Падна косовската влада | Свет | DW | 10.05.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Падна косовската влада

Мнозинството пратеници во косовскиот парламент ѝ изгласаа недоверба на владата на премиерот Иса Мустафа. Се очекува да бидат свикани предвремени парламентарни избори

Косовската влада го загуби мнозинството во парламентот со што се отвора можноста за одржување предвремени избори во земјата. Владата на премиерот Иса Мустафа го загуби гласањето за доверба откако 78 пратеници во 120-члениот парламент гласаа против. Опозицијата ја обвинуваше владата дека не е способна да ја спроведе својата програма и да донесе важни закони.

Владата долго беше блокирана поради неможноста да обезбеди мнозинство во парламентот за договорот за демаркација на границата со соседна Црна Гора, и покрај притисокот од владата на САД.

Владата не успеа да обезбеди доволна поддршка за договорот кој беше потпишан уште во 2015 година, па Мустафа мораше да го повлече минатата година.

Опозицијата тврдеше дека Косово, со договорот, губи дел од својата територија, тврдење кое владата и експертите го отфрлаат.

Spannungen zwischen Servien und Kosovo (picture-alliance/AA/Kosovan Prime Ministry)

Косовскиот премиер Иса Мустафа

Мустафа е лидер на Демократската лига на Косово и наследник на Ибрахим Ругова. Неговата партија беше помал коалициски партнер на Демократската партија на Хашим Тачи во владата. Мустафа ја презема премиерската функција како дел од договорот за меѓусебна поддршка со која Тачи беше избран за претседател на државата. Според информациите од Приштина, не сите пратениците на Демократската партија на Тачи го поддржале падот на владата.

Освен проблемот со демаркацијата на границата со Црна Гора, косовската влада се соочуваше со големи проблеми и недоразбирања и поради прашањето на судењето на осомничените воени злосторници и основањето на новиот меѓународен суд за таа намена.

Реклама