Пендаровски во Брисел: ЕУ бара процесуирање на повеќе случаи на висока корупција | Северна Македонија | DW | 27.04.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Пендаровски во Брисел: ЕУ бара процесуирање на повеќе случаи на висока корупција

Претседателот порача дека земјата е подготвена веднаш да седне на преговарачка маса со Бугарија за да се надмине билатералниот спор и да се отвори патот кон ЕУ.

Спорот со Бугарија, поради кој С.Македонија не може да ја одржи првата Меѓувладина конференција со ЕУ и покрај позитивната одлука за почеток на преговори донесена пред повеќе од една година во ЕУ, се најде во фокусот на денешните разговори меѓу претседателот Стево Пендаровски и високите челници на ЕУ на средбите во Брисел. Пендаровски порача дека земјата е подготвена веднаш да седне на преговарачка маса со Бугарија за да се надмине билатералниот спор и да се отвори патот кон ЕУ. На средбите во ЕУ станало збор и за реформскиот процес во земјата. Пендаровски укажал на напредокот во борбата против корупцијата, пресудите против високи функционери и процеси против припадници на владејачката партија. Но, ЕУ бара да за засилат напорите во борбата против случаите на висока корупција во Северна Македонија.

„Известив за најновите случувања во таа смисла, за процесуирањето на неколку т.н. високи случаи на корупција, дури и на функционери од сегашната политичка постава, структура на власт, што беше поздравено, бидејќи се случува практично за прв пат во историјата на нашата држава. Меѓутоа тие побараа да се удвојат напорите во борбата против случаите на висока корупција. Тоа е забелешка која што ни ја кажуваат со години наназад и немаме уште многу време за да можеме, нашето реформско и проевропско досие во таа смисла да го дополниме“, вели Пендаровски.

Спорот со Бугарија

Пендаровски во текот на денот имаше средби со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, шефот на дипломатијата на ЕУ, Јозеп Борел, претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли, еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, со комесарот за соседство и проширување, Оливер Вархеји, со специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина и за други регионални прашања на Западен Балкан, Мирослав Лајчак, како и со европратеникот и известител за Северна Македонија, Илхан Кјучук.

-повеќе на темата: Позицијата на Софија кон Скопје останува иста

Во однос на спорот со Софија, Пендаровски истакна дека изборите во Бугарија завршија без јасен победник и веројатно ќе има нови избори во јули, до тогаш ќе има само техничка влада која нема легитимитет да носи одлуки. „Ние сме подготвени уште денес да се вратиме на масата, рече претседателот, но со познатите црвени линии во преговорите“, вели македонскиот претседател.  За него е неопходно сега да се идентификува соговорник од бугарска страна, без разлика дали станува збор за поединец, институција или влада.

Пендаровски се заблагодарил за помошта од ЕУ во испораката на вакцини преку Австрија која ќе започне од месец мај и се до август. Над 650 илјади вакцини на Фајзер треба да пристигнат за здравствените и есенцијалните работници во целиот регион. За шефот на државата оваа помош во услови кога ниедна земја членка на ЕУ не постигнала повеќе од десет отсто целосна имунизација на своето население е знак дека ЕУ го третира Западниот Балкан како интегрален дел на своето семејство.

Отстранување на пречките

Европската перспектива на земјата, реформската агенда и справувањето со Ковид-19 главни теми на денешните средби на претседателот Стево Пендаровски со потпретседателот на Европската комисија и висок претставник за надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, Жозеп Борел и со претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли во Брисел.

-повеќе на темата: Австрија апелира Бугарија да ја тргне блокадата кон С. Македонија

На средбата со Борел, Пендаровски, како што информираат од неговиот кабинет, истакнал дека во изминатиов период С. Македонија покажа политичка зрелост и максимален фокус во остварувањето на нејзината европска перспектива. Нагласувајќи дека интеграцијата на земјата е во интерес на стабилноста, безбедноста и просперитетот на целиот регион, претседателот додал дека е неопходно ЕУ да ја динамизира својата улога, што ќе се одрази позитивно врз севкупните политички процеси, реформската агенда и врз оптимизмот во општествата на земјите од Западен Балкан.

Претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли по средбата со македонскиот претседател Стево Пендаровски во Брисел, на Твитер објави дека повторил силната поддршка на Европарламентот за почеток на преговорите за членство на С. Македонија во ЕУ. „ Одлична средба со Стево Пендаровски. Ја повторив непоколебливата поддршката на Европскиот Парламент за процесот на пристапување на Северна Македонија. Клучно е да се отстранат пречки за преговорите да започнат. Испораката на вакцини од ЕУ и Австрија е одличен сигнал во пресрет на ова“, напиша Сасоли на Твитер. 

Пендаровски утре ќе оствари средба со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.