1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пензиски реформи: Догодина ќе се чешла бенифицираниот стаж

Костадин Делимитов
19 ноември 2018

Препораките на ММФ за поместување на старосната граница за пензионирање засега не е опција за Владата. Реформите ќе продолжат, но со ревидирање на условите за бенифициран стаж. Експерти сугерираат долгорочни реформи.

https://p.dw.com/p/38Whn
Mazedonien Schaltergeschäft in einer Bank in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Македонската влада доби преодна оценка за започнатите пензиски реформи, но и препорака за дополнителни болни мерки. Во завршната изјава на мисијата на Меѓународниот монетарен фонд, која деновиве беше во Македонија, се нагласува потребата од дополнителни мерки за обезбедување на долгорочна стабилност преку зголемување на старосната граница за пензионирање. Во Македонија, во моментов, мажите одат пензија со полни 64 години, додека жените со 62. Дополнително и затегање на условите за предвремено пензионирање:

„Предлог буџетот за 2019 година има јасна намера да одговори на одржливоста на пензиите, промовирање на социјалната еднаквост и поддршка на вработувањето. Предложените пензиски реформи, кои вклучуваат повисоки стапки на придонеси, имајќи корист од реиндексација и мерки за подобрување на еднаквоста помеѓу учесниците во двата столба, ќе го намалат пензискиот дефицит на среден рок. Меѓутоа, треба да се земат предвид и понатамошни мерки како што се стегање на условите за предвремено пензионирање и зголемување на старосната пензија за да се обезбеди долгорочна одржливост на пензискиот систем“, пишува во завршната изјава на ММФ.

USA Wirtschaft Sitz Internationaler Währungsfond IWF Gebäude Flaggen
Стегање на условите за предвремено пензионирање и зголемување на старосната пензија, предлага ММФФотографија: ullstein bild - JOKER/Lohmeyer

Старосната граница засега не се поместува

Препораките на монетарците доаѓаат во период кога Владата ја започна реформата на пензискиот систем. Како први мерки кои треба да се имплементираат се зголемување на придонесите за пензионирање за 0,5% од наредната година и враќање на осигурениците од приватните фондови во задолжителниот, државен фонд. Препораките на ММФ не се ништо ново, но тие засега не се опција. Владата ќе продолжи да го реформира пензискиот систем, но засега не размислува за поместување на старосната граница:

„Ова е само почеток на подолготраен процес на реформи во пензискиот систем кој ќе продолжи во наредниот период. На овој начин сега се прави стабилизација, односно се обезбедува дупката во буџетот да не се продлабочува. Зголемување на старосната граница дефинитивно сега ќе нема. Но она што ќе следи од наредната година е целосна ревизија на системот на бенифициран стаж. Станува збор за голема работа со оглед на бројката од 23.000 вработени кои се дел од оваа мерка. Ќе се прават анализи и ќе се прават промени во степените. Сите досегашни чекори, но и оние кои ги планираме дополнително се во насока на стабилизирање а подоцна и намалување на дупката во фондот. Но факт е дека преку ноќ решение нема“, велат за Дојче веле од Министерството за труд и социјална политика.

Повеќе:

-Старосната граница за пензионирање не се менува, барем засега

-Македонија, пензионерски рај што тоне во долгови!

-Дали пензискиот брод плови кон банкрот?

Дека на пензискиот фонд му се потребни сериозни и болни реформи немаат дилема ниту експертите. Дел од нив веќе одреден период и заговараат сценарија кои се безмалку идентични со оние на ММФ. Во неодамнешната студија продуцирана од „Фајнанс тинк“ меѓу другото  се препорачува дека за долгорочна одржливост како понатамошни мерки се наведени затегнување на условите за предвремено пензионирање и подигнување на статуторната возраст за пензионирање. Сепак овие сценарија велат оттаму треба да се гледаат како долгорочни, а не итни:

„Во однос на зголемувањето на старосната граница, сметаме дека во моментот нема доволно предуслови за ова сценарио да се примени веднаш. Но, како опција не треба да се отфрли, за овој процес на постепен пораст на границата на пензионирање да започне после пет години од денес. Притоа, порастот на старосната граница да води сметка и да има посебни поволности или подоцнежното одење во пензија да биде доброволно за вработените во трудоинтензивните сектори и вработените со стаж на вработување поголем од 35 години. До моментот на пораст на старосната граница за пензионирање, да се воведат стимулативни програми за доброволно подоцнежно одење в пензија, преку воведување дополнителна премија, повисока заменска стапка или еднократен надомест“, коментира Благица Петрески од „Фајнанс тинк".

Добар почеток...

Поместувањето на старосната граница за пензионирање како мерка сама по себе е политички непопуларна и оттука не треба да се очекува нејзино брзо имплементирање, коментираат дел од експертите. Оттука, таа треба да биде и последна опција:

„ Во овој момент треба да се проверат други мерки, како на пример финансирањето но и расходите од фондот за пензиско. Сегашниот чекор со зголемување на придонесите за 0,5% би требало да продолжи идентично и наредната година што на некој начин ќе амортизира односно ќе додаде нови приходи за фондот. Но треба да се внимава и на расходниот дел трошењата на фондот. Факт е дека со волкави расходи од 400 милиони евра од буџетот не можеме да издржиме“, коментира даночниот експерт Павел Гацов.

Mazedonien Rentner
Во Македонија, во моментов, мажите одат пензија со полни 64 години, додека жените со 62.Фотографија: DW/S. Toevski

Сегашните мерки според него се добар почеток, иако дел од нив носат и одредени оптоварувања:

„Насоката е добра, посебно и со потегот да не се зголемуваат пензиите по 5 или 10% предизборно. Дополнителни средства ќе се обезбедат и со враќање на осигурениците од приватните фондови, но долгорочно тие ќе имаат и повисоки пензии па така и поголеми трошоци за фондот. Тука е и социјалната пензија која засега не е товар на Фондот за ПИОМ, туку е под Министерството за труд и социјала. Но сепак и за оваа намена се одвојуваат пари од даночните обврзници“, коментира Гацов.

Последниве години во Република Македонија во континуитет се зголемуваше дупката во фондот а со тоа и дотации од државниот буџет со кои таа се пополнуваше. Овој тренд продолжи и годинава  во која за исплата на пензиите на вкупно 312.857 пензионери, потребни се 832,7 милиони евра. Од нив, дури 452,5 милиони евра, или 54,3% се пари кои ќе се одвојат од државниот буџет што е за 20 милиони евра повеќе од лани. Само за илустрација, во 2009 година со трансфери од буџетот се покриваа 33,9% од трошоците на Фондот за пензиско осигурување.