Предметите од СЈО одат во ЈО | Северна Македонија | DW | 12.09.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Предметите од СЈО одат во ЈО

Специјалното јавно обвинителство, преку соопштение на својата интернет страница, најави подготвеност да одговори на дописот од Јавното обвинителство и веднаш да ги предаде сите тековни предмети, истраги и предистраги.

Специјалното јавно обвинителство денеска одговори на добиениот допис од Јавното обвинителство и е подготвено уште веднаш да му ги предаде сите предмети заедно со доказите и прислушуваните материјали.

Во соопштението на Специјалното јавно обвинителство, објавено на неговата официјална интернет страница, се вели:

„Постапувајќи по дописот, до Јавното обвинителство на Република Северна Македонија доставено е известување дека Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите е подготвено веднаш да ги предаде предметите по кои постапува со сите списи и докази.“

Одлуката на СЈО доаѓа откако Катица Јанева, која поднесе оставка од челната позиција на СЈО, а во меѓувреме е во тек и постапка за нејзино разрешување, од притвор испрати овластување за помошниците -обвинители да ги предадат предметите на Републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески.

Инаку, политичките партии уште не можат да се договорат за Законот за јавно обвинителство.  Средбата  на премиерот Зоран Заев и лидерот на ВМРО ДПМНЕ  Христијан Мицкоски околу иднината на СЈО и Законот за јавно обвинителство завчера не донесе резултат, туку меѓусебни обвинувања. Според извори од преговарачките тимови, остануваат клучните разлики околу  статусот на СЈО и предметите што ги отвори ова обвинителство

Со законот за Јавно обвинителство, инаку, треба да се реши и иднината на целиот персонал на СЈО.

Стручниот, административниот и помошно-техничкиот персонал од СЈО испрати писмо до премиерот Зоран Заев, претседателот на државата Стево Пендаровски, министерката за правда Рената Дескоска и амбасадорите на ЕУ, САД и Холандија во земјата, во кое изразува разочараност од неизвесноста во врска со нивниот работен однос додека сѐ уште е неизвесна судбината на ова обвинителство.

DW.COM

Реклама