По зачестените сообраќајки: „Тука е како на Дивиот Запад“, велат експерти | Северна Македонија | DW | 27.01.2022

Посети ја новата страница на DW

Погледнете ја бета-верзијата на dw.com. Сѐ уште не сме готови! Вашето мислење може да ни помогне да ја направиме подобра!

  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

По зачестените сообраќајки: „Тука е како на Дивиот Запад“, велат експерти

Постои категорија на граѓани за кои не важат никакви закони. Дали по политичка, роднинска, бизнис линија, тие избегнуваат секакви казни, вели сообраќајниот инженер и вештак, Никола Крстаноски.

„Сум поминал многу километри низ Германија, Австрија, Чешка со автомобил. Кога ќе се вратите на Балканот од Србија кон југ, се чувствувате како да сте дошле во Дивиот Запад“, вака ги коментира зачестените сообраќајни несреќи во Северна Македонија, сообраќајниот инженер и вешто лице, Никола Крстаноски, професор на Техничкиот факултет во Битола. За само една недела неколкумина пешаци беа покосени од „бесни возачи“ во главниот град. Најпрво девојка беше прегазена пред Сити мол, а неколку дена подоцна џип прегази пешак кај мостот „Гоце Делчев“. Во Тетовско, пак, возач без дозвола и со нерегистриран автомобил удри во тројца пешаци во село Добарце. 

Крстаноски за Дојче веле прави детална анализа за сообраќајниот хаос и некултура коишто владеат на улиците, за праксата на неказнивосткоја што доведува до дивеење на младите возачи, што резултира со голем број жртви меѓу пешаците, за проблемот со сообраќајната инфраструктура, лошото одржување на патиштата и несодветната сообраќајна сигнализација.  

Busunglück in Dresden 19.07.2014

Убедливо најголем проблем е пребрзото возење и возење под дејство на алкохол

„Можеби моите видувања се премногу песимистички, но како сообраќаен инженер и како вешто лице кое изработило повеќе стотици, пред се супервештачења за судовите во Северна Македонија, ова е навистина реалната ситуација. Убедливо најголем директен проблем кај нас е пребрзото возење и возење под дејство на алкохол, но во позадина на се е исклучително ниската сообраќајна култура кај сите учесници во сообраќајот“, вели Крстаноски. 

Причини и можни решенија 

Сообраќајот е комплексна дејност која ги вклучува речиси сите аспекти на човековото живеење - од бројни различни институции до секој поединец, од водење на осмислена политика на национално ниво до сообраќајна едукација на секое дете и секој возрасен. Оттука на прашањето за ниската безбедност во сообраќајот во земјата и можните начини за подобрување на безбедноста, единствено може ефективно да се одговори со градење на долгорочна, добро осмислена политика, со јасно дефинирани цели и мерки чии носители ќе бидат прецизно дефинирани, вели Крстаноски. 

Листата на причини и недостатоци кои резултираат за ниската безбедност во сообраќајот, според него, е долга. Тој укажува дека постои исклучително ниска сообраќајна култура кај сите учесници во сообраќајот. 

„Состојбата со ова прашање не е сериозна, туку катастрофална. Голем број на прекршоци, висок процент на учесници во сообраќајот воопшто не ги перцепираат како прекршоци“, вели нашиот соговорник. Тоа што не се вклучува трепкач, се престигнува на полна линија, не се почитува на знак за ограничување на брзината, престројување во погрешна сообраќајна лента (сака да продолжи право, а се престројува во лента за лево, зошто има многу долга колона на онаа лента за право) е нешто што е вообичаено и секојдневно на улиците. Во Северна Македонија за најголем број учесници во сообраќајот, како вертикалната и хоризонталната сообраќајна сигнализација воопшто да не постои. 

Nordmazedonien Nikola Krstanoski

Никола Крстаноски

„Во рамките на ниската сообраќајна култура, мора да се издвои масовното непочитување на ограничувањата на брзината. Веќе не станува збор само за надминување за 5 или 10 км/час, туку за 40, 50, 70 км/час над дозволената брзина. Ова е исклучително опасно во градски услови“, вели професорот. 

Она што се случува пак во ноќните часови е за неверување. „Она што сите го знаат, но не се зборува во јавноста, а има исклучително негативно влијание врз однесувањето на учесниците во сообраќајот, е постоењето на категорија на граѓани за кои не важат никакви закони и прописи. Дали по политичка, роднинска, бизнис линија, тие избегнуваат секакви казни, се чести повторувачи на делото и се најарогантни учесници во сообраќајот“, вели Крстаноски. 

Благите казни како проблем 

Судскиот систем исто така има негативно влијание, со исклучително благи казни (често условни) дури и во случај на сообраќајни незгоди со смртни последици. Последен пример е пресуда во која предизвикувачот на незгодата „не направил никаков пропуст, освен што престигнувал на полна линија“. 

Според сообраќајниот инженер и вештак, престигнувањето на полна линија, во непрегледна кривина е рамна на убиство со предумисла, бидејќи возачот свесно донел одлука „да проба“ да помине. 

Сообраќајната инфраструктура како проблем 

Во делот на јавниот превоз, во последно време почнаа да излегуваат на виделина неодговорноста на институциите задолжени да издавање лиценци, за контрола, за технички преглед на возилата. Крстаноски се согласува дека врие од диви превозници, кои работаат со неисправни возила и кои со години работат, а очигледно никој не ги контролира. 

Гледај видео 02:45

Интелигентна сообраќајна комуникација

„Евидентни се и проблемите со сообраќајната инфраструктура. Има примери на проектни грешки, погрешно поставена сообраќајна сигнализација или лошо одржување на патот. На пример, можам да набројам голем број локации на нашите патишта каде во времето кога е изграден патот или е поставена сообраќајната сигнализација, имало доволна прегледност за да се дозволи престигнување“, укажува професорот. Но, во меѓувреме вегетацијата покрај патот пораснала и всушност прегледноста веќе не е доволна за безбедно престигнување. Опасни оштетувања на коловозот (ударни дупки) или скината ограда и присуство на животни на автопат, исто така не се ретка појава. Професорот укажува дека посебен проблем се начинот на обележување на работа на патот особено во услови на намалена видливост (ноќе, дожд, магла) и многу често заборавање на знаците за работа на пат, иако работата одамна завршила. 

Дрога, алкохол, брзо возење 

Многу висок процент на учесници во сообраќајот се под дејство на алкохол, а во поново време и дрога. Запрепастувачки се извештаите од МВР кои за една ноќ откриваат повеќе стотици возачи под дејство на алкохол. Висок е и процентот на возачи кои управуваат возила без возачка дозвола. „Однесувањето на пешаците надвор од секакви правила за движење во сообраќајот е веќе вообичаена работа и воопшто не се перцепира како некаков проблем од страна на пешаците. Моторциклистите се исто така категорија на учесници во сообраќајот кои не почитуваат сообраќајни правила и прописи. Повторно најголем проблем е непочитувањето на ограничување на брзината на движење“, вели Крстаноски.

Symboblbild Unfall Freitag den 13 dreizehnten

Многу висок процент на учесници во сообраќајот се под дејство на алкохол, а во поново време и дрога.

Во Северна Македонија има и висок процент на незгоди со трактори. Најчесто се работи за целосно неосветлени трактори кои се движат на јавен пат, ноќе или при намалена видливост, без светлосни уреди. 

Како да се поправи оваа ситуација? 

Градење на долгорочна, доброосмислена политика за безбедност во сообраќајот, со јасно дефинирани цели и мерки, чии носители се прецизно дефинирани и со постојана контрола на степенот на реализација на таа политика, е едно од можните решенија. Според Крстаноски, во Северна Македонија се изработени повеќе стратегии за подобрување на безбедноста во сообраќајот, но без да се навлегува во квалитетот на тие програми, најголем проблем е што многу работи остануваат само на хартија. 

„Нешто да се направи, се труди полицијата, но таа е немоќна сама да се бори со овој проблем. Според мое мислење, но и во размена на мислења со колеги од Универзитети во Европа, најголем ефект има сепак доследна контрола (посебно во последно време има на располагање информатичка технологија за контрола) и примена на казнена политика. Доказ за тоа е следниот пример: граѓани кои „беснееле“ на нашите патишта, во странската земја се однесуваат како најпримерни граѓани. 

Гледај видео 00:44

Пат како минско поле

„Во градовите во Западна Европа нема да видите полиција на градски улици. Постои систем со камери со кои се забележува секој прекршок и веднаш на домашна адреса пристигнува прилично висока казна. Нема пријатели и врски, а ако прекршоците се повторуваат се оди и со доживотно одземање на дозволата“, укажува вашиот соговорник.

Во САД исклучително е ефективна т.н. стејт полис која патролира на меѓуградските патишта со цивилни (необележани) возила опремени со камери. Ваква мерка има воведено и во Србија и во Хрватска. Ваква мерка, според Крстаноски, е многу потребна во земјата за да се редуцира дивеењето на патиштата. Поставувањето на стационарна заседа од полицијата, според него, е смешно, во услови кога возачите масовно се предупредуваат меѓусебе за присуство на полиција.

Но, најважно, според него е да се работи на едукација на децата од нивна најмала возраст и во текот на нивното школување. Тие треба од најмали нозе да се воспитуваат како да се однесуваат во сообраќајот и да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи. Добрите навики негувани од деството гарантираат висока сообраќајна култура подоцна во животот, дециден е професорот.

 

 

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема