Промената на изборниот модел ќе донесе радикали во парламентот и инфлација на клиентелизам?! | Северна Македонија | DW | 21.01.2022
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Промената на изборниот модел ќе донесе радикали во парламентот и инфлација на клиентелизам?!

Додека едни предупредуваат дека идејата носи ризик од влез на радикални политичари во парламентот, други сметаат дека таа ќе предизвика инфлација на нови листи и кандидатури, кои ќе бараат клиентелистички услуги.

Промената изборниот модел во Северна Македонија повторно се најде на маса, по повикот на опозицијата за спроведување на предвремени парламентарни избори. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски деновиве најави активности за распишување предвремени избори и соопшти дека партијата е подготвена да разговара и за воведување на една изборна единица. Тој вели дека се подготвени до парламентот да достават измени на Изборниот законик, во кои што нема да има техничка влада односно 100 дена губење време на граѓаните, туку ќе се користи уставниот рок од 45 до 60 дена..

Социјалдемократскиот сојуз е подготвен да разговара за измени на Изборниот законик, но тие не смеат да се носат избрзано. Премиерот Димитар Ковачевски  во интервју за Канал 5, порача дека во програмата на Владата стои дека изборното законодавство ќе биде усогласено со препораките од ОБСЕ/ОДИХР.

„Отворена е дискусијата и за една изборна единица, а СДСМ се произнесе дека ќе разговараме со сите партии, бидејќи Изборниот законик се носи консензуално“, вели премиерот Ковачевски.

Nord-Mazedonien Skopje | Neue Regierung | Premierminister Dimitar Kovacevski

Социјалдемократскиот сојуз е подготвен да разговара за измени на Изборниот законик, но тие не смее да се носат избрзано.

Но, експертската јавност предупредува дека ваквиот предлог има бројни замки во кои можат да паднат партиите. Додека едни предупредуваат дека идејата за една изборна единица звучи примамливо за малите партии, но носи ризик од влез на радикални политичари во парламентот, други сметаат дека таа ќе предизвика инфлација на безброј нови листи и кандидатури, за да се освои барем едно место во Собранието, со што потоа ќе се бараат клиентелистички услуги за пристапување кон која било владејачка коалиција. 

Различни партии со различни видувања 

Прашањето околу промената на Изборниот модел се отвара пред речиси сите изборни циклуси изминативе години, но досега не е постигнат партиски консензус во која насока да се движат промените. 

Ковачевски вели дека различни партии имаат различно видување во врска со изборниот модел, поради што Изборниот законик треба да се носи во подолг временски период, за истиот да биде направен на начин кој ќе биде спроведлив и адекватен за сите партии. „Не треба временски да се ограничуваме, туку да се отвори дискусија и да се види кој модел е најдобар за сите политички партии. СДСМ ќе учествува во таа дискусија, заедно со сите коалициски партнери“, вели Ковачевски.

Иницијатива 

И пред локалните избори имаше иницијатива за отворени листи за советници, но Ковачевски бил против тоа да се носи избрзано, бидејќи со тоа само ќе се направела забуна на гласачите.

Ова прашање повторно го отвори  Павле Трајан од Демократски сојуз, кој е коалициски партнер во Владата. Пратеници од пет помали партии во владејачката коалиција бараат што поскоро да се расправа за предлогот за измени на Изборниот законик, доставен до Собранието на 5 март 2021 година.

Со промените се предлага Република Северна Македонија да биде една изборна единица, со пропорционален изборен модел и без праг. барањето е потпишано од пратениците Павле Трајанов (ДС), Маја Морачанин (ДОМ), Моника Зајкова и Боби Мојсоски (ЛДП), Љупчо Балкоски (ВМРО-НП) и Бејџан Иљас од ДПТ.

Но, помалите партии му порачаа на Мицкоски да не смета на нивната поддршка за предвремени парламентарни избори. Тие се децидни дека промената на изборниот модел од шест во една изборна единица е позитивен чекор, но дека тоа не значи поддршка на идејата на Мицкоски за предвремени парламентарни избори.

Nord-Mazedonien Skopje | Kommunalwahl Hristijan Mickoski

Помалите партии се децидни дека промената на изборниот модел од шест во една изборна единица е позитивен чекор, но дека тоа не значи поддршка на идејата на Мицкоски за предвремени парламентарни избори.

И генералниот секретар на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, се изјасни дека начелно се за отворени листи, но, да има осум изборни единици. „Нашиот аргумент за тоа е што постојат осум економски развојни региони во Македонија. Ако сакаме демократизација на општеството, тоа треба да почне во партиите и затоа треба да се оди со отворени гласачки листи. Подготвени сме да разговараме и да ги изнесеме своите аргументи. Но, се сомневам дека до следните избори ќе дојде до промени“, изјави Таравари. 

Нестабилна власт и лукративни желби 

Професорот Никола Поповски на социјалните мрежи си сподели своите размислувања околу проблематиката. Тој вели дека ако на парламентарни избори цела земја е една изборна единица без долен праг за обезбедување место во Собранието,тогаш во услови на одѕив од околу еден милион гласачи, на една кандидатска листа ќе и требаат само околу  7.500 до 8.000 гласови за да добие еден пратеник.

„Тоа ќе доведе до бум на посебни (некоалициски) партиски и независни листи (особено вториве), пред се на локални и микролокални нивоа. Тоа ќе предизвика инфлација на безброј нови листи и кандидатури за да се освои барем едно место во Собранието, со што потоа ќе се бараат клиентелистички услуги за пристапување кој која било владејачка коалиција,, бидејќи, за жал, тоа е веќе реалност кај нас“, укажува Поповски.

Со тоа, според него, Собранието ќе се фрагментира на избрани пратеници од премногу партии и независни листи. Владеењето ќе е нестабилно и оттука склоно кон бескрајно и бесцелно задоволување на нивните разни лукративни желби.  

Примамлива, но ризична идеја 

Идејата за една изборна единица звучи примамливо за малите партии, но носи ризик од влез на  радикални политичари во парламентот. Во услови на блокиран парламент тоа може да биде голем проблем, укажа во колумна за ДВ поранешниот министер Никола Тодоров

Nord-Mazedonien Nikola Todorov, ehemaliger Minister für Gesundheit und Bildung

Никола Тодоров

Ова во услови кога македонскиот парламент е подложен на блокади, може да биде голем проблем, особено во случај на злоупотреба на т.н.филибастеринг, односно поднесување на илјадници бесмислени амандмани. За ова да се спречи, неопходно е воведувањето на една изборна единица да оди паралелно со измена на Деловникот на Собранието и да се предвиди постапката за носење на законите да биде слична како постапката за носење на буџетот, каде амандманската расправа е ограничена на максимум 10 денови, со тоа што во овој случај дебатата да може да трае најмногу до 20 денови. Вака ќе се избегне можноста за диктат на малцинството врз мнозинството, ќе се избегне можноста еден или двајца радикали да го блокираат функционирањето на парламентот и да постават систем на постојани уцени и креирање на политички и уставни кризи, ќе се избегне потребата од злоупотреба на европското знаменце, а сепак ќе се остави можност за доволно долга и квалитетна јавна дебата.