Поплавите му се закануваат на милионскиот град Мултан
13 август 2010Пакистанските метеоролошки служби предупредуваат: земјата ниту оддалеку не го поминала најлошото. Шефот на метеоролошката служба Камар-у-Зуман Чаудри во Исламабад истакна дека по обилните врнежи во северниот дел на земјата, водената маса се движи низ централната провинција Панџаб, кон југот на земјата. Ова предизвика зголемување на водостојот на реката Ченаб, која се заканува да го поплави градот Мултан, населен од 4,5 милиони жители. Тоа би бил најголемиот пакистански град, досега погоден од екстремните поплави. „Следните десетина дена ќе бидат од одлучувачко значење“, истакнува метеорологот Чаудри. Според ОН, пак, една четвртина од земјата веќе страда од последиците предизвикани од поплавите.
Критики на сметка на претседателот
Претседателот на државата, Асиф Али Зардари, кој деновиве се соочи со тешки критики поради тоа што го продолжи службеното патување во Европа, и покрај вонредната состојба во неговата земја, вчера првпат ги посети поплавените региони. Државната телевизија покажуваше како разговара со жртвите. Освен тоа, Зардари ги посети и насипите во провинцијата Синд, кои наредниве денови можеби нема да ги издржат надојдените води. Пакистанскиот претседател се информираше од локалните власти за размерот на предизвиканите штети.
Зардари беше изложен на тешки критики, бидејќи и покрај вонредната состојба во која се најде Пакистан, тој не ги прекина посетите на Велика Британија и Франција. Освен тоа, жителите од кризните региони ја обвинуваат владата дека пребавно реагирала на катастрофата.
Според информации на ОН, во катастрофалните поплави во Пакистан, предизвикани од обилни монсунски дождови, животот го загубија 1.600 лица. Од поплавите се погодени четиринаесет милиони лица, од кои шест милиони деца. Светската организација побара од меѓународната заедница околу 350 милиони евра како итна помош за настраданите.
Автор: ТТ/ ЖА/ дпа/ апн/ ртре/ афп
Редактор: Александра Трајковска