Пет години од убиството на Нешковски: казна за сите злосторници! | Северна Македонија | DW | 06.06.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Пет години од убиството на Нешковски: казна за сите злосторници!

Оние кои пред пет години ги започнаа протестите против полициската бруталност, а потоа и против индиции за криминали на власта, денеска ќе испорачаат „бескомпромисен план за излез од кризата“.

Скопје, 6-ти јуни 2011. Весела атмосфера во центарот на градот. На плоштадот едни се забавуваат на Баскер-фест, други ја слават победата на ВМРО-ДПМНЕ на предвремените парламентарни збори на 5-ти јуни. Додека трае целата таа еуфорија, на социјалните мрежи се шири страотна вест: тело на мртво момче лежи на скопскиот плоштад, во близина на МЕПСО. Покриено е со кеси, а околу него се собрани млади луѓе. Полицајци поминуваат во близина на мртвото тело, но никој не му обрнува внимание. Имаат поважна работа. Ја обезбедуваат прославата на ВМРО-ДПМНЕ. Додека Твитер и Фејсбук „експлодираат“ од прашања и информации, од полицијата тврдат дека „таков настан воошто не е пријавен во МВР“. По огромниот притисокот од медиумите, од СВР Скопје во текот на денот за Макфакс соопштуваат дека „четириесетина минути по полноќ, на плоштадот Македонија, пред МЕПСО, од засега непознати причини починало непознато лице на возраст од 23 до 25 години. Момчето било донесено од страна на 4 до 5 лица од плоштадот пред МЕПСО, бидејќи, според укажувањата на сведоците, му се слошило. Повикана е Брза помош и на лице место е констатирана смрт. Според СВР Скопје, првични траги на насилство нема“.

Протести против полициската бруталност

Во деновите што следуваа, почнаа жестоки протести против полициската бруталност. Јавноста немаше никакви информации како починал 22-годишниот Мартин Нешковски. Од МВР стигнуваа штури и нејасни информации. Набрзо истрагата се фокусираше на Игор Спасов, припадник на единицата „Тигри“, кој бил во премиерското обезбедување и наводно го турнал момчето, кое сакало да се качи на бината и да му ја честита победата на Груевски. Полицијата почна да објаснува како припадник на таа единица се нашол во личното обезбедување на премиерот.

„Со наредбата, тој до 24 часот во неделата требало да биде во Куманово“, рече тогашниот помошник-министер за информирање во МВР, Иво Котевски. Според него, не постоела друга писмена наредба со која Спасов бил повикан да дојде во Скопје. По приведувањето во полиција, Спасов пред колегите кажал дека имал усна наредба да дојде на централната прослава во Скопје.
„Но, ние не можеме да го потврдиме или да го провериме тоа бидејќи не постои никаков писмен документ“, изјавуваше Котевски.

Во 2012. година Спасов беше осуден на 14 години затвор за убиството на Мартин Нешковски. Тој за време на целиот судски процес негираше дека го убил момчето, а полицијата ги критикуваше протестите против нејзината бруталоност како мотивирани од опозицијата и без основа, со оглед дека таа си ја завршила работата и дека сторителот е откриен и осуден.

Многу спинови

Но, камчињата на скандалозниот мозаик почнаа да се составуваат по „бомбата 29“ што лани ја објави опозициската СДСМ. По цели четири години на површина излегоа индиции дека полицијата во критичните денови повеќе била зафатена како да го прикрие убиството и сторителот, односно како да си го заштити „угледот“ и како да не ја поремети славеничката атмосфера од изборната победа. Од разговорите се заклучува дека сакаат да ги замолчат медиумските пишувања на таа тема, особено таму каде што „им врви зборот“.

Mazedonien Proteste Jugend Martin Neskoski

„Они можда мислат дека сега им е мајката, истражувачко новинарство да промовираат, ама не мора баш на овој случај“, му вели Јанкулоска на Протогер, со сугестија да зборува со „Нетпрес“. Потоа следуваат спинови дека момчето било зависник од дрога. Јанкулоска го прашува директорот на УБК, Сашо Мијалков кој е убиениот, а тој одговара: „Некој џанкер“.

Таа сугерира дека е добро и тоа да се каже: „Да се спомне дека уствaри имал нарушено здравје...“

Потоа во разговор со Протогер, Јанкулоска вели дека се нервира зошто толку изгубиле на тој случај, а за да ја „испеглааат“ работата, му најавува: „Сега уште некој јак ќе спукаме... Абе, Љубе ни пропадна ради овој!“

Јанкулоска го информира портпаролот на МВР дека „Ивона на вести“ (ТВ Сител) објавила дека „Нешкоски крадел пијачки на шанк, по што полицијата тргнала по него...“, што Котевски го оценува како „идиотски“ пристап. Каков бил пристапот и што навистина се случувало, се очекува да биде обелоденето на некоја од следните прес-конференции на СЈО кое води предистражна постапка за овој случај, а не е исклучено таа да се одржи и денеска.

Бескомпромисен план

Пет години подоцна, овој датум ќе добие уште поголемо значење.Оние кои ги започнаа протестите против полициската бруталност, а потоа и против други индиции за криминално однесување на власта, денеска ќе испорачаат „бескомпромисен план за излез од кризата“.

Mazedonien Proteste Jugend Martin Neskoski

„Шести јуни е датум со силно значење за сите нас, датум со крв врежан во нашите сеќавања. Ден кога сите ние дознавме за свирепоста, бруталноста и способноста на власта да сокрие убиство на Мартин Нешковски. Два месеца неуморно протестираме за слобода, правда и еднаквост. Ширум Македонија, десетици илјади граѓани во последниве 55 дена излегоа на улиците, а можеме само да претпоставиме уште колку има кои поради притисок и закани не смеат да протестираат. Наша прва победа е одложувањето на криминалните избори. Но, два месеца протестираме и против аболицијата на криминалците од власта. Токму тие криминалци не сакаат мирно да се повлечат и да им се суди за нивните злодела. Досега им дадовме доволно време! Дојде часот да ставиме крај на оваа криза“, велат од #Протестирам и Шарената револуција.

Упатуваат повик до сите граѓани да дојдат вечер во 18 часот пред зградата на СЈО, за да се најави крај на криминалното владеење во Македонија.

„Нашето трпение помина. Нема повеќе изговори и бегање од граѓаните кои речиси два месеца, храбро и истрајно се бореа против овој режим. Во понеделник соопштуваме бескомпромисен план за излез од кризата, со цврсти рокови од кои нема отстапувања. Ја повлекуваме црвената линија. Од понеделник одбројуваме“, порачаа од Шарената револуција. На вечерашниот протест ќе бидат присутни и лидерите на сите опозициски партии, за да ги слушнат барањата на Шарената револуција. Потоа се очекува за барањата да расправаат и во највисоките партиски органи, по што ставот ќе го соопштат утре, кога во Македонија по трет пат доаѓа и специјалниот пратеник на Германија, Јоханес Хајндл. Тој од утре ќе има поединечни средби со партиските лидери. Неизвесно е дали ќе успее „четворката“ да ја собере на иста маса, со оглед дека опозицијата најави дека нема да прифати никакви разговори, се‘ додека претседателот Иванов не ја повлече аболицијата целосно.

Реклама