Пораката на власта: или сте крадци или странски платеници | Свет | DW | 23.11.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Пораката на власта: или сте крадци или странски платеници

Напуштањето на медиумскиот собир во Белград од страна дел од присутните новинари незадоволни од обраќањето на српскиот премиер Вучиќ укажува на сѐ потешкиот однос меѓу властите и медиумите во Србија.

Меѓународната конференција за состојбата на медиумите во организација на Медиумскиот форум за Југоисточна Европа (СЕЕМФ) ќе остане запаметена помалку по она што беше нејзина тема, или по заклучоците на собирот, а повеќе по фактот дека дел од новинарите го напуштија собирот во моментот на обраќањето на српскиот премиер Александар Вучиќ.

Конференцијата ја напуштија новинарите од Центарот за истражувачко новинарство од Србија (ЦИНС), КРИК, БИРН, Центарот за истражувачко новинарство од Црна Гора и Маглочистачите од Суботица.  Претставникот на Независното здружение на новинари од Војводина (НДНВ), Недим Сејдиновќ, порано го откажа учеството поради најавеното обраќање на премиерот, за кој вели дека е „проверен непријател на медиумската слобода“. Тој гест требаше да укаже на тешката состојба на медиумите и на сѐ поголемиот притисок на власта врз медиумите, иако на собирот српскиот премиер рече „оти се противи на какво било мешање во уредувачката политика на медиумите“ и оти владата „сака за тоа да разговара“.

Власта не сака дијалог- само монолог

„Мислам дека тој потег на колегите беше добар, и оти е едноставно потребно и на такво место да се предупреди што се случува со медиумите во Србија“, вели за ДВ, Слободан Георгиев, новинар на БИРН. „А она што се случува е дека се создава атмосфера во која вие не можете професионално да се занимавате со новинарство, и доколку таа ваша работа подразбира интересирање за она што го работи српската влада. Значи, сите оние кои не сакаат да бидат ПР-служба на властите се карактеризирани како непријатели на државата. А носител на тој однос и симбол на тој однос кон медиумите е Александар Вучиќ“.

Суштината на конфликтот, да го наречеме така, меѓу српскиот премиер и медиумите е навистина делумно опишана и во извештајот на Европската комисија, истакнува за ДВ, Стеван Дојчиновиќ, уредник на КРИК. „Новинарите во Србија се наоѓаат под голем притисок, доживуваат закани, и не можат да ја вршат својата работа. А тоа е уште почудно бидејќи владата е декларативно за борба против корупција и криминал, но и покрај тоа медиумите кои се занимаваат со истражување на корупција и криминал ги гледа како непријатели, а не како сојузници“.

Balkan Slobodan Georgiev

Слободан Георгиев

Србија е на патот кон ЕУ, српскиот премиер за тоа има поддршка, и тоа е она што ние го поздравуваме, забележува Слободан Георгиев. „Меѓутоа, она што се случува во Србија не се никакви демократски процеси, тоа е еден вид регресија како во областа на владеење на правото така и во областа на слободата на изразување.“ А што е најлошо од сѐ, нагласува Георгиев, премиерот на тој собир зборуваше за разговор: „Но со него нема разговор. Сите гледаат дека нема можност да се разговара, тој наместо тоа бара сите да се согласуваат со него, а таа неможност да се зборува потекнува од врвот на власта, бидејќи врвот на таа власт одбива разговор“.

Медиумите избегнуваат конфликт со властите

Сепак би требало да се каже дека темелите на ваквиот однос кон медиумите се поставени и во време на претходните влади, особено во време на владеењето на Борис Тадиќ, истакнува Стеван Дојчиновиќ. „Тој сега само еволуираше и стана поекстремен. Некогаш имаше цензура, некои содржини да не можат да бидат објавени, а сега покрај тоа имате и пресметки со медиумите кои се обидуваат сериозно да ја работат својата работа, а тие се сведоа на интернет и неколку малкутиражни медиуми.“ Дојчиновиќ, коментирајќи ја изјавата на премиерот дека не се меша во уредувачката политика на медиумите, забележува дека навистина не може сѐ да се префрли на товар на власта. „Прашањето кое не сме го расчистиле е колку некој од власта ги бара медиумите и врши притисок, а колку се медиумите сами наклонети кон автоцензура поради некој свој бенефит. Мислам дека имаме комбинација од двата фактора. Така што тоа мора да се решава и кон власта, но и кон медиумите. Бидејќи, да речеме, што го спречува „Блиц“, кој има голем странски сопственик, да се занимава со истражувачко новинарство? Мислам дека и самите медиуми креираат и се согласуваат на таков однос, бидејќи така им е поедноставно да не влегуваат во конфликт со власта, а истовремено и целосно се оддалечија од читателите.“

Притисок преку тековите на пари

Првата работа која Српската напредна партија (СНС) ја направи кога дојде на власт е преземање на рекламниот простор и тековите на пари кон медиумите, истакнува Слободан Георгиев. „ И потоа некој вели, па никој не ни се јавува да врши притисок. Па секако дека не се јавуваат, бидејќи тоа го прават преку парите. А медиумите сфатија дека ако не известуваат на начин кој е пофален кон властите, нема да опстанат на пазарот“. 

Власта ја задушува секоја критика

Проблемот кој го спречува дијалогот меѓу власта и медиумите е тоа што тие никого не го признаваат за кредибилен соговорник, смета Георгиев.

„Значи, вие сте или опозиција- значи крадци, кои пљачкосале сѐ и ја уништиле земјата, или сте странски платеници. Ако на крајот не сте ни крадци ниту странски платеници, тогаш едноставно сте отпишани како будали и лажговци. Значи нема да разговараме ни со крадци, ниту со странски платеници, а посебно не со будали и лажговци. како во една таква ситуација можете да очекувате дијалог? А за тоа време го задушуваат секој глас, и тоа не смо во медиумите туку и во социјалните мрежи- толку далеку, значи, оди нивната фасцинација од контролата врз тој сега проширен медиумски простор“.

Соговорниците на ДВ наведуваат дека единственото решение го гледаат во обидот на медиумите професионално и похрабро да ја работат својата работа. Георгиев смета дека тоа пред сѐ се однесува на Радио Телевизија Србија (РТС), како јавен сервис. „Бидејќи слугувањето кое сега го гледаме е одвратно. Власта сето ова не би можела да го работи ако во медиумите постои малку храброст. Од друга страна, треба да бидеме чесни и да кажеме дека медиумите се слика на состојбата на демократијата во Србија; не можеме да очекуваме медиумите да бидат совршени и професионални во земја во која повеќето институции не работат ништо“.

DW.COM

Реклама