Поддржувачите на Ердоган ќе гонат „предавници“ и во Македонија | Македонија | DW | 29.07.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Поддржувачите на Ердоган ќе гонат „предавници“ и во Македонија

Партиска иконографија и песни со кои се славеа ликот и делото на турскиот претседател: на собирот во Скопје за поддршка на турскиот народ и претседателот Ердоган, излегоа 500 луѓе, а имаше и министри и други политичари.

Со песни посветени на турскиот претседател Ердоган и фотографии и транспаренти со неговиот лик, вчеравечер на плоштадот „Филип Втори“, кај Старата скопска чаршија, се одржа собир за поддршка на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Во организација на Сојузот на турски невладини организации во Македонија (Матуситеб), на собирот беа испратени пораки за остра осуда на обидот за државен удар во Турција и силна поддршка за Ердоган и неговата партија.

Дел од граѓаните со кои поразговаравме на мирниот собир, велат дека дошле за да ја дадат својата поддршка на турскиот народ, демократски избраната власт во Турција и начинот на кој Ердоган се справил со обидот за пучот.

„Тука сум за да има демократија и мир во Турција, а не насилство. Да покажам поддршка за слободниот глас“, рече за Дојче веле еден од граѓаните кој беше на собирот.

Амед Хакан, студент од Истанбул кој вели дека со своите пријатели е на приватно патување и случајно го нашле собирот, рече дека и во неговиот град се придружил на овие собири за поддршка на демократијата.

„Пучот кој се случи, со кој се обидоа да земат контрола врз земјата, нема поддршка од народот. Имаме демократски избран претседател и повеќе од половина од јавноста јавно го поддржува, а настрана од тоа, 99% од јавноста сака демократија. Секако дека има проблеми, иако го бирате Ердоган не значи дека го поддржувате стопроцентно, но сепак тој е избран претседател“, изјави Хакан.

На почетокот на настанот беа пуштени македонската и турската химна, додека присутните постојано извикуваа „Поддршка за Ердоган“ и „Господ е еден“.

Барања за казнување предавници

Претседателот на „Матуситеб“, Таксин Ибрахим, во неговиот говор остро го осуди обидот за државен удар кој се случи на 15 јули во Турција. Тој рече дека „предавниците“ кои го направиле пучот, треба што побргу да бидат казнети. Вакви „предавници“, според него, имало и во Македонија:

„За ваша информација такви предавници дојдени од Турција ги има и во Македонија и ние сите заедно треба да ги исчистиме од нашите живеалишта. Како синови на Фатих, за нас е грев да им бидеме домаќини на овие предавници. Наша должност е да ги протераме од Румелија, омиленото место на Османлиите“, рече претседателот на „Матуситеб“.

Говор одржа и амбасадорот на Турција во Македонија, Омрур Шолендил, кој рече дека и покрај обидот за државен удар, турската држава ќе продолжи со посветеност да работи на просперитетот, единството и мирот.

Министри и политичари

На собирот говори одржаа и двајца министри од Владата на Македонија, Неждет Мустафа и Фуркан Чако, претседателот на Бошњачката заедница во Македонија, Џемил Бектовиќ и универзитетскиот професор, Метин Изети. Во публиката, присутен беше и Имер Селмани, поранешен вицепремиер и министер за здравство, кој беше претседател на Нова Демократија.

„Турскиот лидер Ердоган даде голема поддршка на Ромите, за нивна интеграција. Ние како народ ја цениме целата поддршка што Турција ја дава за мојата партија и за ромскиот народ“, рече министерот Неџдет Мустафа.

На настанот беше пуштено и телефонско јавување на претседателот на Турската агенција за соработка и координација (ТИКА), кој порача дека припадниците на организацијата на Ѓулен, освен за Турција, претставуваат опасност и за другите земји каде тие делуваат.

Митинзи за поддршка на Ердоган и Турција, освен во Скопје, се одржаа и во Гостивар и Кичево.

DW.COM

Реклама