По кои Македонци трага Интерпол? | Северна Македонија | DW | 10.05.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

По кои Македонци трага Интерпол?

Во Македонија се крена голема прашина по информацијата дека Интерпол два месеца одбива да објави меѓународна потерница по експремиерот Никола Груевски. Во моментов се трага по тројца македонски државјани.

Џемсит Дехари, Аќиф Ајро и Шпетим Битичи се тројцата македонски државјани по кои во моментов е распишана т. н. „црвена белешка" од страна на меѓународната полициска организација.

По 51-годишниот Дехари, родум од село Гајре, Тетовско, трага Германија. Таму е обвинет за три случаи на грабеж со земање заложници. По него трага и Унгарија каде е обвинет за убиство. Во потерницата од Интерпол се предупредува дека Дехари поседува боречки вештини и дека е опасен.

38-годишниот Ајро е баран во САД каде е обвинет за серија физички напади и закани. Тој е роден во САД, но покрај американското, поседува и македонско државјанство.

И третиот и последен бегалец од правдата по потекло од Македонија, Шпетим Бетичи е баран од Германија. Овој 47-годишник, роден во Скопје, во Германија е обвинет за убиство.

Во моментов низ целиот свет активни се 6945 потерници или „црвени белешки".

Од Интерпол објаснуваат дека „црвената белешка" не ги обврзува земјите да го уапсат бараното лице, туку можат самите да одлучат каков правен статус ќе ѝ дадат на белешката. Практично тоа е само информација за лица кои се бараат со меѓународен налог.

Зошто тогаш Интерпол одбива да распише потерница по експремиерот Никола Груевски и Никола Бошковски, двајцата осомничени како организатори на упадот во Собранието на 27 април?

Mazedonien Nikola Gruevski Ex-Premierminister (Getty Images/AFP/R. Atanasovski)

Нема потерница од Интерпол за Никола Груевски

Светските медиуми веќе подолго време пишуваат за незадоволството во Интерпол од перцепираната злоупотреба на организацијата од страна на авторитарни држави како Турција, Русија и Кина. Овие земји често го користат Интерпол како орудие за пресметка со неистомисленици и дисиденти. Во организацијата членуваат 194 држави и тешко е да се направи проценка колку од распишаните потерници се политички мотивирани. 

„Искуства за иднината“

Тие два фактора веројатно се меѓу причините зошто светската организација веќе два месеца одбива да распише потерница по експремиерот Груевски. Тој веќе доби азил во Унгарија, кој беше прифатен врз основа на неговото тврдење дека е жртва на политички прогон во Северна Македонија.

„За предметот што го водам за организаторите на настаните од 27 април побарав преку полиција да се издаде домашна и меѓународна потерница, но последните информации од Интерпол на Македонија ми се дека седиштето на Интерпол одбива да ја објави потерницата", изјави шефицата на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Рускоска пред два дена. Таа смета дека токму експремиерот е нарачател на упадот во Собранието.

Од Интерпол за домашните медиуми порачаа одговорот да се бара во МВР и во обвинителството.
Додека топката се префрла од едниот во другиот двор, Груевски е повторно „актуелен“ во Македонија со својата најнова книга во која ги подучува граѓаните за „Искуства за иднината".

DW.COM

Реклама