Прва жртва од мистериозната болест на белите дробови
Во метрополата Вухан, во централна Кина, едно лице почина како последица на новата мистериозна болест на белите дробови. Станува збор за 61-годишен пациент, кој имал и рак и хронично заболување на црниот дроб. Човекот, како и другите пациенти кај кои е регистрирана белодробната болест, го посетувал пазарот во Вухан, кој се смета за место каде првпат се појавила болеста. Пазарот е затворен од 1 јануари, а на него покрај риби, се продаваат и диви животни.
Повеќе: Мистериозна болест на белите дробови се шири низ Кина
Досега се регистрирани 41 лица заразени од новиот корона-вирус, кој се смета за предизвикувач на болеста. Седуммина се во животна опасност. Досега не е докажано дека вирусот се пренесува од човек на човек. Меѓу 700 лица, од кои повеќе од 400 медицински персонал, кои имале контакт со пациентите, досега не е констатирана инфекција.
Сепак, мерки за претпазливост се преземаат не само во Кина, туку и во други азиски земји, особено кога станува збор за лица кои доаѓаат од регионот на Вухан. Се спроведуваат и контроли на температурата на телото за да се спречи ширење на белодробното заболување. Сомнителни случаи има и во Јужна Кореја, Сингапур и Хонгконг.