Проштална посета на Меркел на Западен Балкан | Информации и анализи за Балкан | DW | 13.09.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Балкан

Проштална посета на Меркел на Западен Балкан

Ангела Меркел денеска доаѓа во посета на југоистокот од Европа. За време на 16 години таа интензивно се занимаваше со компликуваните ситуации во регионот. Што сè постигна?

Само еднаш Ангела Меркел „тропна силно на масата“, односно испрати јасна порака. Тоа беше на 23 август 2011 година во Белград. Тогашниот претседател на Србија Борис Тадиќ со скаменето лице стоеше на прес конференцијата за медиуми покрај својата гостинка од Берлин.

Канцеларката тогаш студено и јасно го повтори она што му го кажа на Тадиќ зад затворени врати – Србија мора да престане да им пружа поддршка на своите сонародници на северот на поранешната јужна покраина Косово. Освен тоа, Белград мора да му даде зелено светло за членството на тогаш веќе независното Косово во меѓународните организации. Ако не го стори тоа, вратите за посакуваното членство во ЕУ на Србија се затворени. Тадиќ, целата негова влада и мнозинството Срби се почувствуваа навредени и повредени и беа едногласни во одлуката дека Србија никогаш нема да се откаже од Косово на сметка на членство во Европската Унија.

И навистина, официјален Белград грубо ги одби барањата на Меркел по ова прашање и не беше подготвен ни на најмало попуштање во однос на политиката кон Косово.

Тоа пак не ја спречи Социјалдемократската партија на Германија само една година подоцна на Тадиќ да му додели признание („Roter Bok“) за наводни заслуги за „европската интеграција на неговата земја“.

По искуството во Белград, Меркел ја промени својата политичка тактика. Наместо конфронтација играше на картата соработка, и тоа не само со водечките политичари во Србија. Таа во Берлин поединечно ги примаше и водечките политички актери од Босна и Херцеговина, земја која најчесто ја викаа „пропадната“ држава – за да ги убеди да попуштат околу спорните теми. Но ниту ваквите гестови не донесоа конкретни политички резултати.

На почетокот од 2015 година Меркелво Сараево го испрати својот тогашен министер за надворешни работи, а денешен германски претседател, Франк Валтер Штајнмаер. Заедно со британскиот колега Филип Хамонд тој се обиде тамошните закарани лидери да ги убеди писмено да се обврзат дека со уставна реформа ќе ја направат земјата функционална. За возврат, БиХ би добила значителна финансиска помош. Но, и од оваа иницијатива не излезе ништо.

Берлински процес

Една година претходно Меркелиницираше одржување на серија конференции со шефовите на држави и влади од земјите од регионот, која во историјата на дипломатијата влезе под терминот „Берлински процес“.

Овој формат на дебата даде одредени резултати – по германско-францускиот пример основана е регионална мрежа за млади и укинат е роамингот меѓу закараните балкански земји. Но, споро оди креирањето на заеднички пазар и реализацијата на инфраструктурни проекти.

Deutschland Westbalkan-Gipfel

Ангела Меркел и балканските лидери во април 2019 година

При тоа ЕУ и Германија веќе одамна во ракавот имаат одредени средства за притисок за непослушните политички лидери да ги натераат на компромис. Две третини од трговијата од овој регион се реализира со земјите од Западна Европа, пред се со Германија и Австрија. Голем дел од директните странски инвестиции исто така се од Западна Европа каде се трајно иселени стотици илјади луѓе од регионот – повторно најмногу во Германија, Австрија или Швајцарија.

Дознаките од странство од иселениците, според некои проценки сочинуваат и над 10% од БДП на овие земји. Овие пари речиси целосно одат во потрошувачката и така придонесуваат економската и социјалната ситуација да не се влоши целосно.

Тактика на „стап и морков“

Во однос на тематаЗападен Балкан, Меркел до крај ѝ беше верна на својата тактика на „стап и морков“. Евентуалното членство во ЕУ требаше да биде толку многу привлечно за да може за возврат политичките челници од регионот да бидат подготвени на отстапки во име на решавање на бројните спорови. Тактиката на креирање блиски лични односи на канцеларката на крајот требаше да донесе резултати.

Корумпирани структури и политички партнери

Така ЕУ под влијание на Ангела Меркел великодушно ја игнорираше неконтролираната корупција, газење на независното правосудство и притисокот врз медиумите – за да не се налутат политичките партнери.

Актуелниот претседател на Србија, Александар Вучиќ, кого за автократската политика не го обвинува само опозицијата во Србија, редовно им се фали на блиските со личното пријателство со Ангела Меркел. Дури и среде изборна кампања во Србија таа демонстративно го угости со прием во канцеларското биро со што јасно порача кого го смета за свој политички партнер.

Но и најмладата земја членка на ЕУ, Хрватска, за чиј влез во Унијата Ангела Меркел посебно интензивно се залагаше, веќе во повеќе наврати ја разочара канцеларката.

Меркел во 2013 година демонстративно ја бојкотираше прославата за влезот во ЕУ, бидејќи Загреб одбиваше да ги испорача поранешните југословенски членови на тајната служба, обвинети за убиство во Германија. За време на предизборната кампања за избори за Европскиот парламент во мај 2019 година Меркел во Загреб, очигледно не знаејќи за што и за кого се работи, беше доведена во ситуација да аплаудира на музика на спорниот националистички пејач Томсон и на националистички говори.

Ангела Меркел не успеа да го оствари она што го сакаше по прашањето за ЕУ-интеграцијата. Она што останува зад канцеларката во заминување е огромната финансиска помош за Западниот Балкан, која таа ја „протурка“. Брисел само неделава одобри 14.2 милијарди евра помош до 2027 година за можните идни членки од овој регион. Со оглед на корумпираните структури, допрва ќе се види дали овие средства ќе бидат потрошени онака како што е договорено. Прошталното патување на Меркел во Србија и Албанија (13 и 14 септември) секако нема ништо да промени.

 

Поврзана содржина