Помалку слобода на мислење на социјалните медиуми? | Свет | DW | 19.06.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Помалку слобода на мислење на социјалните медиуми?

Комисијата на Бундестагот за правосудство денеска го разгледува нацрт законот кој од социјалните мрежи бара во рок од 24 часа да ги бришат „очигледно противправните“ содржини. Отпорот кон законот е голем.

„Колку како општество треба да истрпиме за да се овозможи слобода на мислење?“, праша неодамна на една дискусија за законот кој денеска е во Комисијата за правосудство на Бундестагот, Бернард Роледер, раководител на сојузот за информатика, телекомуникации и нови медиуми „Битком“. Законот, кој веќе се нарекува „Lex Facebook“, иако ги погаѓа еднакво сите социјални мрежи со над два милиона корисници, би требало да ги обврзе социјалните мрежи да известуваат редовно за својот третман на „омразата и другите кривични дела“, како и постапките кои се преземаат против лажните вести.

Во рок од 24 часа, социјалните медиуми би требало да ги избришат коментарите со омраза кои се пријавени и се „очигледно противзаконски“. За други противправни содржини е предвиден рок на бришење од седум дена. Самите социјални медиуми би одлучувале што мора да се избрише, а доколку не се постапи согласно законот, се закануваат казни до 5 милиони евра. Доколку пак престапот се повтори, казните може да изнесуваат до 50 милиони евра. Освен тоа, со нацрт законот се пропишува и постоење на „ефикасен менаџмент за жалби“, како и „домашен“ партнер за разговор со властите.

Отпорот на социјалните медиуми против ваквиот закон е огромен. И вештаците кои „Битком“ ги задолжи да дадат мислење за проблемот имаат забелешки и стравуваат дека Фејсбук и другите во иднина би можеле поради страв од високи казни пребрзо да бришат коментари.

Критики доаѓаат и од партиите застапени во Бундестагот. Се вели дека ваквиот закон би овозможувал во иднина приватни претпријатија да одлучуваат за слободата на мислење и можеби и да ја загрозуваат.

Ополномоштеникот на ОН за прашањето на слобода на мислење, Дејвид Каје, од германската влада побара да провери дали законот ја загрозува слободата на мислење и правото на приватност. Каје изразува сомневање дека претпријатијата ќе бидат во состојба соодветно да го проценат контекстот на коментарите. Избрзана цензура би била во спротивност со меѓународното право за неограничен пристап до сите мислења на интернет, нагласува Каје.

DW.COM

Реклама