Политички привилегии - врв на ледениот брег | Северна Македонија | DW | 28.08.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Политички привилегии - врв на ледениот брег

Прашањето за пет собраниски потпретседатели, ги реактуелизира барањата за укинување и редуцирање на политичките привилегии, соодветно за земја која се декларира како социјална држава.

Трупањето и концентрација на функции кои носат и дополнителни привилегии, е тема која три децениии е на мета на жестока критика во домашната јавност, но досега не е направен ниту конкретен чекор од страна на властите за кратење на тие функции и привилегии. Последен е примерот со бројката на потпретседали на Собранието. Во четирите собраниски состави (од 2006 до 2016 година) беа избирани три потпретседатели. Во минатиот парламентарен состав бројката порасна на пет, со тенденција да остане иста и во сегашниот состав на Собранието. ВМРО-ДПМНЕ на 25-ти август побара да се тргне од дневен ред предлог-одлуката за одредување на бројот на потпретседатели, критикувајќи дека пет потпретседатели се непотребен трошок на државата и служат само за да се задоволат коалициските страсти. По дебатата што се отвори по тоа прашање, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на завчерашната прес-конференција рече дека од СДСМ нема да предложат кандидат, ако и ВМРО-ДПМНЕ се откаже од потпретседател.

„Нека се откаже ВМРО-ДПМНЕ од свој претставник за потпретседател на Собранието, ќе се откаже и СДСМ, и ќе има три потпретседатели. Но, Деловникот вели дека најголемата опозициска партија има еден потпретседател. Ова го кажувам за да ѝ е јасно на јавноста дека ова е собирање политички поени на нечесен начин. За бројот на потпретседатели допрва ќе одлучува Собранието“, рече Заев.

Одговорот од опозициската партија стигна вчера. Генералниот секретар Игор Јанушев, соопшти дека ВМРО-ДПМНЕ нема да предложи свој кандидат за потпретседател на Собранието.

„Јавно кажавме од собраниската седница дека е премногу, и дека е непотребен трошок сето ова што се прави. Впрочем, во минатото никогаш не било вака. Само ќе се зголемат трошоците кои ги плаќаат граѓаните. Дури и да имаме пет потпретседатели, најголем од нив никогаш нема да седнат на спикерското столче“, изјави Јанушев.

Јавноста бурно реагираше на предлогот да се изберат пет потпретседатели на Собранието, со став дека нема потреба од толкав број. Поранешниот претседател на парламентот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Вељаноски, на Фејсбук искоментира дека нема економска оправданост за пет потпретседатели. За споредба, тој посочи дека во САД има 435 пратеници и 1 потпретседател, во Велика Британија 650 пратеници и 3 потпретседатели, во Словенија 90 пратеници и 3 потпретседатели, во Италија 630 пратеници и 4 потпретседатели, и во Германија 709 пратеници и 5 потпретседатели.

Иницијативата на „Цивил“

Единствената дебата што досега беше отворена, се однесува на намалување на политички привилегии, а беше поттикната од граѓанскиот сектор. Граѓанската организација „Цивил“ во мај 2019 година започна иницијативата за укинување на привилегиите на функционерите.

Иницијативата ја поддржаа над шест илјади граѓани во онлајн петиција што ја започна оваа организација, со цел функциите и привилегиите да се укинат, односно да се редуцираат до ниво што е прифатливо за земја која според Уставот се декларира како социјална држава.

Повеќе:

-Новата влада на Заев фокусирана на домашните проблеми

-Колку ќе трае владата

-Заев го чека тежок пат по калдрма

„Цивил“ ги достави тие барања до парламентот лани на 17-ти мај, симболично „во пет минути до 12“. Непосредно по објавувањето на иницијативата, поддршка дадоа неколку политичари, меѓу кои и сегашниот претседател Стево Пендаровски, кој во тоа време беше претседателски кандидат.

Dzabir Derala

Џабир Дерала

Во јуни истата година, на трибината насловена „Крај за расипништвото“, Џабир Дерала од „Цивил“ објасни дека барањата се однесуваат на сите поранешни и сегашни именувани и избрани функционери, кои се во ситуација да трошат јавни пари, да искористуваат јавно добро или да (зло)употребуваат службена положба на локално или државно ниво. Веднаш потоа „Цивил“ формираше работна група која интензивно работеше на прецизирање на барањата и нивно преточување во конкретни предлог- законски мерки за намалување или целосно укинување на привилегиите на функционерите, за да се стави крај на неконтролираното трошење на јавните пари.

Во април годинава, граѓанската организација повторно ја актуелизираше иницијативата, истакнувајќи дека во време кога светската економија е на колена поради справувањето со кризата предизвикана од пандемијата на Ковид -19,  крајно време е да се стави крај на привилегиите на функционерите.

„Сега, повеќе од кога и да е порано, дојде време кога треба да се мисли на парите на граѓаните“, беше ставот на организацијата.

Реактуелизирани барањата

По конституирањето на Собранието, организацијата најави реактуелизирање на ова прашање, и на самиот почеток на мандатот очекува од новиот собраниски состав да ја стави иницијативата на дневен ред.

Како што претходно најави граѓанската организација, се бара укинување на апанажите на кое било ниво, и за која било позиција; укинување на доживотните пензии за поранешните претседатели, до моментот кога тие исполнуваат услови за пензија, соодветно на примањата што ги имале во текот на работниот век; укинување на парични и други надоместоци за сите управни одбори, и позицијата во тие и слични да биде почесна, а не платена; укинување или спојување на државните агенции, со намалување на бројот на вработени; укинување на сите привилегии што се поврзани со користење службени возила, репрезентации, обезбедување на функционерите и други прескапи привилегии; драстично намалување на патните трошоци на функционерите, поточно, обезбедување средства во висина на цената за јавен превоз; да се воспостави пракса на забрана за набавка на службени возила од средна и висока класа; и укинување на дискрециските овластувања на функционерите. Од „Цивил“ најавија дека ревидираната листа со барања ќе ја достават до Собранието.

Реклама