Пописот заврши, почна пребројувањето на крвните зрнца | Северна Македонија | DW | 31.03.2022
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Пописот заврши, почна пребројувањето на крвните зрнца

Пописот во Северна Македонија покажа застрашувачки демографски податоци. И покрај тоа, главна тема во македонската јавност се 132-те илјади нецелосно попишани граѓани. Коментар на Борис Георгиевски

Здрав човек во себе има околу 35 билиони (илјади милијарди) црвени крвни зрнца. Нашите тела создаваат по околу 2,4 милиони еритроцити секоја секунда, кои потоа „живеат“ во просек околу 120 дена.

Доколку почнеме веднаш сериозно да броиме и пребројуваме, следните 119 дена се доволно време да им ги преброиме крвните зрнца на сите оние 132 илјади не-до-крај-попишани македонски граѓани. Нашите служби покажаа дека се способни, а просечниот граѓанин и онака нема што друго да прави- оние што не сакале на нива дошле во Скопје; оние на кои не им се бендисало Скопје заминале за Германија, а оние што останале и онака немаат попаметна работа. Ако сега, овие 1,8 милиони и нешто фазла не-баш-коректно пребројани граѓани и граѓанки се ујдисаат сериозно да бројат, користејќи ја експертизата на илјадниците нивни сограѓан(к)и стручњаци кои секојдневно оперираат на социјалните мрежи, до септември имаат големи шанси да изведат една сериозна математичка операција која ќе даде одговор на веројатно најважното прашање за иднината на државата, за која патем се уште се води внатрешен спор дали е баш толку северна или е по јужна. Мојот калкулатор вели дека ако помножите 35 билиони со 132 илјади се доаѓа до една фантастична бројка од 4.620.000.000.000.000- бројка која искрено, не знам ни да ја прочитам, но покрај толку експерти за геополитика, меѓународно право, економија, фудбал... сигурен сум ќе се најдат и врвни математичари. 

Притоа, пребројувањето на крвните зрнца ќе има и солиден економски ефект, затоа што директно ќе им помогне на сите приватни лаборатории и болници во земјата кои, поради падот на бројот на новозаразени од коронавирусот, ќе мораат да се откажат од милионски профити. Би било неодговорно, ќе се согласите, да се бара од нив таква жртва токму сега кога конечно им тргна бизнисот. Замислете колку крвни слики се тоа. Колку работни места! А како и да го свртите проблемот, во прашање е здравјето на нацијата. 

Да не трошиме време на глупости 

Придобивките од оваа гигантска статистичка операција, несомнено, ќе се почувствуваат и во политиката и во секојдневието. Пописот покажа дека Северна Македонија има сериозни демографски проблеми кои негативно влијаат во сите сфери на животот. Илјадници луѓе заминуваат секоја година, економијата одамна не може да најде адекватна работна сила, нивите и селата зјаат празни... Би било налудничаво сега политичките партии и експертите од општа пракса да размислуваат како да се вратат стотици илјади раселени, како да се задржат овие што веќе се подготвуваат да се иселат, како да се обезбеди квалификуван кадар, како да се подигнат квалитетот на животот и производството во селата и помалите градови. Како, во Северна Македонија да почне да се живее, а не, како што навестуваат резултатите од пописот, само да се умира. 

Замислете сега што ќе се случи ако домашните политичари и експерти ги потрошат следните 119 дена на развој на некакви стратегии и планови или дури и идеи за надминување на овие состојби во некоја догледна иднина? Ќе се потроши драгоцено време, а ние и натаму нема да знаеме што луѓе се овие 132 илјади граѓани. Внимавајте, тоа се наши граѓани. И тоа е во моментов круцијално прашање. 

Како ќе продолжи државата понатаму ако не знае точно дали се тие Македонци, Албанци, Марсовци... Можеби треба да се вработат во државна администрација, а можеби во локалната! Од кај да знаеме?! 

Ставете се за момент на местото на тие 132 илјади. Замислете го товарот кој го носат тие луѓе, дури и во секојдневието. Како да знае човек кој не-е-баш-коректно попишан што да му каже на соседот, на касиерката во супермаркет, на случајниот минувач, кога ќе го прашаат, а ќе прашаат: 
„Пријателе, како со крвните зрнца на пописот?" 

„Не отворив. Ми останаа пиперки од референдумот, па ајвар мешавме." 

Можеби го пишале христијанин, ама каков? Православен, католик, евангелист...? Како ќе одлучат овие луѓе што да им виси од ретровизорот на автомобилот: крст, лавче, икона, МВР, полумесечина... 

Многумина од нив, верувам, нема да знаат ни што да облечат. Еве, на пример, да излезат од дома со црна кошула. А немаат ни пусулче, ниту крвна слика не постара од 30 дена. Ќе биде ли тоа доволно? Кој да знае? Освен ако баш не решат сите 132 илјади да шетаат во црни кошули за да се распознаваат. Ќе го издржи ли нашата текстилна индустрија тој товар? И утре, ако крвните слики покажат помалку еритроцити, да продолжат ли со таа мода. И обратно, кога ќе заврши пребројувањето, ако е „сѐ во ред", ќе треба ли и сите други да облечат црни кошули? Или за тие со помалку крвни зрнца ќе се бараат поинакви „модни“ решенија? 

 

DW.COM