Поплави во Германија: Климатската криза нѐ принудува да се прилагодуваме | Информации и анализи за Германија | DW | 17.07.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Германија

Поплави во Германија: Климатската криза нѐ принудува да се прилагодуваме

Во 2021 година, многумина можат да се уверат дека климатските промени веќе одамна се всушност климатска криза. Важно е што сега многу се говори за заштитата на климата - но второто ниво често се заборава, смета Давид Ел.

Размерите на катастрофата полека стануваат видливи: десетици луѓе се мртви, многумина сè уште се водат за исчезнати. Масите вода уништија цели места, со себе носејќи куќи, автомобили и дрва.

Вакви природни катастрофи имало отсекогаш, долго пред почетокот на индустриската ера на фосилни горива. Но, бидејќи луѓето постепено двојно го зголемија количеството на СО2 во атмосферата и Земјата веќе се загреа за еден степен, нивниот број и размери се зголемија.

Истовремено, летово на северната хемисфера се претвора во слика на климатска криза: Додека големи делови од западна Германија се под вода, Северна Америка делумно се претвори во печка, со смртни случаи од горештини, рекордни температури и пожари до кои водата за гаснење дури ни не достигнува бидејќи претходно испарува.

За заштита на климата се зборува, но сè уште не за заштита од климата

Ако ништо друго, во јули 2021 година барем сериозно се зборува за митигација, односно за ублажување на најлошите последици од климатските промени. Европската комисија штотуку го претстави својот пакет „Фит за 55“, (Fitfor55) кој предвидува конкретни мерки за намалување на емисиите на гасови штетни за климата, на пример, забрана за нови мотори со внатрешно согорување во целата Европска унија од 2035 година. Кандидатот за германски канцелар од редовите на христијанските демократи, Армин Лашет, веднаш рече дека тој не смета „оти политиката мора да одреди датум“. Од друга страна, шведската климатска активистка, Грета Тунберг на Твитер објави: „Ако ЕУ не го  искине својот пакет # Fitfor55, светот нема шанси да остане под 1,5 степени на глобално затоплување“.

Kommentarbild- David Ehl

Давид Ел, автор на коментарот

Повеќе: Проблеми со климата: Најлошото допрва доаѓа

Како 32-годишник, чисто според возраста, јас сум поблиску до Грета Тунберг отколку до Армин Лашет. Ме плаши мислата дека поплавите и топлотните бранови на ова лето се само предвкус на условите што ќе ги доживеам кога ќе бидам стар колку Лашет денес - и особено во споредба со она што ќе го доживеат идните генерации. За да имаат шанса да преживеат, клучна е гореспоменатата митигација. Но, исто толку важна е и адаптацијата, т.е. прилагодувањето кон условите за живот на загреаната Земја.

Нашиот животен простор мора да го прилагодиме на климатската криза

Досега ова лето, Германија беше соочена со една недела на горештини - и државниот завод за статистика веднаш регистрираше единаесет проценти повеќе смртни случаи во овој период. Тешко е да се замисли што би се случило во земјата ако температурите се искачат на 46, 47 или 49  Целзиусови степени, како неодамна во канадското место Литон. Тоа се наоѓа северно од 50-тата паралела - точно на висината на малите германски градови како Бопард или Кобург.

Значи, крајно време е да преземеме мерки на претпазливост и на ова второ ниво. Против екстремните горештини речиси и да нема мерки на прилагодување, но во тоа барем малку можат да помогнат концептите за урбанистичко планирање: коридори за свеж воздух преку кои може да се изврши размена на воздухот,  зелените површини, кои придонесуваат за намалување на температурата, наместо бетон и асфалт, кои дополнително ја складираат топлината.

Веќе има концепти

И против поплавите и поројните дождови веќе постојат, испробани и докажани мерки, кои ги надминуваат поефикасните атмосферски канализации и одводни цевки. Всушност, покрај многу германски реки одамна има насипи, брани и поплавни базени. На некои места има и речни ледини како тампон зони кои лесно можат да бидат поплавени без последици. Во иднина, такви тампон зони од поплави ќе треба да се создаваат и во градовите: на пример, во центарот на холандски Ротердам, има плоштад на кој намерно се поставени три големи базени. Кога времето е убаво, таму можете да се седи на скалите или да се вози скејтборд, но, кога врне, базените се полнат еден по друг.

Климатска адаптација за итни ситуации, во моментов спроведува и Мајами Бич во САД : целиот град, имено, постепено се поставува повисоко и се опремува со моќен систем на подземни цевки, базени и пумпи, со цел и при сѐ покатастрофалните урагани и растечкото ниво на морето да не биде целосно поплавен.

Постојат многу такви концепти - па дури и ако  со нив  сигурно не можат да се спречат сите штети, кои ги предизвикуваатт екстремните временски прилики на денешницата, тие можат барем малку да ги ублажат размерите на штетите. Во борбата против климатската криза, најважно останува брзо да им се стави крај на натамошните емисии на ЦО2. Но, ни треба и поголема свесност за тоа како можеме подобро да се заштитиме од разорните ефекти на климатската криза.