Пандемија на осиромашување | Северна Македонија | DW | 24.04.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Пандемија на осиромашување

Повеќе од здравствена, оваа криза за слаби економии како нашата веќе турка еден огромен, мнозински дел од нашата популација и земја, од состојба на прекаријат, во состојба на старо-нова сиромаштија. Пишува Ивор Мицковски

Универзалниот карактер на пандемијата предизвикана од коронавирусот, која се движеше индиферентно и непристрасно во високите и ниските општествени слоеви, помеѓу елитите и обичниот работен народ, придонесе за создавање на едно чувство на општа солидарност или во најмала рака едно чувство на споделување, на изедначеност пред заедничката опасност за која на почетокот мислевме дека ќе создаде досега невидена општествена кохезија.

Наликуваше како одеднаш дека сите сме станале еднакви, бидејќи сите подеднакво бевме изложени на истата човечка слабост и кршливост, еднакво заробени пред истата импотентност предизвикана од злото на вирусот.

Во реалноста тоа заедничко чувство и тој дух на „сите сме во истиот чамец“ произлегуваше од стравот и од природната потреба да ги споделиме со останатите нашите стравови и нашите грижи, да не се чувствуваме осамени и напуштени пред нападот на вирусот и изолацијата која ни беше наметната.

Сите изгубени блискости, со семејството, со пријателите, дружбите и односите на човек со човек – очи во очи, беа заменети со утехата дека сите живееме во исти услови, како одеднаш сите општествени, социјални, економски или според статус нееднаквости да престанале да важат.

Претходни колумни од авторот:

Граѓаните и политиката контра науката: еве зошто мислиме дека знаеме сѐ

Германија ќе ја води Европа или ќе биде дел од нејзината пропаст

Европа поделена на „север и југ“ опасно танцува на чекор од амбисот

Нагло отрезнување

Но, како производ на паниката и на генералната конфузија, таквата утешителна (само)нарација не можеше да издржи пред тестот на реалноста. Нагло и набрзина се отрезнуваме дека дури и во општество навикнато на постојани општествени кризи и историска сиромаштија, секоја, дури и поново стекната општествено-економска рамнотежа, одеднаш почнува да чкрипи. Општественото ткиво веднаш почнува да пука по своите шевови, внатрешните и длабоко напластените внатрешни контрадикции почнуваат да експлодираат пред очите на секој поединец, правејќи ја дури и прифатената нормалност, застарена и горчлива.

Видовме во последната деценија дека режимизацијата и економската криза која произлегуваше пред се од масовната партизација, недомаќинското трошење, криминалот и корупцијата, клиентелизмот и непотизмот, како создадоа речиси непоправливи фрактури меѓу сите категории и слоеви на граѓани, и дека на веќе постоечките нееднаквости, преку политичко-економски инженеринг, нееднаквоста и осиромашувањето пред сѐ се трансформираа во една исклученост, ако не и тотална алиенација на човекот. Тие болести кои ни оддалеку не се излечени, недоволно метаболизирани од системот кој бавно тргна на пат на подобрување, сега, заедно со здравствената криза која брзо се трансформира во економско-социјална драма, ризикува повторно да не втурне во нова и уште подраматична спирала на осиромашување.

Старо-нова сиромаштија

Поточно, повеќе од здравствена оваа криза за слабите економии како нашата веќе турка еден огромен, мнозински дел од нашата популација и земја, од состојба на прекаријат, во состојба на старо-нова сиромаштија.

Народот во малата Македонија, оној надвор од клинтелистичките шеми, насила го прифати прекаријатот како нова форма на пролетаријат. И кај нас се промени морфологијата на пазарот на трудот, каде со децении постарите излегуваа од достоинствена работа и труд како млади, а младите едвај влегуваа во пазарот или влегуваа предоцна. Со руинирана индустрија зависна од застарени погони и ситни, парцијализирани производни процеси, без речиси никакви иновации и инвестиции, со мали делови од новите генерации турнати нагоре благодарение на новата економија, но и огромен дел од младата популација турнати низбрдо, повеќето останаа без надежи за кариера или пензија, истиснати од системот или избркани надвор од родната земја во потрага по подобар живот.

Престанокот на работата на многу бизниси и микро бизниси, дткавото работење на бројни самостојни вршители на дејност, дури и оние кои преживувале низ некаква сива економија, а да не збориме за невработените, одеднаш, најпогодените ги стави пред уште поголема несигурност и непредвидливост, и тука зборуваме за луѓе кои до вчера се чувствувале како стабилен дел од продуктивниот сталеж во државата.

Големи жртви и последици

Во отсуство на официјални статистички податоци за обемот на економската активност во последните два месеца, некои индикатори, како на пример, фактот дека 70 проценти од граѓаните прифатиле одложување на ратите за кредитите, или, пак, намалување на движењата на луѓето до работните места за дури 82 проценти, упатуваат на сериозни последици врз економијата, а со тоа и на големи жртви и последици за семејствата.

Податоците од Центрите за вработување покажуваат зголемување на бројот на граѓани кои активно барале работа во март, што упатува на заклучок дека пораснал бројот на отпуштени работници.

Според анкетата на Фајненс Тинк, 76% од испитаниците одговориле дека компанијата во која работат е погодена од кризата. Фирмите во оваа ситуација се соочиле со пад на прометот и затворање на капацитетите, додека  работниците се соочуваат со намалување на платата.

Состојбата кај самовработените и микро бизниси е дополнително критична. Дури 90% од нив се погодени од кризата, додека поради ограничениот извоз фирмите имаат проблем и како да ги пласираат своите производи, како и да набават материјали. Од вработените пак – 25% изјавиле дека им ја намалиле платата, а 10% добиле отказ.

Со намалување на платите и приходите, кои во просек можеме да ги сведеме на минималецот, односно на ниво на прекаријат, неминовно ќе се стесни и потрошувачката, со што пак спиралата на генерално осиромашување се заканува да ја задуши земјата.

Пад на економијата

Неколку дополнителни бројки даваат слика за драматичноста. ММФ ја ревидираше својата прогноза за движењето на македонската економија за 7,4 процентни поени надолу, од што произлегува дека во апсолутен износ, нашиот бруто домашен производ ќе загуби околу 890 милиони евра од својата вредност годинава, како последица на кризата од корона вирусот.

Сепак, според проценките на Фајненс Тинк најголем пад на економијата се очекува во вториот квартал за кога се проектира намалување на БДП од -12,7%. Министерството за финансии пак за истиот тој период предвидува дека падот на БДП ќе достигне околу -15%. Управата за јавни приходи објави дека приливите од даноци и придонеси се драстично намалени, и тоа дека минатиот месец во државната каса се слеале 12,3% помалку пари, додека, пак, во првите две недели од април, забележано е речиси тродуплирање на дупката од дури 38,2%.

Пресметките на ММФ покажуваат дека во буџетот ќе фалат 727 милиони евра годинава, што значи дека буџетскиот дефицит ќе се искачи на 6,5% од БДП. Според ММФ, јавните приходи ќе се намалат за 14,8% во однос на првично планираниот буџет. Ова се драматични бројки кои ќе мора да се надополнат со домашно и странско позајмување, но сепак се далеку од катастрофичните и дефетистички проценки на лидерот на владејачката партија Заев, дека буџетот ќе остане со дупка од над 2 милијарди евра.

Поради нашата фамозна статистичка неспособност и неажуирираност тешко е да се прават проценки колку сиромаштија ќе прогредира во едно општество каде сиромаштијата е ендемска. Но, знаеме дека невработените во дадената ситуација дополнително губат надеж дека ќе се вработат, додека кај привремено вработените или хонорарците во голем дел е изгубен и тој ограничен приход што го имале. Според анкетата на Фајненс Тинк 64% од испитаниците укажале дека ќе го намалат трошењето на минимум, а 34% укажале дека ќе трошат од заштедите се со цел да ги надминат последиците од кризата.

Растечка нееднаквост

Се ова говори дека здравствената инфекција драматично ќе се трансформира во заразна сиромаштија. И не се доволни бројките за намалените приходи и плати, за растот на невработеноста со цел да дадат слика за општественото осиромашување, тоа пред се ќе ни го долови нееднаквоста, и слабите владини мерки кои најмалку од се ја адресираат оваа структурална проблематика. Тоа што особено загрижува, да го употребам јазикот на францускиот економист Пикети, е што дури и малите земји како нашата, не само што гаат растечка нееднаквост, настрана декларативните политики, туку и ја пропагираат и практикуваат нееднаквоста, во суштина градејќи не само систем на нееднаквост, туку и систем кој ја оправдува нееднаквоста.

Мораме на нееднаквоста да гледаме како на една поширока слика. Едно се општествените и социјалните разлики во едно општество, сосема друго нешто е кога вака драматична криза, веќе постоечкиот диспаритет го претвара во засилена нееднаквост. Ако во криза тоне легалниот пазар на труд и производство, ако си дозволиме да ги нагриземе и оние категории кои сме ги сметале како „средна“ или интелектуална, можеме само да замислиме што им се случува на оние што се последни и претпоследни во нашето општество и кои најчесто преживуваат преку сивата економија или се снаоѓаат работејќи на црно. Ако здравствениот систем речиси се блокира поради кризата од коронавирусот, што ли се случува со болните од други патологии, со оние хроничните, со луѓето кои мора да примаат постојана нега и грижа, а најчесто не ја ни добиваат. Се постави пред некое време и прашањето за нашите затвореници, пренатрупани во нехумани услови, заборавени за време на кризата. Или пак состојбата со нашето и онака пропаднато образование, кое дигитално речиси и да не функционира, со нашите девастирани училишта, со ослабените кадри, со немањето никаква идеја како многу деца и млади утре ќе се вратат во образовниот процес и на какви услови ќе наидат во новонастанатата ситуација.

Игнорирање на гласовите надвор од хорот

Што се однесува до економските мерки на Владата, гледано според самиот обем од двата пакети кој ќе изнесува помеѓу 250-300 милиони евра, што е околу 2,5% од БДП, помошта не е воопшто мала. Тоа што е проблем е што поради слабата практична применливост или лошата системска и структурална поставеност за избавување на најранливите, не можеме да очекуваме дека ќе допринесе за намалување на осиромашувањето или намалување на нееднаквоста.

Не можам, а да не се согласам со универзитетскиот професор Бранимир Јовановиќ кој во овој период на ретка критичка немост пред владините мерки и политики или какафоничното и некомпетентно надвикување кое не демистифицира ништо, е еден од ретките кој кохеретно и константно одржува една јасна економско-политичка линија. Како и со други дисонантни гласови во нашето општество, легитимно е да не се согласите со неговите ставови, но во Македонија сѐ почесто се враќа таа стара навика, да се игнорира или маргинализира секој оној глас кој доаѓа надвор од хорот.

„Владата не направи доволно за да ги заштити работниците и сиромашните во кризава. Ја слушаше само бизнис заедницата и сите мерки кои ги донесе беа по нејзин терк. Последиците се погубни - фирмите можат комотно да си отпуштаат работници и да си добиваат државна помош, работниците кои остануваат без работа добиваат надоместок за невработени само ако се прогласени за технолошки вишок. Министерката за финансии јавно ги повикува фирмите да им ги намалат платите на работницитеза 50%, банките си наплаќаат камати и додека трае кризата, и имаме повисока акциза на горивата, односно даночење на сите, наместо прогресивен данок, односно даночење на побогатите“, е ставот на Јовановиќ.

„Ние отсекогаш сме биле земја со висока невработеност, сиромаштија и нееднаквост, но во последниве години овие индикатори барем почнаа да се подобруваат. Со кризава, односно со несоодветниот владин одговор на неа, и невработеноста, и сиромаштијата, и нееднаквоста повторно ќе почнат да растат, и ќе бидат потребни крупни промени во економско-социјалната сфера во наредниот период за тие пак да почнат да се намалуваат“.

Со други зборови Јовановиќ постојано ги адресира системските недоследности, и верувам дека ако тоа не се разбере во времето на оваа криза, тешко дека ќе се разбере некогаш во иднина.

Вирусот можеби е индиферентен и непристасен, тој не нѐ дискриминира како луѓе, кој повеќе – кој помалку сите сме добри домаќини и пренесувачи. Но, ние како општествени, политички и економски битија не сме еднакви, напротив сме нееднакви. И оваа нерамнотежа која за жал е системска и структурална, ја повикува и апелира до политиката, затоа што политиката е дел од кризата, но е и дел од нејзиното решение.

Да се потсетиме, историски гледано, кризите биле особено важни за намалување на нееднаквостите, но ако тие продолжат и не се правилно адресирани, биле во полето на човековите права или на човековата материјална егзистенција, нееднаквостите ќе станат уште поголеми генератори на кризи од многу поинаква природа.

Солидарноста, хуманоста, филантропијата не се доволни во овој свет кој пребрзо се менува, и кој со себе носи досега невидени економски, политички, социјални, климатски, пазарни или трудови трансформации. Враќањето на велферот како цивилизациски и културен инструмент, ослободен од пазарните логики, тоа треба да е решението за секој оној кој што претендира да се нарекува социјалдемократ.

 

Поврзана содржина

Реклама