Поп и покрај пандемија: Евросонг во Ротердам, Гарванлиев пее на првото полуфинале | Панорама | DW | 18.05.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Панорама

Поп и покрај пандемија: Евросонг во Ротердам, Гарванлиев пее на првото полуфинале

Со организација на Изборот за песна на Евровизија, Холандија сака да испрати порака: културата се враќа. Фановите во Ротердам го слават овој музички настан, со дистанца. С. Македонија ја претставува Васил Гарванлиев

Пет пати вдишување и издишување, а потоа кратко задржување на дишењето. Оваа година тоа е влезница за Евросонг во арената Ахој во пристанишниот холандски град Ротердам.

Со брз тест со дишење во посебно изграден центар за тестирање ќе бидат испитани сите пејачи, сите тимови, медиумски работници и гледачи пред да им биде дозволен пристап во арената. За околу 3500 фанови под 70 години е дозволен влез на полуфиналето, геннералните проби и на финалето в сабота (22.05), со меѓусебна дистанца и со голема дистанца во однос на огромната бина. Салата Ахој прима 16.000 посетители. „Имаме многу строг здравствен сигурносен протокол“, вели Мартин Естердал, одговорниот менаџер на Европската радиодифузна унија (ЕБУ), која го организира натпреварот од 1956 година. „Секој кој учествува ќе биде тестиран најмалку на секои 48 часа, за да бидеме сигурни дека во арената нема да биде пренесена инфекција“, вели тој. Дозволено е славје, но не и прегратки. Тоа што арената Ахој лани требаше да послужи како импровизирана болница против Ковид-19, веќе не може да се види.

Eurovision Song Contest 2021 Niederlande Rotterdam

Големото шоу во вонредни корона-услови

Враќање на сјајот

Откажувањето на култниот поп фестивал, што беше случај ланската година, годинава не доаѓаше во предвид. Во финалето на телевизија го следат 182 милиони гледачи. „Евросонг е најдолговечната телевизиска емисија во светот. Постои 65 години и претставува нешто како крунски бисер на јавниот телевизиски сервис“, вели гордо менаџерот на ЕБУ Естердал во интервју за Дојче веле. Годинешната порака, вели тој, е дека и во тешки времиња може да се постигне заедничка организација на едно вакво шоу.

Домаќинот Холандија го поддржа Евросонг и покрај релативно високиот број на инфекции. Во Ротердам продавниците и рестораните се отворени до 18 часот, исто така и хотелите. Сепак, градот Ротердам очекува само мал број посетители од странство, а забавите и јавните гледања на Изборот ќе изостанат. Холандскиот министер за култура Хуго де Јонге при посетата на арената Ахој можеше да се увери дека сѐ се одвива без проблеми и културата повторно ќе заживее со нормални контакти и сѐ што нуди животот: „Ова е прв голем настан во Холандија од локдаунот, затоа вистински се радуваме“, вели тој.

Оптимизам

Иако од пред една недела живее во „балон“ со својот тим во хотелот, шатл автобусот и арената, германскиот претставник Јендрик Зигварт се радува на настапите на големата бина и со вистинска публика. „Толку сум возбуден, не можам да дочекам“, вели 26-годишниот музички продуцент кој поради коронавирусот немал веќе ангажмани.

„Влезницата" за Евросонг ја доби со видео снимка од сопствена продукција, а на која германското жири случајно наишло на Инстаграм и ТикТок каналот на Јендрик Зигварт. Неговата прва авторска песна „Не чувствувам омраза“ е со бавен ритам и е забавна. И тој самиот вели дека дека тоа не е најголема светска песна, но „влегува во уво“. Над сѐ е важна пораката: „Не возвраќај омраза. Ако некој ме нарече педер, нема да го наречам нацист. Ќе се обидам да разговарам со него и да му објаснам дека ме повредил и дека тоа е погрешно. Но, нема да враќам со иста мерка.“ Голема шанса да победи, вели самиот, веројатно нема.

Славје со кочници

Пред салата во Ротердам ретките фанови чекаат да ги видат своите омилени уметници или дури и да ги сретнат. За разлика од вообичаено, сега контакти не се пожелни. Од шатл автобус се оди директно во арената, нема автограми, нема селфи.

Д'Авелон ван Дијк смета дека е тоа штета, но не може да се промени. Родена е во Ротердам, а љубител на Евросонг е уште од детство. И мајка ѝ го гледала ова шоу. Сега таа секоја година со пријателите организира Евросонг-забави. Годинава тоа ќе биде во најтесен круг, со посебно купен прјектор кој ќе проектира на ѕидот. „Овој микс одзема здив, луд е и убав, сето тоа натпреварот го прави толку величествен за мене. Супер е“, вели таа. Оваа комбинација, како и годинешното мото „Опен ап“, за неа се причина зошто Евросонг има толку голем број верни фанови меѓу геј, лезбијките, бисексуалците, транссексуалците. „За мене мотото значи отворете се за сите различни луѓе, отворете се за различни стилови. Бидете отворени за различни искуства и колку е сјајно што не сме сите исти“, вели Д'Авелон ван Дијк.

Eurovision Song Contest 2021 Niederlande Rotterdam Destiny Malta

На претставничката на Малта ѝ се прогнозираат големи шанси за победа

Геј заедницата возбудена како и секогаш

Со оглед на тоа што поради короната се откажани сите големи забави, здружението „ГејРотердам“ премина на интернет. Навивачите меѓусебно се поврзани со лајв-стримови и видео конференции, вели Герт-Јан Вербоом, кој како уредник на „ГејРотердам“ ја организира манифестацијата. „Со Евросонг Ротердам имаме шанса да покажеме што има да понуди ЛГБТ заедницата. И можеме да претставуваме луѓе кои имаат голем придонес во смисла на еднаквост“, вели Герт-Јан Вербоом, кој се разбира цел живот е фан на Евросонг. „Практично уште пред раѓање, зашто мојата мајка уште тогаш го глдала шоуто кога била трудна“, вели тој.

Гледај видео 07:38

Музиката е мојот пасош

Васил Гарванлиев, претставникот на Северна Македонија  (на насловната фотографија), беше гостин на една од видео-конференциите на „ГејРотердам“. Во неговата татковина хомосексуалноста на Васил предизвика возбуда и непријателство, што е типичен пример за многу источноевропски и балкански држави. Васил исто така мораше да се брани од обвинувања дека е маскиран бугарски националист. По извесни драми, Васил сепак можеше да отпатува во Ротердам и да го претставува јавниот радио-телевизиски сервис на Северна Македонија.

Малта следната година?

Секако, на кладилниците, во прес центарот во арената и меѓу навивачите многу се расправа кој би можел да биде победник оваа година. Васил едвај се споменува. Можеби исландските фрикови, италијанските рокери, српските русокоси поп диви или црната соул пејачка од Малта? За пејачката од Малта, која пее за женска самодоверба, шансите се прилично добри. Герт-Јан Вербоом од „ГејРотердам“ исто така ѝ држи среќа. „Посебно затоа што следната година сакам да одам на Малта“, вели со насмевка. Зашто, традиционално, победничката земја е домаќин на следниот музички натпревар.