Приземјување на „Адриа Ервејз“ | Економија | DW | 01.10.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Економија

Приземјување на „Адриа Ервејз“

Словенечката авиокомпанија „Адриа Ервејз“, партнер на германска „Луфтханза“, прогласи банкрот. Владата во Љубљана размислува за формирање нова авиокомпанија со уште подобри врски со странство.

„Адриа Ервејз“, словенечката авиокомпанија која соработуваше со германската „Луфтханза“, прогласи несолвентност и ги прекина сите летови, што официјално стои и на нејзината веб-страница. Окружниот суд во Крањ има рок од три дена да донесе одлука за покренување стечајна постапка против „Адриа Ервејз“, како што јавува словенечката новинска агенција СТА. Словенечкиот министер за економија Здравко Почивалшек претходно соопшти дека банкротот на „Адриа“ е веќе неизбежен, по неуспешниот обид да се најдат кредитори. Тој започнал разговори со „Луфтханза“ и со франкфуртскиот аеродромски оператор „Фрапорт“ како сопственик на аеродромот во Љубљана, околу можноста „Луфтханза“ да преземе барем половина од летовите на банкротираната компанија.

„Адриа Ервејз“ е поврзана со „Луфтханза“ преку воздухопловниот сојуз „Стар алианс“. Портпарол на „Луфтханза“ денеска изјави дека моментно се прават напори за провизорно да бидат преземени отпаднатите летови, но непредвидливо е како состојбата ќе се одвива на подолг рок.

Повеќе: 

По банкротот на Томас Кук - државна помош: дали тоа е воопшто дозволено?

Грција во небрано по колапсот на Томас Кук

Банкрот на „Томас Кук“ - кошмар за стотици илјади туристи

Мнозинското сопствеништво врз 58 години старата авиокомпанија „Адриа Ервејз“ од 2016 година го презеде инвестициски фонд „4К Инвест“ од Минхен. „Адриа“, според сопствени наводи, располагала со 20 авиони, но речиси сите позајмени. Во компанијата се вработени околу 500 луѓе, а таа опслужуваше првенствено дестинации во источна Европа и на Балкан. Во моментот на нејзиното згаснување, „Адриа Ервејз“ имаше два лета дневно меѓу Скопје и Љубљана, а тие не се опфатени во тековните преговори со „Луфтханза“.

Во последните денови авиокомпанијата, поради финансиски проблеми, откажуваше сѐ поголем број летови, од што се засегнати преку 15.000 патници. Словенечката служба за воздушна контрола на „Адриа“ ѝ даде рок до 2 октомври преку солиден финансиски план да ја задржи дозволата за извршување на дејноста. Медиумски извештаи тврдат дека „Адриа“ има долгови од 90 милиони евра, а за да преживее ѝ биле потребни повеќе милиони евра.

Минатата недела словенечкиот министер за економија изјави дека владата во принцип била спремна да ја поддржи „Адриа“, но со сегашниот нејзин сопственик, таа не би дала „ни едно евро“. Владата на Словенија ја разгледува можноста да формира нова авиокомпанија која би имала подобри поврзници на главниот град на Словенија со странство.

Поради силниот конкурентски притисок, поврзан со постоење преголем капацитет на пазарот и растечките цени на керозинот, во Европа веќе банкротираа повеќе помали авиокомпании. По пропаста на презадолжениот туристички концерн „Томас Кук“ од минатата недела, и германската авиокомпанија „Кондор“ е во потрага по нови инвеститори. 

 

DW.COM