Заев: Со Бугарија не разговараме за македонскиот јазик и идентитет | Северна Македонија | DW | 02.07.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Заев: Со Бугарија не разговараме за македонскиот јазик и идентитет

Американскиот државен помошник секретар за Европа, Филип Рикер од Охрид испрати јасна порака - без одложување треба да започнат преговорите за влез во ЕУ.

Nord-Mazedonien Prespa Forum Dialogue

Прес-конференција на Филип Рикер и Зоран Заев во рамките на Преспа форумот за дијалог

Македонскиот јазик и македонскиот идентитет се надвор од преговорите со Бугарија. Тоа им е јасно и на помалку упатените во проблематиката, на сите земји-членки на Европската Унија, на целиот регион и на целиот демократски свет, предводен од САД, порача денеска од Охрид македонскиот премиер Зоран Заев на заедничката прес-конференција со помошникот државен секретар на САД за Европа и евроазиски прашања, Филип Рикер. Со тоа се заокружи дводневната конференција на Преспа форумот за дијалог, на која над 300 гости од земјата, регионот и од Европа упатија критики кон ЕУ и побараа што поскоро да започнат претпристапните разговори со С. Македонија и со Албанија за влез во ЕУ.

Nord-Mazedonien Prespa Forum Dialog Ohrid

На Преспа форумот за дијалог учествуваа над 300 гости од земјата, регионот и од Европа

„НАТО го остваривме, втората стратешка цел е да продолжиме низ поглавјата во пристапот со ЕУ. И во едни такви околности уште еднаш можам да потврдам дека во Бугарија не разговаравме за македонскиот јазик и за македонскиот идентитет“, рече Заев, одговарајќи на новинарските прашања во врска со резолуцијата за дефинирање и заштита на македонските позиции во преговорите со Бугарија, која лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, најави дека ќе ја поднесе следната недела. Премиерот е дециден дека се надвор од здравата логика обвинувањата на опозицијата дека е одговорен за бугарското вето и дека го предава македонскиот јазик и македонскиот идентитет.

-повеќе на темата: Пораки од Охрид: Критики за ЕУ, поддршка и надеж за С. Македонија и Албанија

Македонскиот државен врв очекува од Европа да ги заштити идентитетите на сите, вклучително и на македонскиот. „Впрочем и Република Бугарија вели дека ја прифаќа реалноста за македонскиот јазик и македонскиот народ. Разговаравме за патоказот, согласно кој ги дефиниравме областите, ги задолжуваме институциите и ги одредуваме роковите за зголемувањето на ефикасноста на соработката меѓу двете земји“, вели Заев.

Nord-Mazedonien | Prespa Forum in Ohrid und Prespa

Заев вели дека нема да отстапки од изнаоѓање заеднички прифатливо решение со Бугарија засновано врз европски вредности и стандарди

Премиерот додава дека нема да отстапки од изнаоѓање заеднички прифатливо решение со Бугарија засновано врз европски вредности и стандарди. Смета дека Брисел треба да се соочи со ситуацијата во која е ставена стратешката определба за натамошно проширување на Унијата со земјите од Западен Балкан и да смогне сили да го објави тоа решение есенва, до Самитот ЕУ за Западен Балкан.

Неисполнето ветување

Премиерот за време на средбите и дискусиите во Охрид во неколку наврати повтори дека одлуката да не се одржи првата меѓувладина конференција беше големо разочарување за Северна Македонија и за Албанија. „Тоа е голем неуспех на политиката на проширување на ЕУ и лоша порака за регионот. Европската Унија не го исполни своето ветување“, рече Заев, потенцирајќи дека ЕУ може да поставува интегративни задачи, рокови „но не може да ја утврди ниту нашата локација, што е во срцето на Европа, ниту нашата култура и нашиот европски идентитет, ниту да ја оспори иднината на нашите народи како европски нации во европското семејство, во европските земји, имајќи европски политички, институционални и економски стандарди“.

-повеќе на темата: Палмер и Рот со порака: ЕУ никогаш нема да биде комплетна без земјите од Западен Балкан

Пристапувањето на Северна Македонија кон Европската Унија беше во фокусот на речиси сите разговори и панели коишто изминативе два дена се водеа во Охрид на високо политичко ниво. Помошник-државниот секретар на САД, Филип Рикер и на заедничката прес-конференција со премиерот Заев оцени дека евроинтеграцијата на земјата ќе ја зголеми стабилноста во Европа и затоа суштински елемент на американската политика е поддршката за нејзино пристапување во Унијата. Рикер смета дека процесот на пристапување кон ЕУ ќе помогне да се положат темелите за просперитетни и помирни времиња. Затоа им порача на земјите-членки на Унијата без одложување да ја одржат првата меѓувладина конференција како со Северна Македонија, така и со Албанија. Во спротивно, се испраќа погрешен сигнал.

Nord-Mazedonien Prespa Forum Dialogue

Рикер испрати јасна порака дека Северна Македонија на САД може да смета како на пријател

„Последните одлуки го поткопуваат кредибилитетот на ЕУ. Тоа испраќа погрешен сигнал и се зајакнуваат перцепциите во Западниот Балкан дека ЕУ го напушта регионот. Јас не верувам во ова и затоа го поддржуваме почетокот на преговори за членство на Северна Македонија во Унијата и тоа многу јасно го изразивме во многу прилики“, вели Рикер. Неговата јасна порака испратена од Охрид е дека Северна Македонија на САД може да смета како на пријател.

И Ципрас изненаден од ветото

Лидерот на „Сириза“, Алексис Ципрас, кој престојуваше во Охрид, во интервју за ТВ 24 вели дека ставот на Бугарија е непријатно изненадување и за него. „При првите чекори од напорот заедно со Зоран Заев, пред да го потпишеме договорот од Преспа, тој период Бугарија не беше негативна. Напротив, беше охрабрувачка. Го разбирам разочарувањето што може да го чувствуваат граѓаните на Северна Македонија, додека гледаат дека и по еден договор што бараше промена на Уставот, промена на уставното име и по жртвите што ги направија граѓаните, европската перспектива останува заматена. Верувам дека наредниот период Бугарија треба да го вложи секој напор за да не претставува дел од проблемот, туку дел од решението. Ќе треба да го вложи секој напор, така што ќе се најде излез и да не настојува на алтернатива без излез - вето“, вели Ципрас.

Помогнете ни

„Помогнете ни, помогнете и на луѓето коишто живеат во овој регион. Време е за ресетирање“, порача претседателот Стево Пендаровски, кој зборувајќи за актуелните политички случувања се фокусираше на негативните процеси коишто предизвикуваат празнење на регионот. „Најпаметните, најмладата, најдинамичната сила го напушта регионот и во суштина ние нема да имаме на кого да се потпреме во вистинскиот живот за да видиме вистински напредок на нашите економии. Затоа помогнете ни, помогнете им на луѓето коишто живеат во овој регион, време е за ресетирање“, вели Пендаровски. Тој ,зборувајќи за Западен Балкан, рече дека на хартија има 18 милиони жители на Западен Балкан, но дека реално 4 милиони не се тука. Пендаровски рече дека доколку ваквиот тренд продолжи и следните пет-десет, години нема да има кадар за развој на економијата во земјата.

-повеќе на темата: Преспа дијалог: С. Македонија не влегува во замки поврзани со јазикот и идентитетот

Претходно и српската премиерка Ана Брнабиќ, на Преспа форумот во Охрид, порача дека Западен Балкан треба да продолжи со евроинтеграциите, но дека фокусот треба да биде ставен и на соработката што може да го подобри квалитетот на животот на граѓаните. Во однос на интеграцијата во ЕУ на Македонија, српската премиерка оцени дека тоа што ѝ се случи на С. Македонија е особен преседан, оти веќе не станува збор за европски вредности, туку за билатерални прашања. Таа се надева дека нема да има такви преседани во иднина, но, како што вели, се плаши дека е можно дека е отворена Пандорината кутија.

Критики за Унијата упати и поранешниот еврокомесар, Јоханес Хан, според кој, незапочнувањето преговори на Северна Македонија и Албанија е јасен неуспех на Европската Унија. 

-повеќе на темата: Јанша бара побрзо темпо на проширување на ЕУ

Многу критики за ЕУ, како и поддршка и надеж за скоро интегрирање на Западен Балкан во ЕУ можеа да се слушнат изминативе два дена на бројните панели на кои се дискутираше за Охридскиот договор, 20 години по неговото потпишување, како и за двата важни договори кои следеа по него – Преспанскиот договор со Грција, како и договорот за добрососедство и соработка со Бугарија. Актуелните превирања со Софија, лисабонскиот предлог и бугарското вето, се провлекуваа како основна нишка на сите дискусии на високите гости во Охрид, кои се обидоа да испратат јасна порака – дека ЕУ мора да ја исправи грешката направена кон Западен Балкан, бидејќи стабилноста на регионот зависи од европската иднина на С. Македонија и Албанија.

Nord-Mazedonien Prespa Forum Dialog Ohrid

С. Македонија добива место на мапата на меѓународната заедница како сериозен партнер и точка од која произлегуваат позитивни иницијативи, вели Бујар Османи

„Изминативе два дена успеавме да покажеме, но пред сѐ и себеси да си докажеме, дека сме рамо до рамо со нашите партнери и пријатели кога се работи за нашиот придонес во меѓународните односи. Од денес, Северна Македонија добива место на мапата на меѓународната заедница како сериозен партнер и точка од која произлегуваат позитивни иницијативи; дел од светот каде што секој треба да се чувствува добредојден, и да биде дел од приказната што ние ја понудивме и заеднички ја споделуваме“, оцени министерот за надворешни работи, Бујар Османи, кој беше домаќин на првата меѓународна конференција во рамките на Преспа форумот за дијалог, која во изминатите два дена се одржуваше во Охрид и Отешево.