Повеќе камери - поголема безбедност? | Свет | DW | 30.12.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Повеќе камери - поголема безбедност?

Дали се во Германија потребни повеќе камери на јавни места? Ова прашање зачестено се поставува по минатогодишната новогодишна ноќ во Келн, нападот во Берлин. Дали камерите значат намалување на слободата?

Група момчиња сама се пријави во полицијата откако ноќта на Божик запали еден бездомник на станица во берлинското метро. Човекот беше спасен со брза реакција на минувачи. Од седуммина осомничени, шестмина се од Сирија, еден доаѓа од Либија. Освен што во тој контекст се разгорува дискусија околу бегалците и дојденците, се води и друга бурна дебата - видео надзор кој во Германија ни оддалеку не е толку распространет како на пример во Велика Британија. Зашто, извршителите на делото во берлинската подземна железница ѝ се пријавија на полицијата по објавувањето на снимките од камерите за надзор. Дали овој случај зборува во прилог на видео-надгледување?

Deutschland Obdachloser sollte angezündet werden (picture alliance/dpa/P. Zinken)

Станицата Шенлајнштрасе на берлинското метро каде беше запален бездомник

Прашање на безбедност, но и на права

Дискусијата главно се води околу три аспекти: разјаснување на криминални случаи, превенција и чувство на сигурност. И по терористичкиот напад на божиќниот пазар во Берлин, сѐ погласни се барањата за зголемен број камери во градот. Имено, на плоштадот пред Спомен-црквата на царот Вилхелм, каде што се случи настанот, нема видео-надзор, па така полицијата во истрагата не можеше ни да употреби квалитетни снимки од местото на злосторството.

„Малку е апсурдно кога властите ги повикуваат граѓаните да им ги испратат своите снимки направени со приватни мобилни телефони, а истовремено се противат на јавен видео-надзор“, вели за Дојче веле Ернст Валтер, потпретседател на Сојузниот синдикат на полицијата. Сепак, и тој признава дека видео-надзорот не може да спречи терористички напади како оној во Берлин, но камерите би можеле да помогнат во истрагата.

По тешки кривични дела како злоставувањето жени во новогодишната ноќ во Келн, масовното убиство во Минхен или терористичкиот напад во Берлин, секогаш следува политичка дискусија за безбедноста и засилено видео-надгледување. Но, секогаш е присутно притоа и прашањето за заштита на личните податоци на граѓаните. Така, Сојузот на судии предупредува од ограничување на слободата на граѓаните и прекршувањето на основните права. 

Критичарите на видео-надзорот не веруваат ни во ефикасноста на овој метод - сеедно дали е во прашање превенцијата или подоцнежната истрага. Берлинскиот повереник за заштита на податоците Маја Смолчик за новинската агенција ДПА изјави дека терористите, но и престапниците кои делуваат ирационално под влијание на алкохол или наркотици, нема да бидат одвратени од своите намери само поради тоа што ги снима некоја камера.

Нема гаранции за безбедност

Кога станува збор за терористи, ситуацијата всушност е сосем обратна - тие често целно бараат внимание на јавноста и сликите од местото на теророт им се добредојдени. Бившиот ополномоштеник за заштита на податоците, Петер Шар за пример ги наведува нападите во Лондон во 2005. година. Таму терористите намерно се покажале пред камери: „Затоа што се надевале дека тие слики, како и што се случи, ќе најдат пат до медиумите и ќе го засилат ефектот на терористичкиот напад.“ 

Според поновите испитувања на јавното мислење, 60 проценти од граѓаните сакаат зголемување на бројот надгледувачки камери во Германија. Но, прашање е дали со тоа вистински би се зголемило и чувството на сигурност кај населението.

Пред неколку недели предизвика внимание уште еден случај од берлинското метро: еден маж со нога удри жена во грбот, туркајќи ја по скалите. Жената имаше голема среќа што си ја скрши само раката. Полицијата ја објави снимката на бруталниот чин, по што наскоро извршителот беше откриен. Но, многумина предупредуваат дека вакви снимки можат да предизвикаат страв каков немаше досега - да речеме на пример дека сега луѓето непотребно се плашат во метрои се обѕрнуваат на секој чекор.

Петер Шар истакнува дека луѓето непосредно по терористички напади или други тешки кривични дела се чувствуваат многу несигурно и би биле подготвени на одрекувања од своите слободи и права во корист на безбедноста. Но, таквата трампа - слобода за безбедност, Шар ја смета за опасна, зашто, како што вели, е нереална. „Поголем број камери не значи автоматски и поголема безбедност.“  

 

DW.COM

Реклама