1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Армијата се поднови со американски „Страјкери“

25 март 2026

Македонија ја забрзува модернизацијата на Армијата: пристигнаа 17 „Страјкер“ возила од САД. Премиерот Христијан Мицкоски ја оцени безбедносната ситуација како стабилна.

https://p.dw.com/p/5B6CX
„Страјкер“ оклопни возила на армијата на САД на воени вежби во Бугарија. февруари 2022
Македонија ја модернизира Армијата со 17 „Страјкер“ оклопни возила од САДФотографија: U.S. Army/ZUMA Press Wire/picture alliance

Македонија продолжува со модернизацијата на Армијата, а во земјата пристигнаа 17 нови лесни оклопни возила „Страјкер“ (STRYKER), набавени од Соединетите Американски Држави. Во наредниот период се очекуваат и останатите возила, со што значително ќе се зајакнат капацитетите на македонската Армија.

Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека новата опрема ја зголемува оперативноста и мобилноста на Армијата.
„Ова за нас многу значи – ја подобрува оперативноста, ја зголемува мобилноста и нè прави поконкурентни споредено со другите армии. Владата ќе продолжи да инвестира во современа опрема во рамките на буџетските можности. Критериумите кои треба да се исполнат до 2032 година, ние веќе ги надминуваме“, изјави Мицкоски.

Безбедносната ситуација е стабилна и под целосна контрола

Говорејќи за состојбата со безбедноста во земјава, Мицкоски ја оцени како стабилна, и покрај случувањата на Блискиот Исток. „Безбедносната состојба е стабилна, без осцилации, и ја имаме целосно под контрола. Предизвици секогаш има, но подготвени сме да реагираме доколку е потребно“, додаде тој.

Презентацијата на возилата се одржа во касарната „Страшо Пинџур“ во скопски Петровец. На настанот присуствуваше и министерот за одбрана Владо Мисајловски, кој истакна дека станува збор за еден од најкрупните проекти во одбраната.

Следуваат нови проекти и продолжена модернизација

„Стигнаа 17 ‘Страјкери’, а останатите очекуваме да пристигнат до средината на летото. Продолжуваме со сите активности во делот на модернизацијата – ќе има уште многу вакви проекти. Дел од возилата што беа во гаражите веќе се ставени во функција благодарение на соработката со САД“, рече Мисајловски.

Министерството за одбрана годинава го има најголемиот буџет досега. „НАТО бара да вложуваме над 20 проценти во модернизација, а ние инвестираме повеќе – над 32 проценти. Следуваат дополнителни наоружувања, опрема, беспилотни летала и проекти за специјалните единици“, додаде министерот.

Регионален контекст: кој е најголем увозник на оружје

Никол Варнс вршител на должноста шеф на Мисијата на Амбасадата на САД, изјави дека ова е важен ден за Северна Македонија и НАТО: „Со пристигнувањето на овие STRYKER возила и целосната испорака на 42 возила до лето, Северна Македонија прави значаен чекор во модернизацијата на своите вооружени сили. Оваа програма покажува што можеме да постигнеме преку заедничко финансирање“. 

Модернизацијата на АРМ доаѓа во време кога регионот интензивно инвестира во одбраната. Според податоците на Стокхолмскиот меѓународен институт за истражување на мирот (СИПРИ), Србија во последните пет години увезла најголем дел од сложеното оружје на Западен Балкан.