Пазарењето е да падне Заев | Северна Македонија | DW | 21.07.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Пазарењето е да падне Заев

Првите сигнали за можните коалиции одат во правец да се елиминира Зоран Заев од премиерската функција и да се обезвредни кревката, но значајна победа на СДСМ – БЕСА. Есап без крчмар не се прави. Пишува Ерол Ризаов.

Меѓупартското пазарење по изборите  за состав на коалициона влада и избор на премиер, според првите сигнали, оди во правец да се елиминира Зоран Заев да не биде претседател на владата и да се обезвредни кревката но значајна победа на СДСМ - БЕСА. Есап без крчмар не се прави, а и да се направи не може да се наплати. Па така и влада без победник не бива и да биде бргу ќе падне.

Што значи формирање на стабилна влада како што порачуваат од Брисел, но и од дома и од комишилукот ? Во наредните четири години во време на спроведување тешки реформи кои се предуслов за влез во ЕУ, стабилна влада значи коалициона реформска влада со цврсто мнозинство во Собранието. Тоа е остварливо со партнерство меѓу албанските партии и победникот на изборите, или пак коалиција на албански партии  со опозицијата.

Со оглед на отпорите и попречувањата на ВМРО- ДПМНЕ во сите фази на евроатланските интеграции и искуствата од 11 годишниот режим на Никола Груевски, не би требало да има поголеми дилеми околу коалицијата која треба да ги заврши почнатите работи. Но, тоа е така само навидум. 

Нови избори значат длабока криза

Претстојат тешки преговори кои можат да завршат неуспешно и кои водат кон нови избори и длабока политичка и економска криза во времe на пандемија со доведување во прашање на преговорите со ЕУ, финансиската поддршка што ја имаат земјите кандидати кои се во преговори за редовно членство во ЕУ и што е најлошо, опасност од меѓуетнички конфликти, инциденти и делби кои водат кон хомогенизација на гласачите многу поизразено отколку на овие избори, што ќе ги обезвредни многу повеќе идните, условно кажано, дури и 25 места на ДУИ во парламентот, отколку сегашните 15. Ако се вратат „сите орли во гнездото" како што велат во ДУИ, тогаш неминовно ќе се вратат и сите патриоти во горското началство на ВМРО-ДПМНЕ. 

Повеќе на темата:

-Успехот на ДУИ е голем, но на Алијансата огромен

-Албанскиот проблем на Заев

-Мандатите на ДУИ – предност или хендикеп?

Срамен и антидржавен е односот на Христијан Мицкоски и на ВМРО ДПМНЕ кон победата на Зоран Заев и на СДСМ. Мицкоски влезе во сопствената замка да верува на својата предизборна пропаганда дека ќе извојува голема победа, па откако му требаше да преноќи  ја фрли погрешната јадица на јавноста, но и на ДУИ и Али Ахмети и на Зијадин Села и на својот партиски врв. Почна гласно да ги бои и брои гласовите по етничка припадност. Па така прогласи голема победа во 40 града и села сумирајќи ги саде македонските гласови, отфрлајќи ги албанските.

Тоа е првиот сигнал дека ВМРО- ДПМНЕ повеќе сака нови избори отколку коалиции во кои треба да биде кираџија, со газда Албанец, позиција за ВМРО- ДПМНЕ полоша отколку да се во опозиција. 

Мицкоски и раководството на ВМРО- ДПМНЕ уште не можат да видат дека најголемата грешка е премолчената поддршка кон политиките и злоупотребите на власта во еднодеценискиот режим на Никола Груевски и тешките криминогени злоупотреби. Наместо јасно и гласно да се дистанцираат од корумпираните политичари  давајќи пас на правосудството за фер судење со целосна поддршка на евроатланските интеграции со компромисите  со проблематичните соседи, во ВМРО ДПМНЕ во тоа се уште гледаат предавство и капитулација на земјата, продажба на уставното име, губење на националниот идентитет и јазик, бришење на историјата и присвојување на македонските револуционери, непризнавање на македонскиот јазик како дијалект на бугарскиот...

Како минуваше времето стануваше се појасно дека нема суштинска промена на името Македонија со додавката северна, дека македонскиот јазик не е доведен во прашање, дека никој не го изгубил својот идентитет и дека ниту еден политички договор не може да ја промени историјата. Проблемот е во тоа што и тие што се уште веруваат дека е направено предавство со потпишување на договорите со Грција и со Бугарија дознаа дека и ВМРО ДПМНЕ веќе се согласил да ги прифати тие договори како што се потпишани. Секогаш е опасно седењето на две столчиња, обично се паѓа, особено кога се различни едно за пред светот, друго за по дома.

Ароганцијата на ДУИ и мотивите на Ахмети

Чудовишна е ароганцијата  на челниците на ДУИ и нивните  партиски активности  во напорите за уривање на Зоран Заев и обезвреднување на резултатите на победникот на изборите. Вицепремиерот Бујар Османи задолжен за евроатлански интеграции во македонската влада дури и на меѓународен план, во грчките медиуми соопштува дека ДУИ ќе бира партнер со кого ќе прави коалиција и дека е готова работа со именувањето на Албанец премиер. Ние ќе одлучиме кој ќе влезе во владата што ќе ја формира ДУИ само со 15 седишта во Парламентот. Човек да не може да се изначуди на упорноста со четири пати помалку места од потребното мнозинство да се биде мандатар и да се составува влада.   

Други колумни од авторот:

-Што ќе обновува Мицкоски, а што ќе урива Заев?

-Чукнете во дрво и во глава- ќе има избори

-Каков премиер и каква влада сакаме

Во прва прилика тој пристап на максимален влог без адути во рацете од искомплексирани политичари може да им се врати многу пожестоко. Ароганцијата предизвикува уште поголема ароганција.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети првиот чекор во тој правец го направи веќе утредента по изборите кога соопшти дека прво разговарал со БЕСА предизборниот коалиционен партнер на СДСМ, потоа и со другите албански партии за единство во остварување на максималистичката цел Албанец премиер. Пораката до Заев е четирите пратеници на БЕСА, етнички Албанци, со уште неверификувани мандати можат да завршат во ДУИ, па сега ти види и размисли малку додека си на „одмор.“

Мотивите на Ахмети за елиминација на Заев не се поради напрегнатата и жестока предизборна кампања на која паднаа тешки зборови од двете страни, прво  Заев: „ДУИ оди во опозиција“ и „ДУИ не вреди пет пари“, потоа и Ахмети: „Заев кога ќе се напие две ракии не знае што зборува.“ Причините се многу подлабоки и повеќеслојни. Прво, премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас  се синонимот и дома и во соседството и во светот за компромисот што е направен за да се отстрани блокадата на Македонија кон НАТО и кон ЕУ. Тие со своите храбри и историски одлуки ја презедоа најголемата одговорност.  Заев е личноста која и со Преспанскиот договор и со Договорот со Бугарија ги доби најголемите признанија во светот и најжестоките критики и сатанизација, дома жигосан  како непријател и преставен како предавник кој ја потпишал капитулацијата на Македонија и бришење на сопствената историја и македонскиот идентитет, уставното име  и македонскиот  јазик.  

ДУИ и Али Ахмети  за овие политики не беа изложени  на удар од својата опозиција, ниту пак од ВМРО- ДПМНЕ како што беа изложени СДСМ и Зоран Заев. Во предизборната кампања Али Ахмети без големи пречки сите заеднички успеси со СДСМ и пред се со Заев си ги припиша себе си и на ДУИ: ако не бевме ние ќе ги немаше ни Преспанскиот договор, ни  договорот со Бугарија, ниту пак ќе бевме членка на НАТО, ниту ќе почнеа преговорите со ЕУ годинава. Премногу самобендисаност дури и за еден воен командант преоблечен во костум, во потрага по слава како суетен салонски  политичар.

Инат, патриотизам и сеир

Али Ахмети има уште еден силен мотив да го тргне Заев од политичката сцена, а тоа се симпатиите и прврзениците  кои ги стекна Заев кај Албанците  со направените компромиси остварувајќи ја програмската определба на социјалдемократите Едно општество за сите.

Ахмети кој, исто така, се претставува како социјалдемократ успесите на планот на развој на демократските процеси и во учеството за состав на владата, заземање на водечки и значајни  функции во сите институции на системот, во парламентот, во министерствата , во судството, во јавните државни компании, во образованието, во здравството, во културата, двојазичноста, во реализација на Охридскиот договор и промената на уставот ги прикажа како извојувани победи, небаре во војна. Никогаш не изустил ни збор ни на албански, ни на македонски, ни на било кој друг јаазик дека е тоа заедничка  политичка цел која не е можна без компромиси и меѓусебна толеранција што на Балканот, па и во цела Европа во вакви ситуации не е ниту лесна, ниту  едноставна работа.

Успесите од 18 годишната поделба на власта на ДУИ се потрошија во скандали и корупција и перманентен пад на поддршката кај Албанците. Тоа не можеше да се надомести само со вообичаени предизборни ветувања. Затоа беше добредојдена доктрината Албанец премиер лесно леплива парола која веќе по изборите со освоените само 15 од вкупно 120 места колку што има во Собрането претставува силен притисок  врз другите албански политички партии и лидери со голема изгледност ако не се согласуваат да бидат прогласени за предавници.

Али Ахмети се увери во големата опасност за иднината на ДУИ, особено по одличните резултати на опозициските албански партии, особено на коалицијата Алијанса и Алтернатива  кои и покрај победата на ДУИ заедно со БЕСА и со ДПА имаат повеќе пратенички места.

Позицијата на Али Ахмети која ја обзнани непосредно пред изборите дека посакуван партнер за коалиција е СДСМ треба да ја надополни со Зоран Заев премиер и Насер Зибери вицепремиер и се разбира со широко отворени врати за други коалациони партнери кои исто така имаат јасни и цврсти евроатлански програмски определби. Остварувањето на реформите од 35 или 36 поглавја кои се пресудни за редовно членство во ЕУ ги содржат сите барања и на Албанците и на Македонците и на сите граѓани припадници на етничките и верските заедници кои живеат во Македонија и ја чуствуваат како своја татковина. Нарушувањето на коалицијата од праведната страна на историјата може да ги доведе во опасност креаторите на непотребни уцени, пазарења и авантуристички трикови. Во европската иднина на Македонија  се содржани сите побарувања. Одработете го тоа чесно и ќе го добиете тоа што го сакате.

Со ваков инат, патриотизам и сеир нигде нема да стасаме. Се чмае со векови на Балканот.

 

Реклама