Поддршка за антиимиграцискиот курс на Трамп | Свет | DW | 27.06.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Поддршка за антиимиграцискиот курс на Трамп

Одлуката на Врховниот суд да ја поддржи спорната забрана за влез во САД за луѓето од Либија, Сомалија, Сирија, Јемен, Северна Кореја и Венецуела е погрешна, а содржи и една друга многу важна порака, смета Михаел Книге.

Од декември минатата година, откако Врховниот суд на САД ги отфрли одлуките на пониските судови и дозволи да стапи во сила забраната за влез во земјата за луѓе од некои земји со мнозинско муслиманско население, можеше д се претпостави дека овој суд на крајот ќе го поддржи овој контроверзен потег на администрацијата на претседателот Доналд Трамп. Поради тоа оваа одлука не е големо изненадување, но тоа не ја прави ниту помалку загрижувачка.

Гледано од практичен агол, одлуката претставува сериозен удар за жителите погодени од забраната. Меѓутоа уште поважно е тоа што со неа е потврдена антиимигрантската и антимуслиманската визија на претседателот Трамп, иако поради националната безбедност во забраната се вклучени и две земји кои немаат мнозинско муслиманско население - Северна Кореја и Венецуела.

Откажување од традиционалната визија

Сепак, пораката која со оваа одлука им се испраќа на Американците и на светот - во време во кое со политиката на раздвојување на децата од родителите имигранти, драконскиот антидоселенички став на Трамп штотуку достигна нов зенит - е јасна.

Michael Knigge Kommentarbild App

Михаел Книге, автор на коментарот

Повеќе:

-Забраната за влез во САД конечно во сила - привремено

-Нови забрани за влез во САД

-САД ги конкретизираа критериумите за забраната за влез

Без оглед дали ѕидот на Трамп кон Мексико ќе биде изграден или не, САД ги затвораат своите врати кон светот. Со тоа се порачува дека потенцијалните имигранти, посебно ако се муслимани или Латиноамериканци, претставуваат опасност за САД и не треба да се пуштаат во земјата. Ваквиот став претставува откажување од американската традиционална визија за себе како за народ на доселеници и само ќе ги поттикне веќе постоечките националистички чувства. А Трамп тоа сигурно ќе го сфати како поддршка да продолжи со својот антиимигрантски курс.

Границите на судската контрола

Срамно е што Врховниот суд на САД, за волја на вистината, со тесно мнозинство од 5 спрема 4, одлучи да да ги игнорира честите изјави на Трамп за „тотална и комплетна забрана за влез на муслимани во САД“ и да заклучи дека неговата директива била неутрална и во рамките на неговите претседателски овластувања. Правничката Соња Сотомајор во своето несогласување со оваа одлука со право напиша дека таа ги прекршува принципите на религиска толеранција за која инаку републиканците се залагаат и оти Врховниот суд исто така не успеал да спречи прекумерна извршна власт.

Овој исход исто така е значаен бидејќи ги покажува границите на судската контрола врз претседателот Трамп. Кога една недела по инаугурацијата за претседател, Трамп издаде лошо напишана извршна наредба во која се забранува влезот во САД за луѓе од земји со мнозинско муслиманско население - вклучително и за оние кои имаат право на престој во САД - американските судови брзо ја соборија. Судовите беа успешни и со поништувањето на втората, нешто подобрена верзија на таа забрана. 

Но, кога третата верзија на забраната испорачана од администрацијата на Трамп дојде до Врховниот суд, таа беше доволно разводнета и напишана на начин на кој можеше да пројде кај конзервативното мнозинство судии - вклучувајќи го и најновиот и во ово случај одлучувачки член на Врховниот суд, Нил Горсаќ, инаку човек на Трамп. 

Поради тоа пораката на оваа пресуда на Врховниот суд на САД е и следнава: изборите и тоа како се важни.

 

DW.COM

Реклама