Повлекување од Инџирлик, под итно! | Свет | DW | 06.06.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Повлекување од Инџирлик, под итно!

Анкара повторно не им дозволи на германски политичари да ги посетат војниците на Бундесверот во воената база Инџирлик. Единствена логична последица од тоа би било повлекување на германските војници од турската база.

Надежта умира последна - така барем вели поговорката. Само, дали некој навистина искрено веруваше дека германскиот министер за надворешни работи Зигмар Габриел ќе успее да го реши проблемот и оти ќе се случи чудо ако тој лични се појави во Анкара? На турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган не му паѓа на памет да ја сврти страницата. А и зошто би го направил тоа? Тој веќе цела вечност за нос ја влече германската влада. Нему тие 260  германски војници стационирани во турската воена база Инџирлик му се добредојдени како инструмент за уцени. Еднаш пушта германски политичари во посета на војниците, еднаш не. Како му одговара во дадениот момент. На крајот од краиштата, тој е газда на Босфорот.

Кога Германија е непослушна, вратите остануваат затворени. За него германски азил за турските офицери не доаѓа предвид, исто како и резолуцијата на Бундестагот со која масакрот врз Ерменците во Првата светска војна се прогласува за геноцид, што официјална Анкара не сака да го признае. Тоа беше и првичниот повод на пратениците на германскиот парламент да не им се дозволи да ги посетат војниците на Бундесверот во Инџирлик. Анкара попушти дури откако германската влада се огради од резолуцијата на Бундестагот. 

Сега е доста!

Тоа е чиста уцена. Германската влада премногу долго ги затвораше очите пред таквото однесување. Сето тоа, за волја на вистината, за владата е многу заплеткана ситуација. Нејзиното мото гласи: секогаш да се остане во контакт, да се разговара, да се пронајдат начини за нормализирање на односите. Таквиот пристап во суштина е исправен. Но еднаш сепак мора да се каже: доста беше! Кој сака да остане веродостоен, тој мора тука и таму да каже јасно и гласно „Не“. И тоа вистинско „не“, а не: „Не, ама..“- какво што владата, а посебно канцеларката Меркел, практикуваше премногу долго. Иако „молам“ е збор кој чини чуда, ниту тој не би смеело да се користи премногу често, бидејќи така може да се загуби веродостојноста. Германските социјалдемократи во меѓувреме го сфатија тоа. Кај демохристијаните уште има такви кои се колебаат. Тоа е погрешно.

Kinkartz Sabine Kommentarbild App

Сабине Кинкарц, авторка на коментарот

Повлекувањето на германските војници од Инџирлик дополнително ќе ги расипе и онака нарушените германско-турски односи. Притоа, може да се постави прашањето дали тие односи воопшто можат да бидат полоши. Исто така е можно Ердоган, и по евентуалното повлекување на германските војници од Инџирлик, да побара некоја нова причина за уцени. На крајот од краиштата, и во турската база Конија се стационирани германски војници.

Диктаторите говорат со некој друг јазик

И уште нешто - што ќе се случи со германско-турскиот дописник на дневниот весник „Велт“, Дениз Јунџел, кој од февруари лежи во турски затвор под обвинение дека поддржува тероризам? Анкара сигурно ќе посегне и по уште еден „стап“- односно ќе се закани со укинување на договорот за бегалците со Европската унија.

Германија едноставно мора да живее со тоа дека политичари како Ердоган следат исклучиво егоистични цели и оти, ако е потребно, порадо одат со глава низ ѕид, отколку да попуштат и за еден чекор. Диктаторите говорат со различен јазик од демократите. Тоа е тврд јазик кој бара, ако не возвраќање со иста мерка, тогаш барем одговори по кои ќе следуваат дела.Во случајот Инџирлик тоа значи дека Германија мора под итно да ги повлече своите војници.Јордан веќе се понуди како алтернатива. Тогаш зошто уште чека германската влада?

 

DW.COM

Реклама