1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Старосната граница за пензионирање засега не се менува

Костадин Делимитов
23 февруари 2018

Штетните политики на минатата власт ќе мора да се корегираат и со непопуларни мерки. Продолжување на работниот век е последна опција, но има ли ефикасни алтернативи? Експертите со поделени мислења.

https://p.dw.com/p/2tCNH
Großbritannien Rentner
Фотографија: Getty Images/AFP/J. Taylor

„Не треба да се посегне кон зголемување на старосната граница за пензионирање сѐ додека не се искористат сите други можности“. Оваа изјава на министерот за финансии Драган Тевдовски веројатно ја намали тензијата, но не и загриженоста во јавноста околу нужните реформи за стабилизирање на пензискиот фонд.

Клучната дилема и по оваа навидум смирувачка изјава е кои се сите други „можности“ и дали тие воопшто можат да бидат ефикасна алтернатива на она што според ММФ и другите меѓународни финансиски институции е нужност за Македонија? Надлежните во Владата остануваат „шкрти“ за подетални информации околу она што ќе се преземе како мерки. Официјално, се работи на анализа од која треба да произлезат соодветни препораки.

„Анализата ја подготвува експерт ангажиран со поддршка на Канцеларијата на Светска Банка во Скопје, а покрај него во собирањето на податоците вклучени се и Министерството за труд и социјална политика, Фондот на ПИОМ, МАПАС и двете пензиски друштва. Анализата е во завршна фаза, а по добивањето на препораките Владата на Република Македонија ќе ги претстави предлог решенијата“, велат за Дојче веле од Министерството за труд и социјална политика. Премиерот Зоран Заев на четврточната собраниска седница посветена на пратенички прашања информираше дека се ангажирани експерти на Светска банка и оти се прави комплетна анализа на структурата на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.

Mazedonien Premierminister Zoran Zaev im Parlament in Skopje
Премиерот Заев признава дека има огромна дупка во Фондот за пензискоФотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Синдикатот против идејата

Каков и да биде предлогот, тој ќе мора да го мине филтерот на економско социјалниот совет. Таму како партнери се синдикатите и работодавачите кои се буквално на нозе по сугестиите од ММФ но и дел од домашната експертска јавност. Во синдикатот не сакаат да слушнат за оваа идеја. 

„Ова не кореспондира со нашата состојба и не може да биде решение, напротив, ќе предизвика дополнителни проблеми од типот на иселување на младите кои нема да можат да чекаат работа, а тие се најголем процент на невработените. Во ваков случај големиот број невработени дополнително ќе се зголеми, реагира Пеце Ристевски од СИЕР, Синдикатот на индустрија, енергетика и рударство. 

Повеќе на темата: 

Македонија, пензионерски рај што тоне во долгови!

Дали пензискиот брод плови кон банкрот?

Социјална пензија за социјален мир!

На несакани ефекти од поместување на старосната граница предупредуваат и работодавачите:

„Тоа е многу лошо и нехумано решение, посебно за оние работници во т.н. трудо интензивни дејности. Имаме повеќе дејности, на пример градежништвото каде не можете човек од 60 години да го качувате на скеле и да му го загрозувате животот. Мислам дека ова е момент да направиме разлика во зависност од дејностите. Овие работници мора да одат и порано во пензија, а додека оние гранки кои што не се со такви опасности и можат да работат подолго може да се размисли за одредено зголемување но тоа никако да биде преку ноч и да важи бланко за сите. Не може и не смее сите да бидат во ист кош“, смета Ангел Димитров претседател на Организацијата на работодавачи.

Македонските пензионери кратко уживаат во пензијата

Каков е просекот во ЕУ?

ММФ сугерира дека е потребно возраста за пензионирање да се доведе во согласност со земјите од Европската унија. Ова според нив е неопходно за да се обезбеди одржливост на пензискиот фонд во услови кога населението во земјата старее, а бројот на пензионери расте. Во Македонија, во моментов, мажите одат пензија со полни 64 години, додека жените со 62. Според предлогот кој кружи од странските и домашни експерти, во иднина таа граница треба да се повлече за две години повисоко: 66- за мажите и 64- за жените. Актуелната старосна граница за пензионирање во Македонија е во рамките на просекот на ЕУ. Државите членки имаат различни граници. Најрано во пензија одат Французите, Романците и Словаците, додека најдолго работат во Шведска, Велика Британија и Ирска.

Дел од експертите предупредуваат дека споредбата на условите во Македонија со оние во ЕУ е несоодветен пристап:

„Не може да се прави механичка споредба со други држави. Кој квалитет на живот го имаат вработените и воопшто граѓаните на Македонија за да одржуваат иста продуктивност на постари години и да ги споредуваат со квалитет на живот и траење на живот со развиените земји? Каква е таа глупава аналогија која се прави кога овде не функционира пазар на работна сила и ефикасна пазарна економија и каде владее општ дефетизам и див запад економија?“, реагира Маријан Николов од Центарот за економски анализи.
„ММФ може да каже што сака, но на Владата е одговорноста да води грижа за населението и да не прифаќа вакви препораки кои ММФ ги дава на било која Влада во било кое место на Земјината топка“, вели Николов.

Arbeiter - Baustelle in Ohrid Mazedonien
Синдикатите се против продолжување на старосната граница за пензионирањеФотографија: DW/A. Dimitriveska

Стабилизирање на Фондот

Дел од експертите сметаат дека идејата на ММФ е неопходна. Економскиот истражувачки институт „Фајнанс Тинк“ направи анализа во која препорачува реформите на ПИОМ да бидат комбинација на зголемување на старосната граница за пензионирање за две години и зголемување на придонесите од 18 на 22% на скалеста основа во период од 5 до 10 години. Овој комбиниран модел според оваа невладина организација не само што би го стабилизирал фондот туку и би отворил простор за зголемување на пензиите со растот на вработеноста.

Дупката во ПИОМ почна да се зголемува со воведувањето на вториот пензиски столб и со намалување на придонесите како антикризна мерка на владата на ВМРО ДПМНЕ. Дополнително и со повеќекратното несоодветно зголемување на пензиите.

Премиерот Заев во четвртокот ја критикуваше политиката на претходната влада, оценувајќи дека нема логика бројката на невработеноста да е намалена од 37 отсто на 22 отсто, а дупката во Фондот да се зголемува.

„(...) Тоа само по себе треба да носи плус полнење на Фондот, но дупката сепак се зголемува. Во минатиот период се укинати основите за пензионирање по основ на стаж со 40 години стаж и сето тоа требаше да придонесе кон полнење на Фондот, но тој постојано се празни, рече Заев.

Mazedonien Schaltergeschäft in einer Bank in Skopje
Дупката во ПИОМ почна да се зголемува со воведувањето на вториот пензиски столбФотографија: DW/P. Stojanovski

Од Организацијата на работодавачи сметаат дека таа е резултат и на политиката на ослободување од плаќање придонеси за странските инвеститори и проектот „Македонија вработува“ што неколкупати го спроведе минатата власт. Оттука тие сугерираат Владата внимателно и системски да им пристапи на реформите за да не дојде до намалување на платите и зголемување на сивата економија.

Прекројување на столбовите

„Прво и најлесно што може да се направи е делот што оди во приватните фондови да се намали. Од вкупно 18% сега во вториот столб одат 6%. Доколку тие се намалат на 3% тогаш државниот фонд би добил повеќе пари. Треба да се биде многу внимателен и со зголемување на стапката на придонеси што може да влијае на намалување на нето платата затоа што од 2010 наваму имаме бруто плата. Ако работодавецот нема можност да ја зголеми бруто платата ќе треба да ја намали нето платата, а тоа во услови кога ни требаат работници и сакаме да ги задржиме би било катастрофално решение. Затоа ова решение треба да биде минимално и да не се донесе веднаш туку по извесен период“, смета Димитров.
Фокусот пак според синдикатот треба да биде сивата економија:
„Државата треба да си расчисти со сопствените нерегулирани работи во делот на прибирање на придонесите. Сивата економија е висока и има одлевање на придонеси кои не се плаќаат. Имаме многу работодавачи кои ангажираат работници на пола работно време, а тие работат полно и разликата им ја плаќаат на рака без придонеси“, смета Ристевски.
Колкав е предизвикот со сивата економија покажа мониторингот на Управата за јавни приходи кој констатирал дека речиси половина од платите во Македонија не се пријавуваат во реален износ. Дупката во пензискиот фонд се зголемува од година во година. Во 2018, пензиите ќе проголтаат 880 милиони евра, или 34 милиони евра повеќе од лани. Дури половина милијарда од потребните средства ќе се покриваат директно од буџетот. Во последните години дупката во фондот е тројно зголемена.

Португалија - рај за пензионери

Читајте не и преку апликацијата на ДВ за андроид