Патување во Германија: Прашања и одговори | Панорама | DW | 14.07.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Панорама

Патување во Германија: Прашања и одговори

Патнички предупредувања, ризични региони, задолжителна изолација: за многу наши читатели, правилата за влез во Германија остануваат нејасни. Ви нудиме одговори на дел од најчесто поставуваните прашања

Во рамките на ЕУ границите се отворени веќе извесен период и граѓаните слободно се движат низ територијата на земјите-членки. Туристи од одредени трети земји можат да влегуваат и во Германија. На сите им се советува да ги проверат последните информации пред да ги спакуваат куферите. Но она што важи на територијата на ЕУ честопати не важи и за Германија, и обратно.
Во изминатиот период на оваа тема добивме и бројни прашања од нашите читатели на социјалните мрежи. Во продолжение се обидуваме да ви дадеме одговор на најчесто поставуваните.

Прашање 1

Листата на држави од кои е дозволен влез во Германија постојано се менува. Каде можам да ги најдам последните информации?

Во принцип, германското Министерство за внатрешни работи е одговорно за регулативата за влез во Германија. На неговата интернет страница патниците можат да ги пронајдат сите актуелни информации, вклучително и на англиски јазик.

Дополнително, на патниците им се препорачува да ги консултираат и интернет-страниците на германското Министерство за надворешни работи и на сојузната полиција, како и на покраините во кои патуваат.

Досега, немаше ограничувања за влез во Германија за граѓани на ЕУ и на државите кои му припаѓаат на Шенген режимот. Жители на трети земји во моментов смеат да влегуваат во Германија само доколку имаат валидна причина. ЕУ усвои листа од 14 држави на чии граѓани им беше дозволен влез од 1 јули годинава, но Германија прифати само 11 земји од таа листа. Во моментов тоа се Австралија, Грузија, Канада, Црна Гора, Нов Зеланд, Тајланд, Тунис и Уругвај. За Кина, Јужна Кореја и Јапонија ограничувањата ќе бидат укинати откако и тие земји ќе им дозволат на германските државјани да патуваат кај нив.

Прашање 2

Под кои услови можам да влезам во Германија од земја за која важи забраната за влез? Постоја ли исклучоци и кои се тие?

Листата на исклучоци од забраната за влез во Германија е долга. Германското Министерство за внатрешни работи состави правилник за сите оние кои имаат валидна причина за патување и смеат да влезат во Германија. Сите информации можете да ги најдете на следниот линк.

Прашање 3

Како да дознаам дали треба да одам во карантин доколку влезам од трета земја, и каде ќе треба да го минам карантинот? Можам ли да избегнам карантин со негативен тест на коронавирус?

Во принцип, само оние кои влегуваат од трети земји кои Институтот Роберт Кох ги смета за ризични мора да одат во изолација, односно карантин. Листата на овие земји постојано се ажурира, а се прави врз основа на бројот на новозаразени во секоја држава и други параметри утврдени од германските здравствени власти. Северна Македонија во моментов е на таа листа, заедно со сите други земји од Западниот Балкан, со исклучок на Црна Гора. Специфичните услови за карантин или изолација ги утврдува секоја сојузна покраина поединечно, и за нив е најдобро да се информирате во покраината во која планирате да патувате. Препораките на одделните покраини и други корисни информации можете да најдете на следниот линк.

Но, дури и да доаѓате од ризична земја, можете да избегнете задолжителен карантин доколку приложите негативен тест на коронавирус не постар од 48 часа во моментот на влегувањето во Германија. Доколку немате таков тест на располагање ви остануваат две опции. Да се тестирате веднаш на аеродромот во Германија: такви можности засега нудат франкфуртскиот и минхенскиот, а тестот ќе ве чини 139 евра на првиот и 190 на вториот. Втората можност е веднаш кога ќе пристигнете во изолација да направите тест во некоја здравствена институција.

Доколку транзитирате не ви е потребен тест ако немате симптоми на коронавирус.

Прашање 4

Доколку сум позитивен и морам да одам во карантин, каде можам да се сместам и кој ќе плати за тоа?

Резултатите од брзиот тест на аеродром им се испраќаат на патниците за неколку часа. Доколку тестот е позитивен, здравствените власти автоматски се информираат, а 14-дневниот карантин е обврзувачки. Надлежните здравствени власти ќе ве контактираат и ќе ви дадат упатства како да постапувате. Почитувањето на карантинските мерки ги следат локалните власти. Доколку ги прекршите правилата може да се соочите со казна и до 10,000 евра.

Оние кои ќе влезат во Германија без тест мораат веднаш да одат во карантин, доколку е можно, во нивниот стан или друго адекватно сместување. Во таков случај, локалните здравствени власти одлучуваат што е „адекватно сместување“. Не постојат конкретни препораки за типот на сместувањето.

Дополнителните трошоци со кои би се соочиле доколку морате да останете во хотел или да посетите лекар, нема да ви бидат покриени од германската влада. Но доколку имате меѓународно здравствено осигурување, тоа би можело да ги покрие трошоците.

Прашање 5

Сакам да влезам во Германија: Дали законот прави разлика меѓу земјата од која влегувам и моето државјанство?

Во овој случај, дали ќе можете да влезете во Германија зависи од тоа дали имате валидна дозвола за престој или виза за Германија или за Шенген зоната. Притоа, местото на престој или долготрајниот престој има приоритет над националноста. На пример: Австралијанец кој живее во Нигерија сака да патува во Германија. Австралија е на „позитивната листа“, но Нигерија не е. Така што Австралијанецот не може да влезе во Германија без валидна или ургентна причина. Од друга страна, Бразилец кој живее во Белгија може да влезе во Германија без никаков проблем.

Прашање 6

Што ќе се случи доколку сакам да влезам од земја за која Германија издаде предупредување за патување? На пример, Македонец од Северна Македонија. Германија препорача да не се патува во оваа земја. Можам да влезам во Германија или ќе бидам вратен?

Генералното предупредување за патување во сите земји надвор од ЕУ и Шенген зоната останува во сила до 31 август. Но, ова предупредување се однесува за германските државјани кои сакаат да патуваат надвор од земјата, и не е директно поврзано со влегувањето во Германија. За влез во Германија пресудна улога има листата на ризични земји која ја изработува Институтот Роберт Кох (види погоре).

Прашање 7

Земјите-членки на ЕУ имаат различен пристап кон влезот од трети земји. Можам ли да го искористам тоа? На пример, да влезам во Грција и оттаму да отпатувам во Германија?

Внимавајте со таквите планови. Секоја ЕУ членка може да донесе различни ограничувања. Доколку успешно сте влегле во Грција, тоа не значи дека автоматски ќе можете да продолжите со патувањето кон Германија- освен доколку немате дозвола за престој во Шенген зоната или поседувате виза. Затоа, пред да се одлучите на такво патување, дознајте точно какви се правилата за влез. Доколку имате дополнителни прашања, најдобро е да ја контактирате релевантната амбасада во Германија.

DW.COM

Реклама