1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Платите во прв план, продуктивноста во последен

14 февруари 2022

Иако постои систем за оценување на административните службеници, тој процес не се спроведува систематски и има слабости во имплементацијата.

https://p.dw.com/p/46yVB
Колку поголемата плата може да влијае врз поголема продуктивност на јавната администрација?
Колку поголемата плата може да влијае врз поголема продуктивност на јавната администрација?Фотографија: DW/E. Milosevska Fidanoska

Покачувањето на минималната плата мора да резултира со скалесто зголемување и на останатите плати, бидејќи во спротивно ќе доведе до демотивација и намалена продуктивност, предупредуваат синдикалците. На продуктивноста во контекст на раст на платите, деновиве се осврна и премиерот Ковачевски. Тој потенцира дека зголемувањето на платите во администрацијата треба да оди заедно со зголемувањето на продуктивноста на трудот, што треба да резултира со поквалитетни административни услуги кон граѓаните.

„Кога зборуваме за приватниот сектор тоа важи, меѓутоа треба да важи и за јавниот сектор. Кога зборуваме за зголемување на платите, зборуваме за социјален дијалог во кој зборуваме за зголемување на платите, но исто така и за зголемување на продуктивноста на трудот , бидејќи јавниот сектор е платен од даночните обврзници, од сите граѓани и тоа особено од оние коишто работат во приватниот сектор и треба и услугите коишто ги добиваат граѓаните да бидат секогаш од ден во ден, од месец во месец на повисоко ниво“, изјави Ковачевски.

Премиерот Димитар Ковачевски вели дека зголемувањето на платите би требало во крајна мерка да резултира и со поквалитетни административни услуги за граѓаните
Премиерот Димитар Ковачевски вели дека зголемувањето на платите би требало во крајна мерка да резултира и со поквалитетни административни услуги за граѓанитеФотографија: Robert Atanasovski/AFP/Getty Images

Какви се резултатите?

Засега нема податоци каква е продуктивноста во јавната администрација, односно каков е резултатот од „оценување на ефектот на административниот службеник“ како што се третира тоа во Законот за административни службеници. Според тој закон, претпоставениот, односно раководниот административен службеник е оценувачот, кој со оценка 1, 2, 3, 4 или 5 ја оценува работата на административниот службеник во однос на квалитетот, ефективноста и ефикасноста на работењето, почитувањето на роковите и нивото на исполнување на утврдените работни цели и задачи, нивото на вклученост и посветеност на работата, придонесот во реализацијата на стратешкиот план на институцијата. Во вкупната оценка, со 35% учествуваат и други административни службеници, со кои службеникот непосредно соработувал: двајца на пониско и двајца на исто ниво, како и двајца оценувачи кои не се вработени во институцијата, а со кои службеникот има непосредна соработка. Нема податоци дали поради недостиг на ефект во работењето некој административен службеник останал без работа, врз основа на овој сложен систем на оценување.

Повеќе: Субвенции и за минималецот - може ли буџетот да издржи уште еден товар?

Од друга страна, за административни службеници кои при извршувањето на работните задачи имаат постојан и непосреден контакт со граѓани и за кои постои таков механизам за оценување, како оценувачи се сметаат токму граѓаните. Но, исто така нема податок како е систематизирана таа оценка од граѓаните.

Пред десетина години беше воведен проектот „Семафор“ со цел граѓаните да дадат оценка за работата на шалтерските службеници, од аспект на квалитетот на услугата. Проектот предизвика внимание, се правеа анализи, но не траеше долго. Малите апаратчиња од тој период и денес можат да се видат како „сувенири“ зад некои шалтерски стакла.

Редиците пред шалтерите се вообичаена слика во македонските административни служби
Редиците пред шалтерите се вообичаена слика во македонските административни службиФотографија: DW/ P. Stojanovski

Може ли ефикасно да се измери продуктивноста на администрацијата?

„Секако постојат начини. Сега засега тоа е само процесот на оценување на административните службеници, но факт е дека тој процес не се спроведува систематски и соодветно“, вели Јулијана Караи, истражувачка во Институтот за европска политика (ЕПИ). 

„Законската рамка која што се однесува на оценувањето на административните службеници е подобрена, но како и во многу други области и тука се забележуваат слабости во имплементацијата. Се работи за долг и макотрпен процес за сите во администрацијата, без некој особен ефект во позитивна и/или негативна смисла“, вели Караи. 

Во РСМ не може да вирее либерален систем на плати 

Споредбена анализа на системите на платите во јавниот сектор во Австрија, Словенија и Шведска, изработена во рамките на проектот „Носење промени - добро управување и ефективност во јавната администрација“ од март 2020 година на Центарот за управување со промени (ЦУП), покажува дека се практикуваат различни пристапи при регулирање на платите во јавната администрација/јавниот сектор. Според анализата, Австрија има традиционален, многу скап и до најситни детали регулиран систем на плати на јавната администрација кој постепено го менува. Шведска практикува широко либерализиран систем кој соодветствува на развиено и високо продуктивно општество. Словенија е помеѓу овие два системи, со јасно поставена регулатива, но со флексибилност при имплементацијата на додатоците на платите во јавниот сектор. Но, заедничко за сите три земји, е што се во континуиран процес на реформи на јавната администрација. Трите земји имаат фокус кон истакнување на компетенциите и учинокот како основен елемент при дефинирањето на системот на плати. Платите на административните службеници се секаде достапни како јавна информација, што е суштинско за да може да се мерат ефектите од системот. 

„Во македонски услови не може да вирее либерален систем на плати во јавниот сектор, туку решението мора да сe бара во соодветна доза на регулирање и флексибилност за наградување на јавните службеници, со цел да се обезбеди оптимален сооднос на нивниот учинок и задоволството од платите, а притоа да се постигне/одржи висок квалитет на јавните услуги. Во однос на платите во јавниот сектор во поширока смисла, праксата покажува дека во ниедна од анализираните земји нема регулирање на овој сегмент, туку важат законите кои се однесуваат на приватниот сектор и соодветните секторски закони. Доколку се настојува да се регулираат платите во јавниот сектор во поширока смисла во Република Северна Македонија, неопходно е да постои транспарентност на податоците, детални анализи и последователно, осмислување на соодветен модел“, се вели во анализата.

Може ли ефикасно да се измери продуктивноста на јавната администрација?
Може ли ефикасно да се измери продуктивноста на јавната администрација?Фотографија: picture alliance/Bildagentur-online

Реформите се континуиран процес

Ако продуктивноста и растот на платите се во директна корелација со перменентни реформи во јавната администрација, каква е состојбата на тој план во РСМ?

„Иако е повторено безброј пати дека Северна Македонија треба да има мала/помалубројна, ефикасна, ефективна администрација, која што е отчетна и транспарентна во работењето, сепак не можеме да кажеме дека успеавме да постигнеме такво ниво“, вели Караи.

„Постојано се зборува за реформи во јавната администрација, но тешко е да се каже дека администрацијата ни е реформирана. Се работи за перманентен, континуиран процес и никогаш нема да постигнеме ниво на целосна реформираност. Секогаш ќе има потреба од подобрување, но, како и да е, во моментов администрацијата не е реформирана ни толку колку што треба да биде за да ги исполни очекувањата на граѓаните и услугите да ги испорачува квалитетно, но не е реформирана ни кон внатре, во смисла самите вработени во администрацијата да бидат позадоволни и мотивирани. Тука мислам на оние вработени во администрацијата што се професионални, односно одговорни и исполнителни и кои што заслужуваат да бидат мотивирани“, оценува Караи.

За постигнување на видлива реформа, потенцира таа, потребна е вистинска, а не само декларативна политичка волја. Само ако ги следиме препораките на Европската комисија сите изминати години, точно се знае што недостасува - продолжување на процесот на реорганизација и оптимизација на органите на државната управа, дигитализација и интероперабилност и донесување на Законот за висока раководна служба.