„Предупредување од бура“ на Црното Море | Свет | DW | 30.11.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

„Предупредување од бура“ на Црното Море

Руските и украинските сили се судрија на вода. Црното море не е опасен терен само за Москва и Киев, туку е и место каде што се судираат интересите на НАТО и Русија.

Црното море не е познато по бури, а и геостратешки гледано, тие прилично плитки води имаа предност да не се меѓу жешките точки на глобалното жариште. Но, ова драматично се промени во 2014 година, кога Русија го анектираше Крим од Украина. Путин едноставно ја поништи одлуката на шефот на Комунистичката партија на Советскиот Сојуз (КПСС) Никита Хрушчов од 1954 година за подарување на тој полуостров на Украина. Оттогаш Крим се претвори во „носач на авиони“ за руските интереси на југоисточното крило на НАТО.

Русија екстремно го милитаризираше Крим и Црното Море. Во меѓувреме на полуостровот се стационирани околу 28.000 руски војници. Русија практично го дуплираше воениот буџет во изминатите десет години.

Едно е сигурно: малата украинска морнаричка база на брегот на Азовското Море ја има зграпчено рускиот претседател Владимир Путин. Уште во 2008 година, Институтот за меѓународни и безбедносни односи од Берлин, предупреди дека Русија систематски го зголемува своето воено присуство во регионот на Црното Море. Воената област „Запад“ сега е пред сѐ на Црното Море. Со новите подморници и фрегати, кои се опремени со ракети со долг дострел од типот „Калибр“, руското воено присуство на Црното Море е отворена порака и презентација на сила во насока на НАТО-земјите, пред сѐ Бугарија и Романија.

Повеќе: Азовско море: Украина е во право, но Русија има контрола

Црното море - руско езеро?

Потенцијално кризно сценарио е проблематично особено за овие земји. За Бугарија, земјата која во советско време ѝ беше верна на Москва и за Романија која веќе подолго време е дистанцирана од Москва откако ја смени страната и стана земја членка на НАТО. Нивниот дел од брегот на Црното Море долго време се игнорирана слаба точка на Алијансата. Романија уште пред анексијата на Крим предупредуваше од тоа да не се дозволи Црното Море да се претвори во „руско езеро“. Букурешт врши притисок за поголемо присуство на НАТО во регионот, вклучително и мултинационална флота.

Бугарија пак го одбива тоа. Сѐ уште се премногу силни емотивните и културните врски со „мајка Русија“. Таа е слаба точка за Алијансата. Ова е и поради фактот што Софија сѐ уште се потпира на воените резерви од советското наследство. Русија пак многу добро ги познава слабите точки на старите одбранбени системи. Инститирањето на Доналд Трамп од државите членки на НАТО да го зголемат буџетот и вложувањето во војската има влијание. Бугарскиот премиер Бојко Борисов летово најави дека неговата земја ќе инвестира над 2 милиона евра за да ја модернизира војската.

Infografik Karte stationierte russsische Truppen am schwarzen Meer EN

Русија и Турција - соработка меѓу две моќни земји

Ахиловата пета на НАТО во југоисточниот дел доаѓа особено до израз ако се погледне Турција. Оваа членка на НАТО веќе подолго време смета дека Западот во неа никогаш не гледал рамноправен партнер. Ова чувство на разочараност е поттикнато и од нарушените односи меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот турски колега Реџеп Таип Ердоган. Турција подолго време развива тесни економски и воени врски со Истокот. Меѓу другото, од Русија купи С400 системи за противракетна одбрана. Потег кој го налути НАТО и ги стави на испит односите меѓу Турција и Алијансата.

Турската морнарица, особено подморничката флота, е сѐ уште супериорна и покрај вооружувањето на Русија на Крим, но безбедносно-политички Турција е неверојатно дефанзивна. Русија не ѝ е потенцијален непријател, туку повеќе коалициски партнер. Тоа јасно се виде за време на посетата на Ердоган кај Путин по уривањето на еден руски авион врз Сирија, за што тој се извини и вети голем надомест за жртвите. Тие не се вистински пријатели, но минато се и времињата од 19. век, кога Русите и Турците се бореа во неколку војни околу регионот на Црното Море.

Повеќе: Демонстрација на сила во Азовското Море

Гасот повторно тема 

Ова пред сѐ се должи на економските интереси северно и јужно од Црното Море. Економски Анкара е поблиску до Русија отколку до НАТО и ЕУ. Како што се договорија минатата недела Путин и Ердоган, „Турскиот гасовод" кон крајот на 2019 година ќе биде пуштен во употреба. Тоа значи дека гасот ќе поминува низ Црното Море, но покрај Украина. Тоа во превод значи дека нема да има транзитни такси за државната каса во Киев, во време кога економската ситиуација во Украина е сѐ потешка. Од гасоводот пак ќе профитираат Бугарија, Србија, Унгарија и Словачка, низ кои по 2020 година треба да се пренесува гас од Босфор до Централна Европа, иако за ова сѐ уште се преговара. Но и ова ја прави ранлива југоисточната граница на НАТО.

NATO Standing Maritime Group in Bulgarien (picture-alliance/NurPhoto/Impact Press Group/P. Petrov)

Поморски маневри на НАТО во 2015 година пред бугарскиот брег на Црното Море

Украина - изолирана и слаба

Од сето ова Украина излегува ослабната. Владата на Порошенко од ЕУ и НАТО не може да очекува ништо повеќе од солидарност. Нејзините барања од германската канцеларка Ангела Меркел, да испрати воени бродови на Крим, тешко дека ќе се исполнат. Земјата не е членка на НАТО и Алијансата со тоа не може да интервенира. Украина, која е воено инволвирана во Донбас, со загубата на Крим особено ослабена, засега останува изолирана на Истокот. Иако активностите на Русија во Крим и Азовското море се прекршување на меѓународното право, Украина е воено преслаба за да може да си го спроведе правото.

Повеќе: Кримски конфликт: Што може да стори Германија?

На маргините на ЕУ нема заеднички културен простор

Регионот на Црното Море, за разлика од Средоземното Море или Балтикот, не е културно-историски хомоген регион. Во времето на Студената војна тука беше границата меѓу Западот и Истокот. Денес овде се судираат, буквално на средина на морето, три моќни сили: Русија, Турција и „Западот“. И повторно не се работи за хармонизација, туку за креирање на зони на влијанија. Појдовна точка за конфликти.

Кога на 4 и 5 декември министрите за надворешни работи на НАТО ќе се состанат во Брисел, конфликтот на Црното Море сигурно ќе биде тема. Тешко дека одговорот на рускиот „продор“ на југоисточното крило на НАТО ќе биде поконкретен од само „зголемување на присуството“ на поморските сили на НАТО на Црното Море.

DW.COM

Реклама