Промотивна турнеја во Европарламентот на Урсула фон дер Лајен | Свет | DW | 11.07.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Промотивна турнеја во Европарламентот на Урсула фон дер Лајен

Урсула фон дер Лајен сака да им угоди на многу парламентарци – и промовира неконкретни ветувања. Покрај гласовите од Европската народна партија, потребна и е поддршка социјалистите и либералите.

И при стресните состаноци во салите и низ толпата во ходниците на Европскиот парламент Урсула фон дер Лајен не заборава едно нештo: нејзината препознатлива насмевка. Придружувана од тројца корпуленти припадници на обезбедувањето и протоколот облечени во црни костуми, единствениот кандидат за претседател на Европскиот парламент, висока 1,60 буквално ита од термин на термин. Таа вчера мораше да се претстави пред претставниците на три фракции: кај социјалистите, либералите и зелените.

Најважен беше настапот пред социјалистите. На германската министерка за одбрана, која минатата недела неочекувано беше номинирана од шефовите на држави и влади на ЕУ како кандидат за високата позиција, и се потребни што повеќе гласови од втората најголема фракција во парламентот. Таму се уште е релативно голем отпорот кон Фон дер Лајен и „системот на врвен кандидат". Парламентот сака да избере само еден кандидат или кандидатка за најмоќната позиција – прв човек на Комисијата, кој бил вклучено во изборната кампања за една фракција. Шефовите на држави и влади ја игнорираат оваа желба и сакаат на тоа столче да седне германската министерка за одбрана, како дел од големиот персонален пакет за петте врвни позиции во Европа.

Ветувања на повеќе јазици

Урсула фон дер Лајен одговараше на англиски, француски и германски на прашањата на пратениците за миграција, правна држава, заштита на климата и за проширувањето на ЕУ. „Вие сте релативно нејасни во одговорите" ја критикуваше австриската пратеничка од либералите, Клаудија Гамон. Фон дер Лајен ја отфрли критиката со насмевка и на либералите им вети дека нивниот врвен кандидат, Маргрет Верстагер ќе и биде прва заменичка. На социјалдемократите пак им кажа дека и нивниот врвен кандидат Франс Тимерман исто така ќе и биде заменик.

Поборниците за заштита на климата се обиде да ги импресионира со ветувањето дека ќе се зголемат целите за заштита од штетните климатски гасови од 40 на 50 проценти. На источноевропските држави таа им вети проширување на евро-зоната и на безграничната „Шенген зона". Освен тоа Урсула фон дер Лајен се изјасни и за прием на земји од Западниот Балкан во моментот кога ќе се исполнат условите за тоа. Во сите три фракции таа јасно кажа дека сака да гарантира владеење на правото во сите земји членки. Вчера, според информациите од националконзервативните пратеници во овие групи таа најавила и дека ќе ги „олабави“ тековните постапки за утврдување на владеењето на правото во Полска и Унгарија.

Повеќе:

-Урсула фон дер Лајен во лов на гласови во Европскиот парламент

-За што се залага Урсула фон дер Лајен?

-Урсула фон дер Лајен ја има минато „школата на Меркел“

Со насмевка против критичарите

За најголемиот дел теми Фон дер Лајен ги повтори ставовите на актуелната Европска комисија и важечките заклучоци од самитите на ЕУ. И на многу детални прашања од пратеници, како на пример за заштита на животните, Урсула фон дер Лајен одговараше сигурно. „Тоа е благородна работа", одговори пасионираниот јавач, се разбира со насмевка. „Како си ја замислувате социјална Европа?" беше едно од прашањата на либералното „испрашување” кое беше пренесувано на интернет. "Тоа е комплексен проблем речиси на крајот на нашето време", одговори Фон дер Лајен насмевнувајќи се и потоа зборуваше за невработеноста кај младите и минималните плати. За други прашања призна дека сеуште нема конкретен одговор. Јенс Гајер, претседател на фракцијата од 16 социјалдемократски пратеници во ЕП од Германија, не беше импресиониран. Гајер најави дека во секој случај од принципиелни причини ќе гласа против германската кандидатка. „Таа е само кандидат на Советот на Европа и нема структурно мнозинство тука во парламентот", критикуваше Гајер настапот на Фон дер Лајен. „Не е созреана подготвеноста да се гласа за неа." Таа едноставно секому ветувала се, критикувше Гајер. Европските социјалисти кои бројат 153 мандати следниот понеделник ќе утврдат како ќе гласаат кога во вторник или среда на дневен ред ќе дојде Урсула Фан дер Лајен.

Кавга во Берлин

Одбивниот став на германските Социјалдемократи ја оптоваруваат владината коалиција во Берлин составена од ЦДУ, ЦСУ и СПД. Унијата ја поддржува Фон дер Лајен и им префрла на СПД дека прават проблеми на коалицијата. Се шпекулира дека гласањето во Европскиот парламент во зависност од тоа каков исход ќе има, би можело да ја загрози голмата коалиција во Германија. Во една точка Фон дер Лајен се постави против владата, во која и натаму е министерка. Како претседател на Европската комисија Фон дер Лајен веројатно ќе се залага спорниот гасовод Северен тек 2 кој се протега од Русија до Германија, да биде построго регулиран. Таа, за разлика од владата, се залага за тоа да има поделба меѓу компанијата задолжена за гасоводот и меѓу доставувачот на гас. Во двата случаи актуелно тоа е руската државна компанија Гаспром. Ако на 60 годишната кандидатка и успее да ја држи во единство својата христијанскодемократска фракција и да придобие поголем дел од Социјалистите и Либералите, би можела да добие околу 400 гласови.
На тајното гласање веројатно ќе добие и по некој глас од Зелените, Левицата, националконзервативните и деснопопулистите. Фон дер Лајен би требала да има најмалку 374 гласови за да биде успешен изборот.

 

 

DW.COM

Поврзана содржина

Реклама