Последно предупредување за АФД | Свет | DW | 16.01.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Последно предупредување за АФД

Германската служба за заштита на уставниот поредок го прогласи за сомнително делувањето на партијата АФД. Од таквиот сомнеж, оваа партија мора нешто да научи, смета Марсел Фирстенау.

Алтернативата за Германија (АФД) секако себеси сега се гледа како жртва. Притоа, барем засега, не постојат сомнежи дека целата партија е екстремистичка, туку само делови од неа. За генерален сомнеж во целата партија, Службата за заштита на уставниот поредок (БФВ) не наоѓа доволно причини. Сомнежот се однесува на подмладокот на партијата - „Млада алтернатива“ (ЈА) и т.н. „Крило“, на чие чело е Бјерн Хеке, кој е често во опкружување на неонацисти.

Хеке и ЈА сега мораат да сметаат на тоа дека Службата ќе ги отвори нивните досиеја. Мораат да сметаат и на тоа дека ќе бидат следени. Тоа се можностите кои ги отвора одлуката на БФВ да ги прогласи двете струи за „сомнителни случаи“. А за таа одлука постојат доволно втемелени причини - како што се наведува во образложението на одлуката која ја објави германската внатрешна тајна служба.

Секако дека не се сите во АФД нацисти

Радикализацијата на тие две крила кои сега се наоѓаат на удар на БФВ, и внатре во самата АФД веќе долго наидува на неодобрување. Умерените делови на партијата стравуваат дека екстремистите би можеле долгорочно да ги истераат граѓанско-конзервативните гласачи. А нив ги има многу, бидејќи не сите членови и гласачи на АФД се нацисти. Токму спротивното. Сепак, тоа мнозинство сега би морало да се запраша зошто толку долго ги трпеше испадите на екстремистите во сопствените редови и зошто досега јасно не се дистанцираше од нив.

Kommentarfoto Marcel Fürstenau Hauptstadtstudio (DW/S. Eichberg)

Марсел Фирстенау

Така погледнато, врвот на АФД околу претседателот на партијата и шефот на пратеничката група Александар Гауланд (насловна фотографија, десно), сега всушност би требало да биде благодарен за тоа што Службата за заштита на уставниот поредок, по долго премислување, конечно одлучи да стави под лупа делови од партијата.

Десно-популистичкото јадро на партијата сега има шанса да ги расчисти сметките, а тоа единствено може да значи: бескомпромисен прекин со непријателите на демократијата во сопствените редови. На тој начин може да се избегне опасноста БФВ да ја прогласи целата партија за сомнителна. Бидејќи државните чувари на Уставот веќе пронајдоа „основни индиции за политика вперена против слободниот и демократски државен поредок“, и со тоа го подготвија теренот за евентуално следење и на остатокот од партијата.

Ублажување на реториката

Таквата формулација на Службата може да се сфати и како дискретно предупредување до остатокот на партијата повеќе да внимава во иднина. Нешто како последно предупредување за АФД. Затоа е сосема логично АФД целосно да се прогласи за партија која треба да се „држи под око“. Во пракса, тоа би било нешто како условна казна.

Деснопопулистичката партијата сега има шанса самата да докаже дали е демократска или не. Но за тоа ќе биде потребно да се ослободи од кадровскиот товар и да се ублажи реториката. Бидејќи тоновите кои натежнуваат кон антисемитизам, непријателство кон странците или германско-националистички идеи, не се во согласност со десно-конзервативната програма на партијата.

DW.COM

Реклама