Пругата - лакмус за мигрантски бран: денес нема, но утре којзнае? | Северна Македонија | DW | 02.03.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Пругата - лакмус за мигрантски бран: денес нема, но утре којзнае?

„На два-три дена поминуваат мали групи, најмногу двајца до тројца, најчесто се од Авганистан или Пакистан, вели Ленче Здравкин, велешанката во чиј дом голем број бегалци добија почивка и оброк.

На македонските траси, кои најчесто ги користат мигрантите на пат кон земји на ЕУ, состојбата е идентична како и во изминатите месеци. На пругата и натаму можат да се видат мали групи од двајца до тројца бегалци, кои од југ се движат кон северната граница. Велешанката Ленче Здравкин, чиј дом покрај пругата уште од март 2013 година стана место за починка, топол оброк и преврски на голем број бегалци, вели дека до овој момент не е забележана зголемена фреквенција, ниту пак доаѓање на бегалци од Сирија.

„На два-три дена поминуваат мали групи, најмногу двајца до тројца. Најчесто се од Авганистан или Пакистан. Досега не сум забележала промена во таа фреквенција", вели Здравкин.

Сепак, додава дека „не е сигурна дали оваа нејзина изјава ќе важи и утре", имајќи ги предвид информациите за состојбите на турско-грчката граница и за бројот на бегалци кои влегуваат во Грција. Смета дека на зголемување на бројката може да влијае и релативно топлата зима. 

Mazedonische Aktivistin Lence Zdravkin

Ленче Здравкин со бегалците на кои им помагаше за време на мигрантската криза

Последниот голем бегалски бран се случи во 2015 и 2016 година, кога стотици илјади мигранти преку грчката граница и нашата земја влегоа во Европа. Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи вчера потенцираше дека земјава е подготвена за справување со евентуален наплив на бегалци од Сирија, во координација со Фронтекс и земјите-членки на ЕУ.

„Ние сме во постојана координација со земјите-членки на Европската Унија и со нашите партнери ја следиме состојбата уште од моментот кога почна да се разгорува ова прашање. Нашите институции се подготвени за справување со евентуален хипотетички бегалски бран, но тоа справување е повеќе во координација со Фронтекс и со земјите-членки на ЕУ со кои споделуваме заедничка политика во однос на бегалците", изјави Османи.

Само во последниве неколку дена полицијата откри два случаи на криумчарење мигранти. На 26-ти февруари, на магистралниот пат Штип-Радовиш во близина на селото Лакавица, во патничко товарно возило полицијата откри 40 мигранти, од кои 36 од Авганистан и четворица од Пакистан. Вчера кај штипската населба Три Чешми во возило беа откриени уште 78 мигранти. 

Потрага по долгорочно решение

Стравувањето - дали таа бројка ќе се зголеми, не е само грижа на македонските власти, откако Турција ја крена рампата за бегалците, обидувајќи се да изврши притисок врз ЕУ поради конфликтот во Сирија.  Први на удар се соседните Грција и Бугарија, но според медиумските извештаи ситуацијата на бугарско-турската граница е мирна, а бугарската Влада тврди дека не ја минал ниту еден илегален мигрант.

Повеќе:

-Грците го губат трпението со бегалците: „Ова е инвазија!“

-По турската одлука, С. Македонија и соседите се подготвуваат за бегалски бран

-Ескалација во Идлиб: Се заканува ли нов бегалски бран?

Премиерите на Грција и Бугарија веќе остварија бројни разговори со различни европски лидери за овоја пробелем . Како што објавуваат медиумите, денеска бугарскиот премиер Бојко Борисов во Анкара ќе разговара за мигрантската криза со турскиот претседател Реџеп Ердоган, а грчкиот премиер Мицотакис утре ќе ја посети границата меѓу Турција и Грција заедно со шефот на Европскиот совет, Шарл Мишел.

Вчера Борисов телефонски разговорал со германската канцеларка Ангела Меркел за состојбата на бугарско-турската граница и истакнал дека само преку заеднички напори и дипломатија може да се постигне стабилност и безбедност во регионот, што значи мир и просперитет за Европа. Тој потенцирал дека Турција не треба да се остава сама во таква ситуација и дека итно треба да биде поддржана.

„Ни треба долгорочно решение за проблемот со миграцијата“, порачал Борисов.

Поддршка од Макрон

За разлика од Софија, главоболките на Атина се многу поголеми. Турски медиуми обвјавуваат голем број видеа снимени во различни области, на кои се гледа дека десетици бегалци ја минуваат реката Еврос (Марица) со брод. Таа е најдолга река во Тракија, која во поголемиот дел на долниот тек ја дефинира границата меѓу Грција и Турција. По вчерашниот состанок посветен за состојбите на националната безбедност, во Атина ситуацијата е оценета како „активна, сериозна, исклучителна и асиметрична закана за националната безбедност на Грција".

Како што веќе најави шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, министрите за надворешни работи на ЕУ ќе одржат итен состанок следната недела, на кој ќе разговараат околу растечкиот конфликт во Сирија, кој донесе десетици илјади бегалци во Турција, а претставува сериозна закана за меѓународниот мир и безбедност со сериозни хуманитарни последици за регионот и пошироко.

„ЕУ мора да ги удвои напорите за решавање на оваа ужасна хуманитарна криза со сите средства со кои располага. Затоа барам вонреден состанок на Советот за надворешни работи следната недела на кој ќе се разговара за развојот на критичната состојба", изјави Борел.

Францускиот претседател Макрон изрази солидарност и цврста поддршка за Грција и Бугарија во тековната миграциска криза.

„Изразувајќи целосна солидарност со Грција и Бугарија, Франција е подготвена да придонесе во напорите на европските земји да им дадат оперативна помош и да ги заштитат своите граници. Треба да работиме заедно за да избегнеме хуманитарна и миграциска криза“, напиша францускиот претседател на Твитер.

Поддршка на Грција и на Бугарија за справување со бегалската криза синоќа преку Твитер искажа и македонскиот министер за надворешни работи.

„Стоиме покрај нашите соседи Грција и Бугарија, бидејќи тие се соочуваат со многу тешка ситуација. Нивните национални граници се исто така европски граници, и решението ќе треба да биде и европско: заедничко ангажирање и целосна солидарност!„, напиша Никола Димитров.

 

Реклама