Пандемиски главоболки за германските производители во Северна Македонија | Северна Македонија | DW | 22.11.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Пандемиски главоболки за германските производители во Северна Македонија

Трговијата со најмоќната европска економија се опоравува но сѐ уште е далеку од нивото пред пандемијата на Ковид-19. Главен предизвик за германските производители во Северна Македонија е синџирот на добавувачи.

Фабриката кај Кавадарци на германската компанија Дрекслмајер, еден од десетината германски производители со инвестиции во Северна Македонија

Фабриката кај Кавадарци на германската компанија Дрекслмајер, еден од десетината германски производители со инвестиции во Северна Македонија

Проблемите кои ги наметнува пандемијата на Ковид 19 повторно создаваат застои во производството, а со тоа и во трговијата меѓу Германија и Северна Македонија. Алармот го вклучи извештајот за последниот месец од третиот квартал од годинава кој бележи негативни бројки по сите основи. Или конкретно, во септември, вкупната трговска размена помеѓу Северна Македонија и Германија е во минус од 13,9% во споредба со истиот период лани. Извозот во септември е намален дури за 19,5%, или за 55 милиони евра помалку во споредба со истиот период лани кога тој изнесуваше 288 милиони евра.

Минусот е загрижувачки и покрај податоците за пораст на вкупната трговија годинава, која е подобра од лани, но се уште далеку од онаа пред појавата на пандемијата. Според податоците на источниот комитет на германската економија, во периодот јануари-септември вкупната трговска размена помеѓу Северна Македонија и Германија изнесува 3,63 милијарди евра, или безмалку 1 милијарда евра повеќе од истиот период лани. Но анализата на податоците покажува дека повеќе расте вредноста, а помалку обемот на трговијата. Ваквите состојби, а посебно последните движења во септември според германските стопанственици се последица на повисоките цени на репроматеријалите но и застоите во синџирите на набавки:

„Прашањето дека имаме позитивен тренд не е точно, бидејќи во моментов не сме во состојба да го процениме идниот развој. Како тој ќе се одвива зависи од надворешни фактори, како на пример производството во Германија, кое делумно во автомобилската индустрија во моментов се соочува со застој. Исто така ќе видиме што ќе донесе и синџирот на добавувачи.  Доколку во него недостига само еден дел како на пример во моментов што недостигаат полуспроводници ќе имаме застој и прекин во целиот синџир на добавувачи“, изјави за Дојче веле Патрик Мартенс, Директор на Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија

Од отворањето на новата фабрика на германскиот производител Гересхајмер во Северна Македонија

Од отворањето на новата фабрика на германскиот производител Гересхајмер во Северна Македонија

Трговската размена далеку под предпандемиското ниво

Синџирот надобавувачи е клучниот предизвик. Проблемот и натаму е во Кина од каде се уште доаѓаат најголем дел репроматеријали за автомобилската индустрија:

„Извозот од Кина се соочи со застој за време на пандемијата, голем број пристаништа престана со работа, дополнително и блокадата на Суецкиот канал, сите овие фактори придонесоа за застој на трговската размена. Со ова може да се заклучи дека синџирот на добавувачи зависи од многу фактори. Доколку само еден од нив е нарушен, целиот процес на испорака е нарушен и се сочува со  доцнење“, објаснува Мартенс. 

Во вакви услови и не чуди што и натаму трговската размена е далеку од нивото кое беше присутно пред пандемијата на Ковид 19:

„Доколку направиме директна споредба на бројките на извозот помеѓу Северна Македонија и Германија пред пандемијата на првите 3 квартали од 2019 со првите три квартали од 2021, ќе видиме дека имаме пад на трговската размена за 20%. Во меѓувреме имаме нови инвеститори во Северна Македонија или некои од постоечките веќе ги проширија своите капацитети. Во суштина ќе имавме многу поголем извоз, доколку не се случеше пандемијата“, укажува Мартенс. 

Суфицит во трговијата со Германија

Сепак и во вакви услови германските инвеститори ја одржуваат во кондиција македонската економија. Најмоќната европска економија со години е број еден трговски партнер на Северна Македонија, со суфицит на македонска страна:

„Македонија остварува најголем обем на трговска размена со Германија во последните 10 години. За првите три месеци во 2021, вкупната трговија е порасната за 24.3%, извозот е пораснат за 28.3%, а увозот за 11.7%. Билатералната трговска размена секоја година расте во просек помеѓу 10 до 17%, со исклучок на 2020 година. Германија учествува со околу 40% во вкупната трговска размена на Македонија со ЕУ; односно околу 26% во вкупната трговска размена на Македонија со светот“, велат за Дојче веле од македонското министерство за економија. 

Фабриката на германскиот производител Кромберг и Шуберт во Жабени, Битола

Фабриката на германскиот производител Кромберг и Шуберт во Жабени, Битола

Високото ниво на трговска размена е главно резултат на околу десетина големи инвестиции на германски компании кои се присутни во Технолошко индустриските развојни зони во Скопје, Прилеп, Штип и Охрид. Дел од компаниите како „Костал“ и „ОДВ Електрик" во Охрид се со тенденција да пораснат до 80 милиони евра или 2000 вработувања. Податоците од министерството за економија зборуваат за планирани инвестиции во зоните од над 130 милиони евра, што дополнително се очекува да влијае на зголемување на извозот, а со тоа и на трговската размена со Германија. 

Од Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија велат дека е позитивно што голем број од германските инвеститори кои се лоцирани на територија на Северна Македонија, посакуваат проширување на своите производни капацитети. Но за позитивни промени, освен стабилизирање на глобалниот пазар, потребни се и сериозни промени и реформи во повеќе други сектори. За нив германските компании кои се присутни во Северна Македонија постојано укажуваат во нивните годишни извештаи за бизнис климата. Освен правната сигурност, еден од клучните е и квалификуваниот кадар:

„Еден од факторите кои влијаат на овие одлуки е достапноста на стручниот кадар во земјата, но и хармонизацијата на царинските тарифи во земјата со оние во Европската унија. Нивната хармонизација ќе допринесе да дојдат нови инвеститори во земјата и со тоа енормно ќе се зголеми трговската размена. Компаниите бараат стручно едуциран кадар, но ова не е само проблем на Северна Македонија, туку станува збор за глобален предизвик. Голем дел од профилите на кадри кои се потребни на компаниите недостасуваат“, изјави Мартенс.

Расте интересот за дуалното образование

Во насока на промена на состојбите веќе четврта година функционира системот на дуално образование кој добива на популарност:

„Со нашиот проект за Дуално стручно образование придонесовме за едукација на кадар во образовните профили. Конкрето, за техничар за индустриска мехатроника и техничар за производно машинство. Потребата за овие струки ги идентификуваме заедно со потребите на германските инвеститори во земјата. Но пазарот на трудот има потреба и од инженери, електротехничари, сите профили на занаетчии во градежната индустрија, како и експерти за во ИТ-индустријата“, укажува Мартенс.

Системот на дуално стручно образование со децении е присутен во Германија

Системот на дуално стручно образование со децении е присутен во Германија

Освен Делегацијата на германското стопанство, активно учество во системот на дуално образование има и државата. Овој начин на едукација кој со децении е присутен во германското образование во моментов се одвива во неколку општини и средни училишта.

Дополнително што охрабрува на овој план е што расте бројот и на домашни компании кои имаат интерес за учество во овој и слични други проекти поддржани од државните институции. Стопанската комора на Северна Македонија неодамна објави дека дури 200 домашни компании покажале интерес за ваквиот начин на едукација, односно производство на стручен кадар кој е неопходен за македонското стопанство.

 

Поврзана содржина