарка на московскиот Центар за политички технологии, која живее и работи во Франција. Таа упатува на тоа дека Путин сака да го „испита психолошкиот профил на Макрон, и на кој начин може да се разговара со него“. Лафон Рапнуил од ЕЦФР не се согласува со тоа и наведува дека Путин е заинтересиран за тој состанок, бидејќи има „многу личен пристап кон дипломатијата“. 

Макрон сака повеќе дијалог со Русија

Путин е редок гостин во земјите од ЕУ, по руската анексија на Крим во 2014 година. Во тој контекст посетата на Франција за него е шанса да покаже дека е инволвиран во расправата за важните меѓународни проблеми, вели Становаја. Последните билатерални разговори на Путин со еден претседател на Франција на француска територија беа во јуни 2012 година. Состанокот со претходникот на Макрон, Франсоа Оланд, закажан за октомври минатата година, беше откажан - откако Оланд руските воздушни напади врз сирискиот град Алепо ги нарече воено злосторство.

Сепак, Mакрон претходната француска администрација ја критикуваше поради недоволен дијалог со Русија. „За време на изборната кампања Макрон повторуваше дека не ги споделува Путиновите вредности и оти тоа што Русија го прави во Сирија и во Украина, не е само проблем, туку и прекршување на меѓународното право“, истакнува Лафон Рапунил. „Но и покрај сето тоа, Макрон рече дека е потребен дијалог, конструктивен за да може да се дојде до решение“.

Поддршката на Кремљ за ултрадесничарката Ле Пен не е пречка

Изборниот тим на Макрон, инаку, за време на кампањата ги обвини руските државни медиуми - телевизијата РТ и новинската агенција Спутник - дека ширт лажни вести за да се дискредитира Mакрон, а да се поддржат Фијон и Ле Пен. Путин дури ја пречека Марин Ле Пен во Кремљ еден месец пред првиот круг од француските претседателски избори. Макрон ја обвини Русија и за сајбер-напади врз неговата кампања. Москва ги отфрли таквите обвинувања.

Становаја верува оти однесувањето на Москва пред француските претседателски избори го дефинирало ставот на Mакрон кон Русија: „Во последните месеци тој ги заостри своите изјави, иако во 2016 година за време на својот мандат како министер за економија го поддржуваше постепеното укинување на санкциите против Русија и развивање на економската соработка“, потсетува Становаја.

Лафон Рапнуил упатува на тоа дека не е веројатно оти Макрон би можел да заборави што се случувало пред изборите: „Но не верувам дека тоа би можело да биде пречка за смирена и трезвена дискусија“, додава овој аналитичар.

Макрон, кому приоритет му е силна Франција во рамките на силна Европа, „одлично разбира дека повеќе ќе му користи ако најде вистински пристап кон Путин“, порачува аналитичарката Татјана Становаја.

 

DW.COM

Реклама