Политичарите едногласни: Не е време за избори | Северна Македонија | DW | 16.03.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Политичарите едногласни: Не е време за избори

Шефот на државата Стево Пендаровски за утре свика лидерска средба на која ќе се дискутира за одложување на изборите на 12 април. Претходно, лидерите на водечките политички партии се изјаснија позитивно.

Treffen der politischen Führer in Nordmazedonien wegen Coronavirus (Regierung Nordmazedoniens)

Фотографија од последната лидерска средба во Владата

Првите луѓе на владејачките СДСМ и ДУИ и на опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска јавно побараа одложување на предвремените парламентарни избори закажани за 12 април. Зоран Заев, Али Ахмети и Христијан Мицковски речиси истовремено соопштија дека поради коронавирусот не е време за избори и дека треба да се мисли на здравјето на граѓаните.

Претседателот Стево Пендаровски експресно реагираше и за утре закажа лидерска средба на која треба да се донесе одлука за одложувањето.

Денеска ќе се одржи седница и на Советот за национална безбедност кај Пендаровски. 

„Дефинитивно тоа што се случува кај нас, добро е што е под контрола, но сепак едно знаеме, дека ризикот на одржувањето на изборите ја прави понепријатна состојбата, треба да се оди на гласачките места итн. Наш став е дека изборите треба да се одржат кога трајно ќе се обезбеди здравјето на граѓаните“, рече Заев на прес-конференција во партиското седиште. 

Повеќе на темата: 

- Короналицемерие

- Меѓу омразата и стравот

И за опозицискиот лидер Мицкоски е неприфатливо одржување избори во актуелната ситуација. 

„Потребно е одговорно однесување, кон граѓаните и државата. Нема ниту една разумна, и ниту една човечка, рационална, и прагматична причина тие да не се одложат, бидејќи за мене, а верувам и на останатите, борба за власт по цена на животите на граѓаните е неприфатливо“, порача Мицкоски. Притоа, и тој, како и Заев предлага прогласување на кризна состојба на територијата на целата држава.

Ни за ДУИ избори повеќе не се приоритет. Како што соопшти партискиот претседател Ахмети, апсолутен приоритет се граѓанинот и јавното здравје.

„Сите наши човечки, интелектуални и институционални капацитети ги ставивме на располагање на победа во заедничката борба против вирусот. Сега, нас ни треба да го победиме вирусот а не победа на изборите. Со изборите и кампањата ќе се занимаваме откако ќе ја победиме ова закана спрема сите нас и заедно Ве уверувам дека ќе извојуваме победа“, вели Ахмети.

Засега никој не сака да прогнозира кој би бил следниот термин за одржување на изборите кои беа закажани како резултат на недобивањето датум за почеток на пристапните преговори со ЕУ на самитот во октомври минатата година.

 

DW.COM

Реклама